Црна Гора е најнапредната земја кандидат за членство во Европската Унија според бројот на отворени и привремено затворени преговарачки поглавја, додека Северна Македонија останува меѓу кандидатите без отворено поглавје, покажуваат податоците на Европската комисија.
Според податоците ажурирани на 14 јули 2026 година, Црна Гора ги има отворено сите 33 поглавја, од кои 18 се привремено затворени.
Албанија, која во последниот период значително го забрза процесот, исто така има 33 отворени поглавја, од кои три се привремено затворени.
Србија има 22 отворени и две привремено затворени поглавја, додека Турција, чиј пристапен процес со години е практично во застој, има 16 отворени и едно затворено поглавје.
Молдавија и Украина имаат по седум отворени поглавја, без привремено затворени.
На дното според оваа методологија се Босна и Херцеговина, Грузија и Северна Македонија, кои немаат ниту едно отворено преговарачко поглавје.
Состојбата е особено впечатлива за Северна Македонија, која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година и со години беше сметана за една од земјите предводници во евроинтегративниот процес на Западен Балкан.
Формалното отворање или затворање поглавја, сепак, не е единствениот показател за напредокот. По воведувањето на новата методологија за проширување, 33-те поглавја се организирани во шест тематски кластери, а процесот зависи и од исполнувањето на политичките и реформските услови.
Во случајот на Северна Македонија, пристапните преговори формално започнаа со првата меѓувладина конференција во 2022 година и беше спроведен скринингот на европското законодавство, но земјата сè уште не го отворила првиот кластер. Следниот чекор е поврзан со исполнувањето на условите од преговарачката рамка, меѓу кои се и уставните измени.
Разликата со Албанија е особено видлива. Двете земји долго време се движеа заедно кон ЕУ, но Тирана го продолжи процесот и ги отвори преговарачките кластери, додека Скопје остана во застој.

