31.8 C
Скопје
12 јуни, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ОНЛАЈН НАСТАВА ЗАРАДИ ДОЈАВИТЕ ЗА БОМБИ – РЕШЕНИЕ ИЛИ УШТЕ ПОГОЛЕМ ПРОБЛЕМ?

Дојави за бомби и денеска ги испразнија училиштата. Овие досега лажни аларми предизвикаа хаос во образованието. Учениците губат настава, наставниците мака мачат да ја надоместат, родителите револтирани од целокупните состојби.

„Аман веќе со дојавиве за бомби, како ќе се организирам сега, треба да го земам детето, да излезам од работа“, ова е реакцијата кај многу од родителите кои утринава повторно добија повик од училиштата да ги земат децата поради дојава за бомба. Секојдневни евакуации, антитерористички проверки и губење на часови, ваква е секојдневната слика во голем дел од училиштата изминативе пет месеци.

Според проценките на Сојузот на средношколци само во првото полугодие 10 недели немале настава, а во училиштата каде има почесто дојави, се губат и 3 од 5 работни дена.

Министерството за образование од денеска препорача во случај на дојава да се организира онлајн настава, што го отежнува секојдневието на родителите. Дел од нив се оставени сами на себе да се снаоѓаат и организираат како да ги земат од училиште. Марина од Скопје, родител на третоодделенец во едно од скопските училиште вели дека целата ситуација сите ги изместува од колосек.

„Во изминатиов период се снаоѓавме кој како може во периодот од 10.30-.11.30, кога бевме информирани да дојдеме да си го земеме детето, и останатиот дел од денот кој што ни е работен, доколку немаме кој да ни го чува детето, треба да бараме разбирање од работа, некој ако може да работи од дома, некои пак мораат и ден од одмор да земаат и навистина е многу тешко за организација кај многу родители“, додава Марина.

„Бомбите“ вознемируваат, но и се тема за шеги кај учениците

Дојавите за лажни бомби го загрозија и целокупниот образовен процес. Наставниците мака мачат да ги надоместат изгубените часови. Дел од нив се децидни дека со учењето од далечина се губат одредени сегменти од наставата кои што тешко може да се надоместат. Таков е случајот со предметот македонски јазик, кој го предава професорката Билјана Костова во скопската гимназија „Никола Карев“, каде што изминатиов период речиси секојдневно стигнуваат дојави за бомба.

„Еве во мојот предмет, имавме драматизација на извадоци од драмата „Тартиф“, за да може учениците да го слушнат текстот, да ги видат ликовите, да видат што е глума, што е претстава, самите да влезат во улогите на тие што треба да ги прочитаат, но таа придобивка не може да се долови и да се реализира на настава на далечина. Тој аспект од наставата, учениците го губат“, вели професорката Костова.

Друг проблем е и организацијата на онлајн наставата, особено за учениците од пониските одделенија. За еден час родителите треба да се ослободат од работа, да стигнат до училиштето на децата и да ги однесат дома за да се приклучат на платформата.

„Се трча накај дома, па потребно е време додека се вклучат учениците, па кој од учениците заборавил лозинка, тоа се само дел од состојбите, така што не е исто да си на настава, или на „Teams“. Часот мора да е интерактивен, тој дел ни недостига и на професорите и на учениците“, вели професорката Костова.

Родителите скептични во квалитетот на онлајн наставата

Дел од родителите се загрижени и за квалитетот на онлјан наставата. Марина, чие дете во прво одделение учело од далечина вели дека за време на пандемијата онлајн наставата се одвивала со многу тешкотии, па се сомнева дека овој пат ќе биде нешто поразлично.

„Прашање е и дали сите имаат компјутери, дополнително што веројатно има семејства со повеќе од едно дете и можеби немаат уреди за сите деца, мислам дека ќе се соочиме со истите проблеми како во времето на ковид пандемијата и дека нештата не се поместени во изминативе години. Се сомневам колку е работено на подобрување на онлајн наставата и скептик сум дека и да има онлајн настава ќе биде како што треба“, вели таа.

Од Сојузот на средношколци велат дека онлајн наставата не смее да биде замена на целокупниот образовен процес.

„Справувањето со изгубената настава досега беше оставено на училиштата и наставниците, но треба да се направи разлика меѓу онлајн наставата како дополнителна настава за тоа што беше изгубено и тоа што МОН го нуди односно онлајн настава како замена за целиот образовен процес“,вели Лука Павиќевиќ, од Средношколскиот сојуз.

Министерството за образование освен предлогот за онлајн настава не понуди никакво друго решение за изгубените часови.

Ситуацијата влијае и на менталното здравје на учениците

Од друга страна целата ситуација со секојдневни евакуации предизвикува и стрес кај дел од учениците, особено кај помалите.

„Секое тоа ѕвонење пет пати на ѕвончето им предизвикува стрес, па поставуваат прашања зошто го прават ова, мислам дека ќе треба многу да се работи со учениците после вакви настани, за да не остави некакви последици по менталното здравје кај децата, затоа што за жал веќе ова со месеци се случува и делува на психата и кај децата па и кај некои возрасни“, вели Марина.

Лажните дојави за бомби доаѓаат од моќен центар

Но, по пет месеци веќе и ненормалното станува нормално, вели професорката Костова.

„На почетокот бевме затекнати, родителите стравуваат за безбедноста на децата, залудно беше доаѓањето на учениците изгубено време, се губи и од наставата и од материјалот, но многу е лошо што на почетокот и самите ученици беа исплашени, сега со текот на времето бидјеќи се лажни дојавите се навикнавме на ситуацијата дури да кажам станува нормално, што не е нормално“.

Учебната година е веќе продолжена до 14 јуни, откако зимскиот распуст беше продолжен за да се заштеди на греење и за да заштити здравјето на децата. Дојавите за поставени бомби уште во октомври почнаа да стигаат на електронските адреси прво на училишта, а потоа и на други објекти.

Досега сите испратени дојави за поставени бомби, по проверките, се покажа дека се лажни. И додека дојавите не престануваат, властите се правдаат дека испраќачите тешко се откриваат и дека се работи за хибридна војна.

Related posts

Мицкоски: Стојам позади кажаното за Груевски и ја затворив темата

admin

Смртоносно насилство откако израелско момче исчезна на Западниот Брег

admin

ДУИ контра Пендаровски за казината

admin

Во само една акција Сингапур конфискува имот вреден над 2 милијарди долари

admin

Новинарот на АЈ го изгуби и синот-новинар

admin

Беса Адеми останува на чело на Врховниот суд

admin