Европската комисија подготвува пакет реформи што треба да ја направи Европската Унија способна да прими нови членки без да го парализира одлучувањето, со почеста употреба на квалификувано мнозинство, посилни механизми против назадување во владеењето на правото и појасни патокази за кандидатите што најмногу напреднале.
Според нацрт-предлози за кои пишува European Western Balkans, Комисијата на 6 октомври треба да претстави дел од реформите за функционирањето на проширена Унија, без формално отворање на основачките договори.
Подоцна во октомври се очекуваат и нови пристапни патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, со појасно дефинирани реформи, чекори и можни временски рамки за завршување на преговорите.
За Северна Македонија и кандидатите што се подалеку од членство, фокусот би бил на постепена интеграција – пристап до делови од единствениот пазар, економски придобивки и подлабока политичка соработка додека траат реформите.
Помалку едногласност, повеќе квалификувано мнозинство
Една од најголемите промени што ги разгледува Комисијата е намалување на зависноста од едногласното одлучување.
Брисел сака почесто да се користи квалификувано мнозинство таму каде што постојните договори го дозволуваат тоа, особено во надворешната политика, одбраната, санкциите и проширувањето.
Тоа би се правело преку таканаречените премостувачки клаузули, со кои може да се промени начинот на одлучување без целосна ревизија на европските договори.
За земјите што стравуваат дека лесно би можеле да бидат надгласани, би постоела и „итна сопирачка“, преку која особено чувствителни прашања би можеле да бидат префрлени на ниво на лидерите на ЕУ.
Новите членки можеби привремено без целосно вето
Предлогот оди и чекор понатаму.
Според изворите цитирани од European Western Balkans, идните членки би можеле во ограничен период по пристапувањето да прифатат ограничувања на нивното право да блокираат одлуки во области каде денес е потребна едногласност.
Таквото ограничување би било привремено и би било вградено во политичките или правните аранжмани што го придружуваат договорот за пристапување.
Целта би била новите членки постепено да се интегрираат во системот на одлучување, а не трајно да имаат помалку права.
Пари може да се суспендираат ако има назадување
Комисијата сака да воведе и посилна финансиска заштита.
Доколку нова членка по пристапувањето почне да назадува во владеењето на правото, Комисијата би можела полесно да предлага суспензија на европски средства.
Посебен механизам би овозможил и времено суспендирање на гласачките права при сериозни прекршувања на основните вредности на ЕУ.
Разликата во однос на сегашната процедура според член 7 би била во тоа што за ваква мерка не би било неопходно едногласие, туку одлуката би можела да биде донесена со квалификувано мнозинство.
Идните членки, според нацртот, би требало и пред влезот во ЕУ да станат дел од Европското јавно обвинителство.
Помала Европска комисија
Пакетот предвидува и институционални промени за Унијата да може да функционира со поголем број членки.
Една од идеите е бројот на еврокомесари да се намали на две третини од бројот на земји членки.
Комесарите би се менувале преку ротациски систем кој треба да ја зачува географската и демографската рамнотежа.
Би требало да се приспособи и составот на Европскиот парламент.
Четири кандидати со појасен пат
Паралелно со внатрешната реформа, Комисијата на 28 октомври треба да претстави нови пристапни патокази.
Според нацртот, тие треба да ги опфатат најнапредните кандидати – Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.
„Овие патокази ќе ги идентификуваат реформите и претстојните пресвртници и ќе ја покажат секвенцата потребна за успешно завршување на пристапните преговори“, се наведува во нацрт-документот.
Целта е кандидатите, земјите членки и европските институции да добијат попредвидлив распоред на процесот, без формално напуштање на принципот дека членството зависи од сопствените заслуги на кандидатите.
Црна Гора веќе е најнапредната земја во процесот и ЕУ започна подготовки поврзани со нејзиниот иден договор за пристапување.
Албанија исто така значително го забрза процесот, додека Украина во јуни го отвори кластерот „Основи“.
Македонија во друга лента
За Северна Македонија, предложениот модел нуди поинаква перспектива.
Наместо патоказ со индикативна временска рамка за завршување на преговорите, земјата би можела да добива повеќе практични придобивки преку постепена интеграција.
Тоа значи поблиско вклучување во единствениот пазар, европските програми и економските политики уште пред полноправното членство.
Македонија веќе учествува во Планот за раст за Западен Балкан и до мај годинава од Инструментот за реформи и раст ѝ беа ставени на располагање вкупно 142,1 милион евра.
Но земјата и натаму го нема отворено првиот преговарачки кластер.
Европската комисија во последниот официјален пакет за проширување повтори дека Северна Македонија треба да ги исполни условите за отворање на кластерот „Основи“, вклучително и договорените уставни измени.
ЕУ повторно се обидува со рокови
Комисијата последен пат понуди ваков вид индикативна временска рамка во 2018 година, кога Србија и Црна Гора беа посочувани како кандидати што потенцијално би можеле да бидат подготвени за членство до 2025 година.
Тоа не се оствари.
Осум години подоцна, редоследот на кандидатите е значително променет.
Црна Гора и Албанија сега се гледаат како водечки кандидати од Западен Балкан, додека Србија е во подолг застој, а Северна Македонија останува блокирана пред отворањето на првиот кластер.
Официјалната политика на ЕУ и натаму е дека брзината на пристапувањето зависи од реформите и исполнувањето на критериумите, а почнувањето на преговорите во ист период не значи дека земјите ќе стигнат до членство истовремено.
Октомври затоа може да биде пресвртна точка: Брисел не подготвува само ново проширување, туку и нова архитектура на Унијата – со помалку можности една земја да блокира, посилни казни за назадување и појасна поделба меѓу кандидатите што се приближуваат кон членство и оние што засега ќе се интегрираат постепено.

