17.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Дали уставните измени стануваат меѓуетнички проблем?

Толкувањата на владејачките партии за ставот на ВМРО-ДПМНЕ околу уставните измени, навлегоа и на меѓуетнички терен, пишува ДВ. По наративот дека најголемата опозициска партија прифатила да има уставни измени, следи толкување дека таа бара Влада без Албанци. Во ист ден со ваков став се огласија двајца функционери на ДУИ – првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

„Ние имаме редовна координација и со Таравари и со Алијанса за Албанците. И тие се на ист став како ДУИ, дека се спремни да ја напуштат Владата. Кога Мицкоски вели дека сака Влада без ДУИ, мисли на Влада без Албанците“, рече Османи во интервју на ТВ 21.

Условот на ВМРО-ДПМНЕ за влез во широка преодна влада е во неа да не биде ДУИ и да има одложена примена на уставните измени, а Алијанса за Албанците воопшто не беше спомната. И покрај тоа, лидерот на АА, Арбен Таравари даде двосмислена изјава: ем предупреди на загриженост од креирање монотеничка влада, ем дека нема такви тендендции. Тој рече дека АА одлучила да влезе во Владата заради евроинтегративниот процес и дека заради него и би излегла од Владата.

„Мислам дека во Македонија никогаш немало Влада без Албанци и не смее да има Влада без Албанците. Ова е загриженост не само на Арбен Таравари, не само на еден Албанец, туку треба да биде загрижувачки и за еден Македонец. Верувам дека нема такви тенденции за да има моноетничка Влада, така велам бидејќи ги анализирав околностите, ги слушаме сите страни и излегуваме со унифициран став“, изјави Таравари.

Вчера првиот вицепремиер, Артан Груби, оцени дека албанските партии не сакаат да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа за нив ќе има политичка цена.

„Знаејќи дека кој било да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе биде политичка елиминација, самоубиство од која било политичка партија на Албанците, сите истрчаа да кажат дека нема да прифатат каква било покана за учество во таква моноетничка влада. Прва беше Алијанса за Албанците, даде таков јасен став, па излезе Беса даде таков став, па слушам и фракцијата (во ДУИ-н.з.) дава таков став. Убеден сум дека и Алтернатива не би прифатиле, но нивна работа е“, рече Груби на ТВ 24.

Но, ставовите на дел од споменатите партии не се реферираат на аргументи за монотеничка влада, туку на други причини. Лидерот на Беса, Билал Касами изјави дека неговата партија ќе влезе во Владата дури по следните парламентарни избори, како победник на тие избори во албанскиот политички блок. Од фракцијата на ДУИ изјавуваат дека го чекаат конечниот епилог од лидерската средба Ковачевски-Мицкоски, за потоа да се изјаснат. Од Алтернатива уште пред една недела и порачаа на ДУИ да излезе од „филмот“ дека има монопол врз албанскиот електорат.

„Залуден е нивниот страв дека евентуалната широка коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги испрати во опозицијата. Мнозинството албански гласачи на следните избори, кога и да се случат тие, ќе ги испратат во опозиција поради криминал, корупција и исклучување од реалноста. Ги охрабруваме да продолжат да ги ставаат интересите на Албанците на второ место поради личните интереси на некои на чело на ДУИ. На овој начин и` помагаат на албанската опозиција која секојдневно се зајакнува во борбата за вистинските европски вредности и за безбедна иднина на граѓаните“, порача Алтернатива во партиско соопштение.

Притоа посочија дека ДУИ свесно или несвесно јавно се позиционирала зад поранешниот премиер Никола Груевски.

„Клучната дилема е што се случува со раководството на ДУИ откако почна јавно да флертува со поранешни политичари кои се на црната листа на САД? Дали чекаат спас од Будимпешта? Дали е точно дека раководството на ДУИ е во редовна комуникација со Никола Груевски?“, прашаа од Алтернатива.

Related posts

ДАВА – стравот на Германија од „партијата на Ердоган“

admin

Македонските ќебапи од Гарфилд, Њу Џерси најбарани во САД

admin

Премиерот Ковачевски најави оставка

admin

Истражување на РСЕ: Руси поврзани со Кремљ вработени во највисокото европско безбедносно тело

admin

Украина, Косово, Русија…што се очекува од НАТО самитот во Вилнус?

admin

Мицкоски: Мојата стратегија успешно се реализира

admin