20.8 C
Скопје
11 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

По 20 години чекање стартува Скопје-Блаце: Курти и Мицкоски заедно на камен-темелникот

Северна Македонија во средата ги почна работите на околу 10 километри од автопатот Скопје-Блаце, проект кој со години се одложуваше и треба да ја подобри патната врска со Косово и да го скрати патувањето меѓу Скопје и Приштина.

Премиерот Христијан Мицкоски и косовскиот премиер во технички мандат Албин Курти присуствуваа на поставувањето на камен-темелникот, заедно со владини претставници и лидери на албанската коалиција ВЛЕН.

Мицкоски почетокот на работите го оцени како историски момент по повеќе од две децении чекање.

Тој рече дека автопатот ќе го олесни движењето на луѓето и стоките, ќе ја зголеми трговската размена и ќе ја подобри економската поврзаност меѓу Северна Македонија и Косово.

Според Мицкоски, проектот е дел од поширок инвестициски циклус во патната инфраструктура, кој ги опфаќа и делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Букојчани-Кичево, Кичево-Охрид и Прилеп-Битола.

Курти рече дека автопатот Скопје-Блаце треба да се гледа како дел од поширока мрежа што ги поврзува двете земји и регионот со европските коридори.

Според него, трасата вклучува пет тунели, осум мостови и четири галерии и е дел од европската транспортна мрежа ТЕН-Т.

Курти го спомена и проектот Призрен-Тетово преку тунел, како и железничкото поврзување, како инфраструктурни проекти што треба дополнително да ги приближат двете земји.

„Овие проекти се огромни мостови на развој, соработка и приближување меѓу нашите граѓани“, рече Курти.

Тој упати и посебна благодарност до коалицијата на албанските партии во Владата на Северна Македонија за придонесот во проектите што, според него, им служат на граѓаните и на соработката меѓу двете земји.

Копретседателите на ВЛЕН, Билал Касами и Изет Меџити, почетокот на работите го претставија како реализација на еден од приоритетите на коалицијата.

„Скопје-Блаце е еден од резултатите што покажуваат дека големите проекти можат да станат реалност“, рече Меџити.

Првиот вицепремиер Беким Сали рече дека автопатот ќе ги приближи Скопје и Приштина не само физички, туку и економски.

„Од денес Македонија и Косово ќе бидат поблиску едни до други“, рече Сали.

Почетокот на изградбата отвори и политичка пресметка околу заслугите и цената на проектот. ДУИ, која сега е во опозиција, тврди дека проектот бил започнат во време на нејзиното учество во власта и ја обвини ВЛЕН дека го одложила за две години и го поскапела за околу 30 милиони евра.

ВЛЕН, од друга страна, почетокот на работите го претстави како резултат на сопствениот ангажман и на актуелната Влада.

Надвор од политичките препукувања, автопатот се смета за една од клучните инфраструктурни врски меѓу Северна Македонија и Косово, со оглед на интензивното движење на граѓани и трговската размена меѓу двете земји.

Related posts

Анкета на ИРИ за Западен Балкан: Силна поддршка за членството во ЕУ, нападите на Русија врз Украина се неоправдани

admin

Жени живееле во страв: една година траела серијата напади во кумановските села

admin

Ноќва почнува летното сметање на времето, часовниците се поместуваат еден час нанапред

admin

Франција предлага нова ЕУ дипломатија: Поголема моќ за Каја Калас

admin

Од максимум бодови за ДКСК, до осомничена за „Адитив“

admin

Што сè може да влезе во истрагата за Државна лотарија?

admin