30.8 C
Скопје
24 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Македонија опколена со пожари: Огнот пред Палиград, нова опасност се приближува од Србија

Осум пожари остануваат активни низ Македонија по ден во кој биле регистрирани 31 пожар на отворен простор, додека нова опасност се појавува од север, каде голем пожар на територијата на Србија се приближува кон македонската граница и веќе предизвикува густ чад над Липково и Куманово.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов ја оцени состојбата како алармантна поради високите температури и отсуството на дожд во прогнозите за следните денови.

„Добро е тоа што немаме загинати или повредени и нема изгорени куќи. Состојбата е алармантна, високите температури продолжуваат и денеска и во наредните денови“, рече Ангелов.

Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 7:30 часот утринава биле регистрирани 31 пожар, од кои 23 се изгаснати, а осум остануваат активни.

ПОЖАР ОД СРБИЈА СЕ ПРИБЛИЖУВА КОН ГРАНИЦАТА

Дополнителна загриженост предизвикува голем пожар на територијата на Србија.

Кире Михаилов преку социјалните мрежи предупреди дека пожарот се движи од правец на српското село Трнава кон селото Стража во Општина Липково, над граничниот премин Табановце.

Според неговите информации, густиот чад веќе зафатил голем дел од Липковско, делови од Општина Арачиново и се чувствува во Куманово.

Михаилов апелира пожарот да биде ставен под контрола пред огнот да се доближи до македонска територија.

Засега нема официјална информација дека пожарот ја преминал државната граница.

ОГНОТ ДОЈДЕ НА СТОТИНА МЕТРИ ОД ПАЛИГРАД

Една од најкритичните точки утринава е пожарот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над Вражале, на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково.

Според Ангелов, пожарот над Палиград се приближил на околу стотина метри од последните куќи.

Во гаснењето утринава биле вклучени три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Друг пожар е активен во Студеничани, од селото Цветово кон стариот пат за Елово, каде горат ниска вегетација и ниска шума.

СПРЕЧЕНА ТРАГЕДИЈА КАЈ БОНЧЕ

Критично било и кај прилепското село Бонче, каде пожарот се заканувал да ги зафати куќите.

Доброволни пожарникари од Битола и Кочани биле распоредени на огнената линија во текот на ноќта и успеале да го спречат ширењето на пожарот кон селото.

„Ако не беа тие, огнот сигурно ќе преминеше во селото и ќе имавме страшна глетка. Избегната е голема трагедија“, рече Ангелов.

Неколку доброволни пожарникари од Битола вдишале чад, според неговата изјава.

Во интервенцијата биле вклучени и професионални пожарникари од Прилеп и Кавадарци, а на терен била присутна и Итната медицинска помош.

ГОРИ И ВО КИЧЕВО, ВРАПЧИШТЕ, МАВРОВО И ЖЕЛИНО

Активен пожар има и во месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица во Општина Македонски Брод, каде се зафатени ниска вегетација, грмушки и нискостеблеста шума.

Во месноста Дарда кај кичевското село Тајмиште гори високостеблеста букова шума.

Мешана шума е зафатена меѓу Ломница и Ѓурѓевиште во Општина Врапчиште, додека кај Церово во Општина Маврово и Ростуше горат ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Активен пожар има и во Општина Желино, каде се зафатени ниска вегетација и папрат.

Надлежните предупредуваат дека ризикот останува висок поради жешкото и суво време и апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни со активности кои можат да предизвикаат пожар на отворено.

Related posts

Џафери: Има време да се заменат документите до избори

admin

Алиу и Шимун разговараа за зајакнување на здравствената соработка и ЕУ интеграциите

admin

ШТАЈНМАЈЕР: МЛАДИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ИДНИНАТА ЈА ГЛЕДААТ ВО ЕУ

ninja

Мерц и Шолц: Пакт против миграцијата во Германија?

admin

НАТО за Шпанија: Нема механизам за исклучување членки

admin

Трамп ја претвори Овалната соба во златна палата – интернетот реагира 

admin