Германската Федерална агенција за вработување ја предупреди владата да не ја преполовува годишната квота за работници од Западен Балкан, оценувајќи дека таквиот потег може дополнително да го влоши недостигот од квалификувана работна сила.
Во Германија во моментов се вработени повеќе од половина милион луѓе од регионот на работни места за кои се плаќаат социјални придонеси, соопшти агенцијата.
Според важечката Регулатива за Западен Балкан, годишно до 50.000 луѓе од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија можат да дојдат на работа во Германија под поедноставени услови.
Германската влада планира од јануари 2027 година квотата да ја намали на 25.000.
„Ќе се ослаби успешен модел“
Членката на управниот одбор на агенцијата, Ванеса Ахуја, рече дека намалувањето би било погрешен потег во момент кога Германија се соочува со сериозен недостиг од работници.
Според податоците на агенцијата, 53 отсто од новодојдените од Западен Балкан работат најмалку како квалификувани работници или имаат повисоки квалификации.
Околу половина од нив се вработени во дефицитарни професии во кои германските компании тешко наоѓаат работна сила.
„Преполовената квота ќе ослаби успешен модел на имиграција, ќе го влоши недостигот од квалификувана работна сила и ќе им го отежне на компаниите пронаоѓањето нови работници“, рече Ахуја.
Потребни работници и за градежниот бум
Агенцијата предупредува дека Германија ќе има потреба од дополнителна работна сила и за големите инвестициски програми и за планот „Bauturbo“, кој треба да ја забрза изградбата на станови.
Програмата предвидува поедноставување на урбанистичките правила и побрзо издавање дозволи до 2030 година, со цел да се намали недостигот од станбен простор.
Според агенцијата, ако компаниите не можат да најдат доволно работници, дел од овие планови ќе бидат потешко остварливи.
Квотата веќе не е доволна
Квотата од 50.000 места веќе не ги покрива сите барања.
Според германската агенција, таа била недоволна уште во 2025 година, а се очекува да биде целосно искористена и пред крајот на оваа година.
Регулативата за Западен Балкан беше воведена во 2016 година и овозможува граѓаните од шесте земји од регионот да добијат виза за работа во Германија под поедноставени услови, без ограничување само на високо квалификувани професии.

