УЕФА презема правни чекори за покренување кривична постапка во Швајцарија против претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, обвинувајќи го за „криминално несовесно управување“ во врска со пропаднатиот план за влез на приватни инвеститори во највредните натпреварувања на светската фудбалска организација, објави Би-Би-Си.
Според документи во кои Би-Би-Си имал увид, УЕФА побарала пристап до докази и документација што планира да ги користи во евентуална постапка во Швајцарија против Инфантино, а можно е таа да опфати и други функционери на ФИФА.
Спорот се однесува на планот за формирање компанија наречена „FIFA Forward Enterprise“ (FFE), преку која удели во комерцијалните права поврзани со машкото и женското Светско првенство и Светското клупско првенство требало да им бидат понудени на приватни инвеститори.
Планот беше повлечен по силните реакции во фудбалскиот свет.
УЕФА тврди дека Инфантино го туркал проектот без соодветни консултации и дека предложената вредност на комерцијалниот бизнис на ФИФА не била независно проверена.
Според документите, инвеститорите требало за 4,2 милијарди долари да добијат траен финансиски удел во комерцијалниот бизнис на ФИФА, што подразбирало проценета вкупна вредност од околу 20 милијарди долари.
УЕФА тврди дека немало отворена конкурентна постапка ниту независна проценка на вредноста и го обвинува Инфантино дека планот можел да биде во корист на него и на тесен круг потенцијални инвеститори, а на штета на ФИФА и нејзините членки.
Европската фудбалска организација сега бара од суд во Флорида пристап до документација што ја поседуваат две компании поврзани со ФИФА – FIFA Americas и FWC2026. Добиените материјали би можеле подоцна да бидат употребени во Швајцарија, каде што е седиштето на ФИФА.
УЕФА наведува дека нејзините 55 национални федерации можеле да претрпат штета од предложениот модел.
Според Би-Би-Си, Инфантино претходно им понудил на 211-те членки на ФИФА по 40 милиони долари доколку го поддржат предлогот за приватни инвестиции во натпреварувањата преку FFE.
Предлогот предизвика сериозен судир меѓу ФИФА и дел од континенталните конфедерации. УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација во отворено писмо го обвинија Инфантино за нарушување на довербата, додека УЕФА претходно се закани и со бојкот на светските првенства доколку планот не биде повлечен.
Инфантино, кој се подготвува да бара четврти мандат на чело на ФИФА во март, сè уште има поддршка од јужноамериканската КОНМЕБОЛ и Африканската фудбалска конфедерација.

