28.8 C
Скопје
15 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ВИРАЛНО, АМА ОПАСНО ПО ЖИВОТ: СЀ ЗА ОНЛАЈН СЛАВА

Родители ширум светот обвинуваат дека нивните деца го загубиле животот поради следење на предизвик на Тик-Ток. Во Македонија не е пријавен таков случај. Но има примери во кои младите влегуваат во ризични ситуации за да направат уникатно видео или фотографија за социјалните мрежи.

Популарноста на Тик-ток сѐ повеќе расте. Таа е единствена платформа во моментов на која речиси сѐ е дозволено.

„Мислам дека на децава до 18 години треба да им се забрани Тик-Ток, бидејќи сега веќе сѐ е наопаку. Самиот Тик-Ток не е како што беше порано. Мене не ми се појавуваат такви видеа, ама еве на децава им се појавуваат. Порано Тик-Ток не дозволувал голотија или видеа со убивање на кучиња, а сега гледам сѐ има, сѐ е дозволено. Дури и гол да се соблечеш нема да те цензурираат. Може да пишеш #fakebody и Тик-Ток ти дозволува да се соблечеш и да гледаат и деца“, вели за РСЕ македонскиот Тиктокер, Мартин Ѓорѓиевски, на платформата познат како gjorgjievsky.

Голотијата не е единствениот проблем кој демне од некој виртуелен агол. Тука се и предизвиците кои се шират вирално меѓу младите преку алгоритмот на оваа платформа. Родители ширум светот обвинуваат дека нивните деца го загубиле животот поради предизвик на Тик-Ток.

Мајката на 10-годишната Американка, Најла Андерсон, го тужеше Тик Ток велејќи дека алгоритамот на платформата ѝ покажал на нејзината ќерка видео кое укажува на „предзвикот на онесвестување“. Па, во декември 2021 година, Најла се обидела да се онесвести задушувајќи се со помош на ремен за чанта од плакарот на нејзината мајка и починала пет дена по приемот во болница, пренесе Ројтерс.

Судот минатиот месец ја одби жалбата против Тик Ток, со образложение дека тие не можат да бидат одговорни за објавување содржина од трета страна.

Во Македонија не е пријавен сличен случај, но и тука младите бараат начин да соберат повеќе лајкови и прегледи. Тинејџерка од с. Волково минатиот викенд падна во бессознание и заврши на КАРИЛ со изгореници од трет степен, сакајќи да сними видео за социјалните мрежи качена на вагон.

Од Министерството за внатрешни работи за РСЕ потврдија дека малолетничката на 27 ноември со својата другарка поминувала покрај Железничка станица Маџари, се качила на еден од вагоните за со телефонот да фотографира и снима. Поради близината на електричната мрежа добила струен удар и паднала во бессознание.

Неофицијално, според медиумите, снимените материјали требало да завршат конкретно на платформата Тик Ток. Но, на Тик Токерите кои се подготвени на сешто само за да направат видео со многу кликови, нема да им ‘дојде памет’ дури иако видат пример каде некој настрадал снимајќи во ризични околности, смета 27-годишниот Тиктокер, Ѓорѓиевски.

Тиктокерот Ѓорѓиевски
Тиктокерот Ѓорѓиевски
„Да сакав да качам уште гледаност, ќе почнев и јас да се глупирам и сѐ и сешто да правам, но мене тоа не ме влече. А има луѓе кои ќе се изглупираат до максимум само колку да привлечат гледаност. Информацијата со девојчето што се прошири ја гледам и велам – џабе, тоа не можеш да спречиш и сигурно е видено од некое друго видео“, вели Ѓорѓиевски.

Тој предупредува дека на Тик-Ток кружат различни опасни предизвици и се надева дека останатите нема да го следат примерот на скопјанката.

 

„Таа сигурно помислила дека може нешто да се случи, ама пак, нели, сѐ за гледаност и да биде интересна пред другите. Ако го направела видеото и ако било успешно, кога ќе го покаже пред другите, тие ќе ѝ речат – браво. Таа излегла прва, не дај Боже и други да повлече тоа“, додава Тик-Токерот.

Ова не е прв случај во Македонија да настрада млад човек во обид да направи необична фотографија или видео за социјалните мрежи. Со изгореници од втор степен заврши 15-годишно момче. Во април 2017 со намера другарката да го фотографира, во депото на Македонски Железници, тој се качил на вагон цистерна, се доближил до електричниот вод кој бил под висок напон и добил струен удар.

Не можеме назад на свеќи, ниту без дигитализација“

И во историјата, на пример кога се измислила струјата, таа била нешто ново и сите оние кои тоа не ја познавале доволно ако си играле или ја користеле, можеле да завршат трагично, вели комуникологот Бојан Кордалов и додава дека денес имаме ситуција во која ја игнорираме дигитализацијата и сметаме дека ќе се смени времето и ќе се врати назад.

„Никој не рекол – ќе ја укинеме струјата и ќе се вратиме назад да функционираме на свеќи. Сѐ додека како општество го игнорираме фактот дека е времето дигитално и дека дигиталните уреди, интернетот и социјалните мрежи се дел од нас, ќе ги оставаме младите без соодветна едукација, без соодветни правила, а со самото тоа изложени на неправилно користење“, изјави Кордалов за РСЕ.

Младите мора да ги едуцираме за што е тоа онлајн репутација и како се однесува и функционира во интернет просторот, за да се избегнат несреќи кои може да чинат и живот, потенцира тој.

„Во спротивно, ваквите ситуации, потрагата по слава, неправилното користење на социјалните медиуми, не само што ќе носи до несреќи, туку ќе одзема. не дај Боже, и човечки животи“, додаде комуникологот.

Младите не се свесни за последиците

Психотерапевтката Тиана Ивановска вели дека кај младите постои потреба за креирање на сензација за да привлечат внимание и да направат нешто уникатно, но таа потреба може да оди во екстремни насоки. Па бидејќи не може да се сопре дигитализацијата, останува да се биде внимателен и да се дадат насоки од возрасните.

„Кај нив проблем тоа што не е развиено причинско – последичното размислување, тоа е највисокото ниво на размислување. Што значи – јас ако направам нешто, тоа нешто ќе носи последица. Така што, кога самите тие немаат капацитет да ја согледаат последицата, многу е важно да ги дискутираме со нив нивните идеи, за да може да им го носиме тој последичен дел и да ги предупредуваме за последиците“, вели Ивановска за РСЕ.

Ивановска потенцира дека не би можеле да ја бараме грешката во младите кои се малолетни, бидејќи нивната фантазија е посилна, побезгранична и штом не можат да ги согледаат последиците, возрасните имаат одговорност да бидат со нив во секоја нивна идеја.

Според неа, поддршката од родителите може да значи и да се испочитува идејата на младиот човек, но ако треба да се смени контекстот, па и да се најде начин родителите да учествуваат во реализација на идејата, за да биде сигурно дека ќе биде безбедно. Но, за тоа да се случи потребни се родител и дете кои ќе разговараат отворено.

Related posts

Ирска, Данска и Луксембург со најголема куповна моќ, Романија, Бугарија и полска со најмала

admin

Ништо од декемврискиот самит на ЕУ: Пендаровски песимист

admin

Се стопи македонската средна класа

ninja

Турските власти велат дека уапсиле 11 агенти на Мосад кои набљудувале ирански државјани

admin

СДСМ: ДУИ покажа одговорност, на потег е ВМРО-ДПМНЕ

admin

ВЕСНИЦИТЕ ЌЕ ДОБИЈАТ СУБВЕНЦИИ ОД ДРЖАВАТА

ninja