Земјите од Западен Балкан мора да ја зајакнат фискалната стабилност без да ги жртвуваат јавните инвестиции, а предвидливите даночни правила и регионалната соработка ќе бидат клучни за привлекување инвестиции и одржлив економски раст, беше оценето на регионалната конференција „Охрид 2026“.
Сегашни и поранешни министри за финансии, економисти, банкари и претставници на приватниот сектор разговараа за фискалната политика, даночната усогласеност, даночниот јаз и борбата против сивата економија.
Учесниците оценија дека фискалната консолидација треба да биде постепена и стратешка, со зачувување на капиталните инвестиции кои ја зголемуваат продуктивноста и го поддржуваат долгорочниот економски раст.
Одбраната создава нов притисок врз буџетите
Поранешниот хрватски министер за финансии Здравко Мариќ рече дека земјите од регионот се соочуваат со сè потежок баланс меѓу фискалната одржливост и потребата од економски раст.
Според него, дополнителен притисок врз јавните финансии создаваат и повисоките трошоци за одбрана.
„Сите земји сега се под дополнителни притисоци, бидејќи се зголемени и издвојувањата за одбраната. Тоа е дополнителен притисок врз ограничениот фискален простор што го има секоја земја“, рече Мариќ.
Учесниците оценија дека во услови на надворешни шокови владините мерки за поддршка на домаќинствата и компаниите треба да бидат таргетирани, временски ограничени и пропорционални.
За компаниите не е важна само висината на даноците
Посебно внимание на конференцијата беше посветено на даночната предвидливост.
Според учесниците, компаниите не ја следат само висината на даночните стапки, туку и колку често се менуваат правилата и колку е стабилна регулаторната рамка.
Предвидливиот даночен систем, како што беше истакнато, им овозможува на компаниите полесно да ги планираат инвестициите, вработувањата и долгорочните деловни одлуки, а може да придонесе и за подобра наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.
Горан Пекез, извршен директор за корпоративни работи и комуникации во „Japan Tobacco International“, рече дека компанијата минатата година платила 925 милиони евра даноци во регионот, а годинава очекува износот да достигне една милијарда евра.
Според него, компанијата во Северна Македонија учествува со околу шест отсто од вкупните даночни приходи, а во Косово со околу девет отсто.
Тој рече дека приватниот сектор очекува постепени и стабилни даночни политики кои ќе овозможат предвидливост и за компаниите и за државните приходи.
ЕУ-фондовите да се насочуваат кон продуктивни инвестиции
На конференцијата беше посочено дека европското финансирање ќе има сè поголема улога во економскиот развој на Западен Балкан во процесот на приближување кон Европската Унија.
Учесниците оценија дека успехот не треба да се мери само според тоа колкав дел од европските средства е искористен, туку и според економскиот ефект на проектите.
Како приоритети беа посочени инвестициите кои ја зголемуваат продуктивноста, конкурентноста и додадената вредност во економијата.
Борбата против сивата економија останува предизвик
Намалувањето на даночниот јаз и сивата економија беше посочено како уште еден од главните предизвици за јавните финансии во регионот.
Подобрата наплата на приходите, според учесниците, може да создаде дополнителен фискален простор без автоматско зголемување на даночните стапки.
Тоа би им овозможило на владите повеќе средства за инфраструктура, образование и други јавни инвестиции, а истовремено да ја задржат контролата врз дефицитот и јавниот долг.
Регионалната конференција „Охрид 2026“ ја организира Балканскиот економски форум под покровителство на Министерството за финансии, со поддршка од JTI.
Конференцијата е замислена како платформа за дијалог меѓу креаторите на економските политики, институциите и приватниот сектор за јавните финансии, конкурентноста и економската отпорност на Западен Балкан.




