21.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„РЕФОРМИ“: Власта со една рака затвора институции, со двете отвора нови

Владата одлучи да отвори 8 нови национални установи годинава, додека во јавноста тврди дека работи на проект за реорганизација и намалување на бројот на институции. Во изминативе седум години пак се отворени 74 нови институции, покажуваат извештаите на Министерството за информатичко општество.

Под капата на Министерството за култура година се отворени седум нови национални установи за кои министерката за култура Бисерка Костадиновска Стојчевка ќе треба да назначи в.д. директори и членови на управни одбори, да одвои имот за да се сместат и пари од буџетот.

Станува збор за установите „Десет дена Крушевска Република“, „Галерија на Гостивар“, Манифестација „Денови на Смилевскиот конгрес“, Оркестар за Џез музика и Камерен оркестар на Битола, Музички ансамбл – Тетово и Центар за култура на турската заедница.

Дополнително минатиот месец Владата одлучи да се формира и Државен студентски дом во Тетово со 300 легла, за чие финансирање ќе треба да се грижи Министерството за образование.

Овие одлуки доаѓаат во време кога власта со години тврди дека работи на проект за реорганизација на државата управа со кој треба да се намали бројот на институции, особено на тие на кои им се поклопуваат надлежностите.

„Воведување на посебна постапка за претходна проценка на потребата за креирање на нови тела со цел да се ублажи ризикот од „неоправдан брз и ненадеен пораст“ на нови органи“, е наведено во годишната програма на Владата за 2023 година.

Станува збор за пилот проект кој што го спроведуваат Министерството за информатичко општество, Министерството за земјоделство и Министерството за економија. Со него е предвидено овие три министерства во оваа фаза да ја реорганизираат работата и да ги укинат оние тела кај кои се јавува преклопување на надлежности, што е честа појава во македонските институции, покажуваат извештаите од скринингот.

И додека власта јавно декларира дека ќе го намали бројот на институции во изминативе седум години од 2016 до август 2023 година бројот на нови институции пораснал за 74.

Во 2016 година вкупниот број на институции во јавниот сектор изнесувал 1.291, додека заклучно со декември 2022 оваа бројка порасна на 1.354 институции, покажуваат извештаите на МИОА.

Расте и бројот на нови јавни претпријатија

Општините и Градот Скопје се јавуваат како основачи на најголем број институции во јавниот сектор. Имено, од вкупно 1.354 институции на јавниот сектор, 821 се основани од општините и Градот Скопје, што претставува 60,7%.

Најголем број на институции се јавни установи кои се вкупно 920, заведени во 2022 година, додека во 2016 година нивниот број изнесува 890. Што значи дека речиси половина од новоформираните институции во последниве седум години се јавни установи.

Според податоците во извештаите на МИОА втори на листата по раст на број на установи се образование и култура. Во изминативе седум години заклучно со новите оваа година во култура се отворени вкупно 20 нови установи додека во образование нивниот вкупен број изнесува 11, додека во здравствениот сектор се затворени вкупно 7 установи.

Ни бројот на јавни претпријатија во овие седум години не останал покус, од 129 во 2016 година во 2022 нивнат бројка достигнала 155.

Според последниот скрининг извештај од ЕУ објавен во јули годинава, еден од проблемите во спроведувањето на реформата за реорганизација на државата управа лежи во отпорот на неколку функционери.

Спроведувањето на планираната реформа на државната организација се очекува да продолжи до 2024 година, откако ќе заврши пилот фазата во трите министерства кои доброволно се пријавиле.

„Во зависност од резултатите, таа потоа ќе се прошири и на други министерства. Има одреден отпор од раководните лица на одредени институции за предвидените реформи“, се вели во извештајот.

ЕУ – отпор од македонски функционери за реорганизација

Јулијана Караи истражувач во Институтот за европски политики вели дека недостигот од рационална организација на органите на централната власт и постоење на јасни линии на отчетност и одговорност негативно се одразува кон јавната администрација.

„Веројатно не можат да се договорат, постои некаков отпор кај некои раководни структури односно функционери, затоа што процесов почна уште пред две години во пандемијата, дури и ние како граѓански сектор бевме вклучени во работата група и некако да затаи сето тоа, не сме ни информирани до каде е новиот закон и до кога фаза е,“ вели Караи.

Препораките се дека Влада мора да продолжи со изготвувањето на законот за државна управа за да се елимирнираат сите нефунционалности и да се подобри ефикасноста на администрацијата во целина.

За да се донесе нов закон за државна управа со кој ќе се решат проблемите со поклопување на надлежности на институции и намалување односно нивно оптимизирање е потребно дво- третинско мнозинство во Собранието.

Караи објаснува дека реформата во јавната администрација ќе биде од суштинско значење во текот на преговорите со ЕУ.

„ Јас мислам дека единствено нешто што е битно за да се спроведе вакво нешто е решителност и политичка волја, во моментов. Да се договорат дека ова е нешто битно што треба да се направи и да се заврши. Анализата е подготвена, вака како што е не функционираат работите, да се засукаат ракави и да се работи, законот да си дојде во собраниска процедура и да се направат напори да се усвои“ објаснува Караи.

Политичка волја – само во изборни програми

Ветувањата за оптимизирање на јавната администрација, за намалувањето на бројот на институции но и вработени со години доаѓаат од оваа власт. Не се ретки ни критиките кои што самите функционери ги упатуваат кон јавната администрација и раководењето на институциите од луѓе кои што партиите на власт ги назначиле.

„Во Македонија има институции, кои не ни знаат кои се нивните должности, какви услуги даваат!“ – кажа Азир Алиу, министерот за информатичко општество и администрација во интервју за Клан ТВ.

Во друго интервју пак, истакна дека реорганизацијата на која работат е жива материја.

„Секоја институција има процеси кои се нови и процеси кои се стари и воопшто не се употребливи. Во нашиот органограм, на пример, имаме канцеларии во кои нема ниту еден вработен. Имаме две канцеларии за комуникации и човечки ресурси, во едната имаме повеќе вработени, во другата многу малку. Затоа функционалната анализа треба да покаже дека органограмот треба да се адаптира“, изјави Алиу.

Ветување за реогранизација на институциите даде и неговиот претходник Јетон Шаќири во мандатното писмо што го предаде во Собранието кога даваше заклетва.

Реформата за јавна администрација беше заведена и во таканаречениот план за итни реформи 3–6-9 од 2017 година и планот 18 кој беше објавен една година подоцна.

Тогашниот премиер Зоран Заев ветуваше дека до 2021 година ќе има нов Закон за државна управа со кој администрацијата во земјава ќе се претвори намален државен апарат што ќе биде ефикасен. Но законот се уште не е ни изготвен.

Тогашниот Вицепремиер за борба против организиран криминал и корупција Љупчо Николовски во 2020 година призна дека во земјава има неколку нефунционални институции кои според него не треба да постојат.

„Сега дојде време да ставиме ред во сите сфери и во сите пори на нашето живеење. Ќе ги јакнеме институциите таму каде што треба. Може да се скратат институции, да не постојат. Но имаме на пример Агроберза, Јавно претпријатие за стопанисување со спортски објекти, кои не функционираат. Имаме еден куп такви институции кои не функционираат, за кои ќе се залагам да бидат целосно укинати,“ вели Николовски.

И три години подоцна овие институции за кои Николовски вели дека не функционираат се уште постојат.

Извор: РСЕ

Related posts

Зелениот картон не е пред укинување, но дали ќе поевтини?

admin

Петровска за набавката на хеликоптерите: Немаме што да криеме, ќе одговориме на секое прашање од Антикорупциска

admin

ВАЈСМEН: СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СЕКОГАШ БЕШЕ ЦЕЛ НА ХИБРИДНИ НАПАДИ ОД РУСИЈА

ninja

ВУЧИЌ И КУРТИ ГО ПОТВРДИЛЕ СВОЕТО УЧЕСТВО НА СРЕДБАТА ВО ОХРИД

ninja

„Брза лента“ за законските измени за коридорите 8 и 10д

ninja

СЕКОЕ ПАТУВАЊЕ, КОЛКУ ДА Е ДОЛГО, ИМА И КРАЈ

admin