Кинеските производители на возила ја засилуваат офанзивата на европскиот пазар, овојпат со електрични тешки камиони кои треба да им конкурираат на традиционалните гиганти Daimler Truck, MAN, Scania, Volvo, Iveco и Renault.
На саемот IAA Transportation во Хановер, кој трае до 20 септември, кинеските компании претставија повеќе нови електрични товарни возила – од футуристички концепти до модели што се подготвуваат за европскиот пазар.
Нивното присуство покажува дека битката за електрификација на транспортот повеќе нема да се води само кај патничките автомобили.
Следниот голем пазар се камионите.
Големо внимание во Хановер привлекува и финалната европска производна верзија на Tesla Semi.
Електричниот камион треба да почне да се продава во Европа следната година, а посетителите на саемот можеа да го видат и на новата тест-патека за електрични товарни возила.
Но Tesla овојпат не е единствениот предизвикувач на европските производители.
Кинеските компании дојдоа со повеќе модели и технологии со кои покажуваат дека имаат сериозни намери да влезат на пазарот.
Кинески камион што треба сам да вози
Еден од највпечатливите модели е TLX 2036 на кинескиот FAW.
Како што сугерира името, станува збор за концепт кој најавува технологии за наредната деценија, а не за камион кој наскоро ќе се појави на европските автопати.
Производителот не ги објави клучните податоци за моќноста и досегот, но платформата е предвидена за повеќе видови погон – батериски електричен, дизел, plug-in хибрид, природен гас и водородни горивни ќелии.
Камионот има целосен drive-by-wire систем, предиктивна дијагностика и управување со енергијата приспособено на планираната маршрута.
FAW најавува и технологии за автономно возење и таканаречено „platooning“, при што повеќе камиони се движат координирано во конвој.
Уште поамбициозна технологија прикажа Skyworth.
Неговиот Z9, кој ја имаше светската премиера во Хановер, располага со батерија од 400 kWh и е дизајниран за автономно возење од ниво 4.
Тоа значи дека камионот теоретски може целосно да се движи без човечки возач, но само во однапред определени области и услови.
Главната пречка е инфраструктурата, која во голем дел од земјите сè уште не е подготвена за таков транспорт.
Mercedes возвраќа со 500 километри со едно полнење
Европските производители, сепак, не ја препуштаат битката.
Mercedes-Benz го претставува eActros 600, електричен камион наменет за редовен транспорт на долги релации.
Возилото користи три LFP батериски пакети со вкупен капацитет од 621 kWh.
Според Mercedes, со едно полнење камионот може да помине околу 500 километри.
Со соодветна инфраструктура за полнење, производителот очекува дневно да може да минува и до 1.000 километри.
eActros 600 е подготвен и за мегаватно полнење, со кое батеријата би можела да достигне околу 80 проценти за приближно половина час.
BYD не застанува на автомобилите
Меѓу кинеските компании што влегуваат во новата битка е и BYD.
Компанијата во Европа е многу попозната по електричните автомобили и автобуси, но произведува и товарни возила.
Моделот ETH28 е наменет за големи транспортни флоти, а BYD смета дека една од неговите предности е вертикалната интеграција – компанијата сама произведува голем дел од компонентите.
На саемот се појавија и Maxus eDeliver 420L и Foton Cavan C1, дополнително зголемувајќи го кинеското присуство во сегмент кој традиционално го контролираат европски производители.
Но влегувањето на европскиот пазар нема да зависи само од цената или големината на батеријата.
За транспортните компании камионот е средство што мора секојдневно да заработува.
Тоа значи дека кинеските производители ќе мора да изградат сервисни мрежи, логистика за резервни делови и поддршка што може да им конкурира на системите кои Daimler, MAN, Volvo, Scania и другите европски компании ги граделе со децении.
Поевтин камион може брзо да ја изгуби својата предност доколку со денови останува надвор од употреба поради недостаток на резервен дел или сервис.
Најголемиот проблем можеби не е самиот камион
Електричните тешки возила се сметаат за важен дел од декарбонизацијата на транспортот, но преминот од дизел нема да биде брз.
За долги релации се потребни огромни батерии, брзи полначи со голема моќност и инфраструктура способна истовремено да опслужува цели флоти камиони.
Џејмс Видмер, извршен директор на британската Advanced Electric Machines, предупредува дека преминот кон целосно електричен товарен транспорт ќе трае подолго отколку што многумина очекуваат.
Но Хановер веќе покажува каде ќе се води следната голема автомобилска битка.
Кинеските компании прво ја нападнаа европската доминација кај електричните автомобили.
Сега тргнуваат и по камионите.

