Политичката полемика околу употребата на зборот „талог“ се префрли и во Собранието, каде пратениците од власта и опозицијата влегоа во остри расправии за политичкиот речник, образованието и одговорноста на министрите.
Тензиите се зголемија на седницата за пратенички прашања откако пратеничката на СДСМ Јованка Тренчевска го отвори прашањето за јавната комуникација и однесувањето на министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ.
Тренчевска се осврна на квалификациите што во последниот период се користат во политичката комуникација, меѓу кои „талог“, „мекотели“ и „медиокритети“.
Терминот „талог“ стана една од главните теми во политичката дебата откако премиерот Христијан Мицкоски го употреби во говорот по повод 35-годишнината од независноста, велејќи дека „талогот не смее да ја победи елитата“.
СДСМ оцени дека таквата реторика создава поделби, додека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека во говорот не била именувана опозициската партија и дека нејзините претставници сами се препознале во квалификацијата.
Жестоко и за образованието
Посебна расправа се отвори и меѓу пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска и министерката за образование Весна Јаневска околу состојбата во основното училиште „Киро Глигоров“ во скопската општина Центар.
Лукаревска побара одговорност од министерката поради организацијата на наставата додека трае проширувањето на училиштето и праша зошто градежните активности не биле реализирани за време на летниот распуст.
Јаневска одговори дека Министерството навремено побарало реализација на проектот, но дека одобрението од општинската администрација било добиено по повеќе од два месеци.
„Ако не градевме, ќе нè прашавте зошто не градите, кога градиме велите зошто градите“, возврати Јаневска.
Според министерката, проширувањето треба да заврши за неколку дена, а учениците наскоро повторно да следат настава со физичко присуство.
Спор и за затворените училишта
Лукаревска го отвори и прашањето за 26 училишта за кои рече дека биле затворени и ја праша Јаневска дали сè уште постои идејата дел од објектите да се пренаменат во домови за стари лица.
Прашањето за затворањето или реорганизацијата на училиштата добива дополнителна тежина по објавувањето на резултатите од ПИСА 2025 и податоците за намалувањето на бројот на ученици во земјата.
Јаневска, пак, порача политичарите „да ги тргнат рацете од образованието“, оценувајќи дека образовните прашања не треба да се користат за дневнополитички пресметки.
Седницата покажа дека конфронтацијата меѓу власта и опозицијата, која последните денови се водеше преку партиски прес-конференции и соопштенија, сега се префрла директно во собраниската сала.

