16.8 C
Скопје
22 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Петар Гошев: Ни треба револуција за правна култура

Ни треба револуција против промоција на криминалците во општеството, средства за морална хигиена од нивното загадување на јавниот простор, вели искусниот политичар

 

Витражите не можат да му се спротивстават на протекувањето на дождот, па влага и мувла со години ги јадат ѕидовите на споменичниот комплекс „Илинден“ (Македониум) во Крушево. Честа слика во земјата се и празни постаменти заради украдени или вандализирани бисти на револуционери, споменични натписи избришани од забот на времето, обележја целосно обраснати во трева. Иако недоволната грижа за нив се потенцира речиси пред секој празник, како и пред денешниот 23-ти Октомври – Ден на македонската револуционерна борба, нужноста од обнова на тие споменици со години не успева да стане ставка во Буџетот.

Како се оддолжуваме кон револуционерите и каква современа револуција му треба на нашето општество денес? На оваа тема разговаравме со Петар Гошев, поренешен пратеник, министер, гувернер на НБРМ.

Вели – време е да размислиме што ни значат овие празнувања – дали само благодарност кон сите учесници во разните  револуционерни битки за создавање и развиток на македонската држава, или и доказ дека нивните дела се претвориле во инспирација на генерациите по нив за надградување на нивната оставнина.

„Ако е само првото, тоа би значело дека прославуваме само стари победи, а на народ без нови победи не му се пишува добро. Инспираторите за овие празници, може да бидеме сигурни, дека повеќе би го сакале второво, зашто за тоа и ги вложиле нивните животи. Во последните три децении, за жал, книгата за испишување на нашата историја сé повеќе станува ‘Книга на срамот и поразите’ отколку бележник за надградба на нивите дела. Иако некому може да му прозвучи пресилно, започнавме да испишуваме сé повеќе страници за убивање на сопствената држава – за арчење на наследството од нив“, вели Гошев.

Недоволната грижа за спомениците како Македониум се потенцира речиси пред секој празник, но нужноста од обнова на тие споменици со години не успева да стане ставка во Буџетот.
Недоволната грижа за спомениците како Македониум се потенцира речиси пред секој празник, но нужноста од обнова на тие споменици со години не успева да стане ставка во Буџетот.Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Револуција и еволуција

Во пресрет на празникот, веста дека возот на релација Битола – Скопје и обратно ќе сообраќа само еднаш дневно, ги зголеми критиките дека празникот го дочекуваме со сообраќен и инфраструктурен супстандард, многу сличен како од времето на оние кои ги славиме. И не само во железничката, туку и во патната инфраструктура. Ако нашите предци кревале вооружени востанија за слобода, од нас во слободна држава се очекуваше продолжување на нивните дела за развојни цели, односно образовни, здравствени, инфраструктурни, технолошки „револуции”…

Но железничките прагови од времето на Тито, сведочат дека сме далеку од револуционерни решенија, и не само во инфраструктурата.

„Нашата денешна криза не е економска, технолошка, енергетска… Таа е длабоко морална, културолошка, а сé останато се само последици. Не знам дали сме способни за тоа, но нам ни треба пред и над сé, длабока и вистинска културолошка револуција (секако не од кинески вид) или, ако некому му пречи зборот револуција – ни треба забрзана еволуција во сите домени од областа што збирно ја нарекуваме култура. И забрзана еволуција на вкупниот систем на вредности кој длабоко е зарибан, ретрогаден, парохијален – потопен од нечесноста и доминацијата на лагата“, вели Гошев.

Смета дека со нов културолошки образец власта треба да се спречи да ги потпишува нејзините ветувања на мраз, а потоа мразот да го принесува до оган.

„Ни треба револуција за секуларизација наместо сакрализација на односот кон државните лидери. Револуција против патримонијализмот на чиновникот кој му е верен на партискиот лидер наместо на својата законска должност. Ни треба револуција за правна култура. Правото да стане еден од најважните општествени институти – кој во најголем дел го детерминира политичкиот социјалниот и економскиот развиток. Во општества, лишени од цврста правна и морална култура – кои патем и лажно глумат христијански вредности – најголем легитимитет добива силата. Во такво опшество не помагаат ни закони ни заповести. Остануваат без механизми за социјална саморегулација“, вели Гошев.

И не само тоа. Посочува дека е потребна и жестока пресметка со султанизмот во партиите, со  гангстерскиот капитализам и со културата на надзаконитост на владеачката каста или касти.

„Ни треба револуција против дружењето со криминалците, против нивната промоција во општеството, средства за морална хигиена од нивното загадување на јавниот простор. Ни треба препород на придавките ‘чесност’, ‘доблест’, ‘личен интегритет’, враќање на вредноста на искажаниот збор. Дури по наведеново, може да зборуваме за концепти на индустриски политики, технолошки и еколошки револуции, за добрата и лошата страна на вештачката интелигенција и другите мега теми на современите развиени демократски општества”, оценува Гошев.

Правото да стане еден од најважните општествени институти, вели Петар Гошев
Правото да стане еден од најважните општествени институти, вели Петар ГошевФотографија: Ute Grabowsky/photothek/picture alliance

Нашата борба  против непотизмот и криминалот

Јавни дебати за овој широк спектар на прашања нема. Се случуваат инцидентно и сегментарно, најчесто како реакција откако некои последици во одредени сфери ќе станат видливи.

Но дел од овие прашања се акцентирани во празничната честитка од претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин“, порача претседателот.

По повод Денот на македонската револуционерна борба, владина делегација претставена од Роберт Алаѓозоски (национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка) и Драган Василевски, советник за одбрана на премиерот, во 11 часот ќе положат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

Во организација на Патриотскиот институт „Гоце Делчев“ на ВМРО-ДПМНЕ во 13 часот кај Камениот мост ќе се говори за

„Традиција која обврзува за иднина која доаѓа“, при што свои обраќања ќе имаат партискиот претседател Христијан Мицкоски и претседателот на Патриотскиот институт, Александар Пандов.

 

Извор: ДВ

Related posts

Договорот со „Бектел и Енка“ ги „потона“ антикорупционерите

admin

ВИЦЕПРЕМИЕРОТ БИТИЌИ НАЈАВУВА УВОЗ НА ЕВТИНА РАБОТНА СИЛА

ninja

Никола Димитров: Царот е гол!

admin

ЕУ воведува нови гранични контроли: Што се EES и ETIAS?

admin

НОВИНАРИТЕ БАРААТ ЗАШТИТА НА ПРОФЕСИЈАТА

ninja

Се затвора најгледаната косовската телевизија, сопственик била македонска компанија

admin