24.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Кога мажот станува жена“ го преполни јавниот простор со поделби, говор на омраза и манипулација

Припадниците на антиродовите движења излегоа со ставови во јавноста дека родовиот идентитет е нешто ново, што ни се наметнува, но факт е дека поимот се применува уште од 1995 година, со усвојувањето на Пекиншката конвенција, а подоцна имплементирана преку повеќе закони и документи. Последниот е Стратегијата за родова еднаквост 2022 – 2027, усвоена во јули 2022 година и се применува од локално до централно ниво. Проблемот настана со спојувањето на процедурата на два предлог закони – тој за Матична евиденција и за Родова еднаквост, што создаде  вистински информациски хаос во јавноста, со предупредување дека ова води кон „епидемија од трансџенеризам“.

 

Пишуват: Вања Мицевска и Весна К.

Истражувавме кои се новините од овие закони и аргументите на едната страна дека правата на жената се уназадуваат и се враќаме во патријархат, наспроти тврдењата на другата страна дека законите индиректно признаваат истополови бракови, а ќе предизвикаат и целосно нарушување на општествениот поредок.

Што е пол, а што род? Дали е тоа исто? А што е родов идентитет? Дали жената може да се идентификува како маж, а мажот како жена? Кој одлучува дали некој е маж, а друг жена?

Со раѓањето на бебето првата вест е за полот што вообичаено ја соопштува гинекологот или акушерката што ја породува жената. Полот, според црквата е од Бога даден, додека според законската дефиниција „Пол“ ги подразбира биолошките и психолошките карактеристики врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи. Од друга страна, „Род“ ги подразбира општествени својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко, и со односите меѓу жените и мажите и момчињата и девојчињата, како и односите меѓу самите жени и односите меѓу самите мажи. (Предлог законот за родова еднаквост2023). До тука, се чини може да се согласат сите страни, но проблемот настанува со следната дефиниција од Предлог законот: „Родов идентитет“ се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род, што секое лице длабоко го чувствува за себе, што може, но и не мора да содејствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото телото и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и друго. Следи уште посуптилна дефиниција за прифаќање: „Лице со разновидни родови идентитети“ е секое лице кое не се идентификува во бинарните идентитети на жена или маж, а ги опфаќа и трансродовите лица, транссексуалците, интерсексуалците и родово небинарните лица.

Несреќно споени два закони

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека двата документи се несреќно споени и во перцепцијата и во законската постапка, што дополнително ја сензибилизира јавноста.

-Законот за родова еднаквост не зборува за правно признавање на родот, туку за родови механизми кои постојат на локално ниво, во Собранието, во органите на управата. Има одредби со кои се подобрува функционирањето и подобрување на надлежностите во родово базирано насилство и родова интеграција. Околу повлекувањето на зборот родова еднаквост од програмите на општините – државата од 1995 година работи на родова еднаквост. Со нашата обврска од 1995 година со Пекиншката декларација се обврзавме да работиме на родова еднаквост. Не гледам логичност во бришењето на зборовите, но Советите, општините треба да одговорат зошто. Намерата на Владата и на институциите не е таа што излезе главно од конзервативните граѓански организации и организации кои нон стоп имаат забелешка за работата на институциите, кажа Тренчевска.

Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика

Повлечен па вратен Законот за матична евиденција

Во Предлог законот за матична евиденција, кој по две повлекувања од јуни годинава повторно е во собраниска процедура се испишуваат правата на идентитет на транс родовите лица.

Со овој предлог закон, транс родовите лица кои имаат родов идентитет кој не е соодветен на полот заведен во матичната книга на родените, има право на законско признавање на полот. За да му се признае полот, секој полнолетен граѓанин, кој не е во брак, може да поднесе барање,  кое треба да се пополни кај нотар. Со овој документ оди во Управата за матични книги, каде му се менува ознаката за пол во матичните книги, а државата ќе му го препознае вистинскиот пол.

Опишувајќи ја важноста од правно признавање на родот, седумте пратенички кои се предлагачи на измените на Законот за матична евиденција се повикуваат на меѓународните стандарди за човекови права, кои го признаваат правото на лицето на родов идентитет. Почитувањето на родовиот идентитет вклучително и право на правно признавање од страна на државата е дел од правото на приватен живот, кое што се гарантира со Уставот на Република Северна Македонија и меѓународните конвенции за човекови права.

„Транс луѓето имаат неусогласен родов идентитет со впишаниот пол во матичната евиденција при раѓањето. Оттука, постои потреба од усвојување на законски одредби со кои јасно ќе се пропише постапката преку која транс луѓето ќе можат да го оставаат правото на правно признавање на родот. Правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род“, пишува во Предлог – измените.

Предлагачите се повикуваат на правото на транс луѓето да добијат документи кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет, што е клучно за тие да можат да функционираат соодветно во општеството и да бидат заштитени од низа повреди на човековите права. Тука спаѓаат заштита од дискриминација при вработувањето, во образованието, здравството, социјалната заштита, при пристапот до добра и услуги од приватен или јавен сектор, како и заштита од физичките и вербалните напади.

Каде е проблемот?

И тука е проблемот за противниците на ова законско решение. Отец Јаков Стобиски, кој ги артикулираше ставовите на МПЦ-ОА за оваа проблематика, вели дека црквата е свесна за постоењето на транс родовите лица и за лицата со поинаква сексуална ориентација, но како што рече, тоа не му дава за право на никого на едноставен начин само со изјава кај нотар и промена на полот во документите за матична евиденција преку ноќ да го направи тоа, како што се предлага.

Владика Јаков Стобиски

-Законот за матична евиденција е експериментален проект, постои само уште во две држави. Не сте свесни какви се’ филтри, прегледи и стручни мислења треба да се помине за да се промени ознаката за пол, но овој закон нуди можност единствено врз основа на изјава на нотар и врз основа на внатрешни субјективни чувства системот да ви ја промени ознаката за пол, вели Јаков Стобиски.

Аргумент плус изнесуваат од Коалицијата за заштита на детето, чии лидери силно се противат на ова законско решение и излистале 13 забелешки на законските измени.

Коалицијата: Законот отвора врата за истополови бракови

Гордана Гоџо оди чекор понатаму, елаборирајќи како практично гледаат на правните последици од законските измени. Спорно е, според Гоџо што некој може да си ја промени својата ознака за пол само врз основа на една изјава кај нотар што тој лично ја поднесува со копија од лична карта и со барање, или може да овласти полномошник, кој ќе ја поднесе изјавата наместо него.

Гордана Гоџо, Коалиција за заштита на детето

-И во рок од 15 дена Управата за водење на матични книги е должна да му издаде нова ознака за пол. Значи, тој доколку е маж и со нотарска изјава изјавува дека се чувствува како жена Управата ќе треба да му ја промени ознаката за пол во жена. И сега – тука дури и се вели во објаснувањето дека во Законот за семејство бракот е дефиниран како заедница меѓу маж и жена и тоа е во ред. Меѓутоа, доколку еден маж ја промени својата ознака во жена, при тоа тој не треба да е во брак, но ја променува својата ознака за пол и заедно со друг маж одат пред матичар. Матичарот пред себе гледа двајца мажи, меѓутоа, кај едниот маж пишува дека е жена. А бракот е заедница помеѓу маж и жена, така што матичарот ќе треба да ги венча тие двајца мажи. Така што на еден начин се отвора вратата за тие истополови бракови“, смета Гоџо и додава дека Законот за матична евиденција сите различни родови и идентитети го сведува на два пола:

-Не е јасно која е потребата да го менуваме полот врз основа на нечие чувство. Исто така, во изводот на матичната книга не смее да се стави забелешка за промената на полот. Значи, доколку имате маж којшто со операција станал жена, иако е тоа невозможно – тој само може да добие органи кои што наликуваат на женски полови органи, бидејќи полот е дефиниран во секој хромозом, во нашата ДНК, не се само половите органи кои го даваат полот. Меѓутоа, да речеме, тој станал жена со некаква операција и во Матичната книга стои пол жена и утре стапува во брак со маж. Тој маж нема поим дека тој порано, неговата жена денешна, порано можеби била маж, тој е всушност транс жена. Не е жена, не е биолошка жена.  Дојдовме до ситуација да правиме дистинкција меѓу маж и жена, да дефинираме поткатегории на мажи и жени“, вели Гоџо.

Коалицијата која ја претставува на јавните дебати го проблематизира законот и низ неколку практични прашања. Во воени услови дали ќе имаме мажи кои ќе се декларираат како жени? Може ќе има мажи кои ќе се пишат жени за да остварат права на пензии порано. Дали ќе се јават ситуации кога еднаш со изјава вели дека е маж, за потоа да дојде до работно место во квота, може да каже дека е жена – дали е трајна еднаш дадената изјава? Според нив, не се работи за  еднакви можности на мажите и жените, како се пласира во јавноста, туку за „мажи жени и останати родови идентитети, но кои се, не е дефинирано“.

Законот ја отстранува неправдата кон трансродовите лица

Но, од другата страна се аргументите на организациите кои ги застапуваат човековите права.

Според Елизабета Божиноска, извршна директорка на  ХЕРА, измените на Законот за матична евиденција им овозможуваат на лицата кои родово се идентификуваат поинаку од биолошкиот пол, да ја променат ознаката за пол во своите документи по брза и транспарентна постапка. Како што вели Божиноска, ова ќе значи решавање на проблемот со кој се соочуваат стотина трансродови лица.

Елизабета Божиноска, ХЕРА

-Затоа што со промената на ознаката на пол во своите лични документи, тие ќе може да ги остваруваат  своите права – здравствени и социјални, на ист начин како и сите други луѓе согласно родот на кој чувствуваат дека му припаѓаат. Зборуваме за лична егзистенција, за вработување, па до отворање на најобична банкарска сметка или меѓународно патување. Самиот закон државата треба да го донесе и заради усогласување со одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур кој во случајот лицето X против Македонија утврди дека поради недостиг на правна регулаторна рамка, државата го повредила правото на почитување на приватниот живот на лицето X. Важно е да се знае дека менувањето на ознаката за пол веќе се случува во нашата држава години наназад, само што трае предолго со што им се влошува квалитетот на живот на овие граѓани па со ова законско решение би се унапредиле нивните права и би се надминале овие пречки, изјави Божиноска.

Предметот од Стразбур што го споменува Божиноска е од 2019 година кога државата Македонија го изгуби спорот по тужба на трансродово лице за повреда на правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјата.

Стразбур бара државата да ја унапреди законската регулатива во оваа област

Извршната директорка на ХЕРА укажува дека отсекогаш се манипулирало со заложбите за унапредување на правата на маргинализираните групи во општеството. Како пример ги наведува извојувањето на  правото на глас во минатото, или правото на вработување, или пак правото на абортус. Уште еден таков пример е правото на недискриминација на ЛГБТИ лицата, што во суштина значи право на живот без насилство.

„Човековите права не се „пита бурек“. Ако едните бараат дел тоа да значи дека другите ќе добијат помалку“, е ставот на Божиноска.

Мирјана Најчевска

За универзитетската професорка Мирјана Најчевска, поларизираните ставови во јавноста не се ништо друго освен едно големо неразбирање. Новините во законските решенија, според неа, се алатка да се запре дискриминацијата по основа на род.

-Не станува збор дека некому му се даваат некои нови, посебни, специфични права туку едноставно станува збор за тоа да се запре еден вид на дискриминација која што се базира на она што претставува актуелно делење на улогите врз основа на родот и да се овозможи сите луѓе независно од тоа како себе се перципираат или како другите ги перципираат, да имаат истоветни права. Никој ништо не губи. Не се менуваат семејните вредности. Оние кои сакат да веруваат во одреден вид на семејство, одредени односи , не се загрозени. Едноставно, оние кои имаат друго мислење, не се загрозени, изјави Најчевска.

Популизам и кршење на секуларноста

Елизабета Божиноска од ХЕРА се осврна на противниците на законските решенија, а особено вклучувањето на верските заедници, но и на некои политичари, кои како што вели, поради популизам, дел од политичарите се затскриваат токму зад овие идеологии и прават штети.

– Ние не сме прва земја во која се појавуваат вакви групи, тие постојат во светот и се формираат за да шират страв  и паника и да ги рушат демократските процеси во едно општество. Ова се групите кои во Полска на пример, се залагаа да се забрани правото на абортус за жените. И само поради тоа денес, во 21 век ние имаме жени кои умираат затоа што им е ускратено ова право. Или може да завршат во затвор ако решат да ја применат оваа метода. Кршењето на секуларноста е првото нешто на што реагиравме како граѓански сектор. Заслугата за тоа не треба да и` се припише само на црквата како религиска институција туку и на власта која многу лесно го дозволува подривањето на овој уставно-утврден принцип. За жал,  не мислам дека нашето општество било прогресивно или високо демократско за да можеме да кажеме дека сега се менува, па и повеќе е наклонето кон десничарските вредности. Она што во секој случај многу појасно се гледа сега е дека доминантните конзервативни вредности и сфаќања кои се сретнуваат кај мнозинството граѓани ги има и кај политичките партии кои се декларираат како левоориентирани, изјави Божиноска.

Ова состојба, според извршната директорка на ХЕРА оди и рака под рака со несанкционирање на говорот на омраза, а тоа создава плодна почва за насилство, што се гледа и низ наративите во социјалните медиуми кои особено се штетни и се за секаква осуда. Божиноска оценува дека тоа се истите тие групите кои ги поддржуваат и штетните традиционални норми кои се опасни за здравјето на младите, на жените и на маргинализираните групи, поради што, како што заклучува, е многу важно во дебатите да се вклучуваат документи кои произлегуваат и од терен и од студии и се докажани како интервенции за тоа како може да се унапредат правата, а не да се уназадат.

Предлог законите кои ја поделија јавноста, повлекоа многу различни па и погрешни толкувања, дезинформации и говор на омраза. Некои искажани ставови во јавноста го покренаа прашањето дали овие изразени десничарски движења и наративи водат кон губење на веќе извојувани права. Или јавните дебати за улогата на жената нема да поттикнат редефинирање на улогата на жената, нејзиното право на абортус, на работа и плата, односно спротивно на се’ она што го претставува патријархатот. Ова големо информациско разногласие е на пат да се реши во Парламентот, но дали и во главите на граѓаните?!

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој го спроведува Институтот за комуникациски студии, со поддршка на Британската амбасада во Скопје

Related posts

БЛАГОЈ НАЦОСКИ: СВЕДОЦИ СМЕ НА ИЗЖИВУВАЊЕ ВРЗ МАКЕДОНСКИОТ НАРОД И ДРЖАВА

ninja

Државата ги „опари“ партиите

admin

Во Тетово не се гради втор студентски дом „на штета на Штип и Скопје“

admin

Фон дер Лајен подготвена за соработка со десничарите

admin

Сите посочуваат виновник за високите цени, никој не го санкционира

admin

ПОДКАСТ: Што мисли младината за своите партиски сениори? (ВИДЕО)

admin