5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
НАСЛОВНАРЕГИОН

Туризам: Хрватска поскапа од Грција и од Шпанија

 

Годишниот одмор на југ на Европа за Германците воглавно е поевтин отколку летување во татковината. Понекогаш и доста поевтино. Тоа го покажуваат најновите податоци на Сојузниот завод за статистика (Дестатис) кој ги спореди трошоците на гастрономските услуги и хотелското сместување во европските земји.

Порастот на трошоците на енергијата и на храната влијае врз намалувањето на расположливиот буџет за туристички патувања, нагласуваат германските статистичари. „Но, посебно во јужноевропските или туристички земји во југоисточна Европа нивото нацените на гастрономски или хотелски услуги е значително пониско отколку во Германија“, констатира Дестатис.

Турција е 56 проценти поевтина од Германија

Нивото на цените во Турција и Албанија било најниско меѓу државите кои ги „прочешлал“ Сојузниот завод за статистика. Во двете земји цените на туристички услуги биле за 56 проценти пониски отколку во Германија. Во Португалија и на Малта трошоците за јадење во ресторан и ноќевање во хотели за Германците биле 28 проценти пониски отколку дома.

Во Шпанија, Полска и Чешка за истите услуги во март оваа година (месец во кој Дестатис вршел анализа на цените), се плаќало во просек 18 проценти помалку отколку во Германија. Во Хрватска и на Кипар – 17 проценти помалку, а во Грција „заштедата“ изнесувала дури 21 процент. Уште поповолни биле цените во Црна Гора и во Романија, каде за хотелско сместување и одење во ресторан можело да се помине 46 проценти поевтино одошто во Германија. Хрватска, според наводите на Дестатис, е поскапа земја за туристи од своите јужноевропски конкуренти Турција, Грција, Португалија и (минимално) од Шпанија.

Анталија Турција
Анталија – цените во туристичките центри во Турција двојно пониски отколку во ГерманијаФотографија: Bekir Bektas/AA/picture alliance

Што се однесува на земјите од југот на Европа, од сите во кои Дестатис ги анализирал цените најскапа била Италија. Но, и на Апенинскиот Полуостров, тврдат статистичарите, цените во хотели и ресторани во испитуваното време биле пет проценти пониски одошто во Германија.

Швајцарија за 61 процент поскапа од Германија

За граѓаните на Германија одмор на север во Европа или во некои соседни земји е поскап од летување во Германија. Најскапа била Швајцарија, дури 61 процент во однос на Германија. Поскапи се и меѓу Германците популарните туристички дестинации како Данска или Норвешка и тоа за повеќе од 40 проценти.

Финска е нешто малку поскапа, но сепак значително во споредба со Германија – таму хотелските ноќевања и гастрономските услуги во март годинава биле 25 проценти повисоки отколку во Германија. Во Ирска туристите морале да платат 21 процент повеќе, одмор во Шведска бил поскап 17 проценти одошто во Германија, а во Австрија – 15 проценти.

Во соседна Франција, една од најомилените германски туристички дестинации, во март за хотел и ресторан требало да се платат 8 проценти повеќе отколку во Германија.

Германците не штедат на одмор

Иако последните месеци трошоците за живот се доста зголемени во Германија, а стапката на инфлација достигна рекордна вредност од обединувањето досега, и покрај несигурноста поврзана со натамошниот тек на војната во Украина, мнозинство германски туристи и оваа летна сезона повторно сака да ужива во одмор без многу грижи. Според податоците објавени во изминатите месеци, туристичката бранша очекува продолжение на позитивниот тренд од ланската година, во која волуменот на туристички ангажмани достигна ниво од годините пред пандемијата на коронавирус.

Од ноември 2021 до октомври 2022 година се удвоени издатоците за патувања (од 28,8 на 58, 6 милијарди евра), потврди Здружението на германски туроператори (ДРВ). Посебно силен пораст во тој период бележи секторот на т.н паушални аранжмани. Во февруари оваа година е објавена „Германската туристичка анализа“, односно резултати од анкетата меѓу 3.000 лица постари од 18 години – шест од десет испитаници изјавиле дека планираат туристичко патување во оваа сезона. „Топ 5 туристички дестинации во главниот шпиц во текот на летото ќе бидат Турција, Шпанија, Грција, Египет и Португалија“, прогнозираат претставниците од ДРВ.

Извор: ДВ

Related posts

Европски пари заглавени во затворот Идризово

admin

СДСМ предлага законски измени и за партиите

ninja

Пронајдени отпадоци од авион Ф-35 во Јужна Каролина откако пилотот се катапултирал

admin

Зошто Северна Македонија, Бугарија и Русија не се натпреваруваат на Евровизија оваа година?

admin

Харадинај: Курти уште денеска да поднесе оставка, премал е да ја смени ориентацијата на Косово

admin

Зошто Бранко Црвенковски се јави со нова иницијатива?

admin