Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека Бугарија е единствената причина поради која Северна Македонија не напредува во процесот на европска интеграција, оценувајќи дека земјата има добри резултати во реформите и во исполнувањето на обврските од Планот за раст.
Николоски ставот го изнесе на дискусија во Брисел, организирана од тинк-тенкот „Пријатели на Европа“.
„За жал, единствената причина да не напредуваме е ветото од страна на Бугарија“, рече Николоски.
Тој оцени дека Северна Македонија има политичка, економска и меѓуетничка стабилност и дека ја следи Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
Николоски се повика и на економските показатели, наведувајќи дека бруто-домашниот производ во вториот квартал пораснал за 4,3 отсто.
Посетата на Фон дер Лајен како „силен сигнал“
Николоски ја оцени претстојната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје како силен сигнал за зголемениот интерес на ЕУ кон регионот.
Според него, геополитичките околности поврзани со Украина и Молдавија отвораат нов момент кој Северна Македонија треба да го искористи за придвижување на европскиот процес.
Тој рече дека нерешените прашања со соседите мора да се решаваат.
„Нерешените прашања со соседите треба да бидат уредени по еден или друг начин“, рече Николоски.
Софија се повикува на рамката од 2022 година
Бугарската страна, пак, инсистира дека продолжувањето на пристапниот процес зависи од исполнувањето на обврските преземени во рамките договорена во 2022 година.
Меѓу нив е внесувањето на Бугарите во Уставот, како и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и протоколите поврзани со него.
Според договорената рамка, следната меѓувладина конференција треба да се одржи по усвојувањето на уставните измени.
Во изминатиот период и претставници на европските институции повеќепати повикуваа Северна Македонија да ги исполни преземените обврски.
Нов судир на наративи пред посетата на Фон дер Лајен
Изјавата на Николоски доаѓа во момент кога Владата бара поголема вклученост на ЕУ во разговорите со Бугарија.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски претходно порачаа дека разговорите со Софија би требало да се водат со присуство на претставници на ЕУ, а Мицкоски спомена и можност за присуство на НАТО.
Од Софија, пак, пораката е дека процесот веќе е европски и дека треба да се одвива во рамките на постојните правила и преземени обврски.

