3.8 C
Скопје
11 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Дезинформациите доведоа до недоверба во лекарите, терапијата и вакцините

Студија на британски доктор, која го поврза аутизмот со МРП-вакцината, влијаеше и кај нас значајно да се намали бројот на вакцинирани деца во првата година од животот. Оваа студија која била извршена на само 12 деца, подоцна беше повлечена како неточна, но предизвика скепса во вакцините против морбили. Следено со бројни дезинформации и антиваксерски движења, во Македонија во 2019 година четири деца (на 5,8 и 13 месеци возраст) починаа, а се појави и епидемија на сипаници.
Дезинформациите пошироко предизвикаа недоверба во лекарите и здравството. Тоа според комуниколозите може да донесе до тоа дел од луѓето да се плашат, да не одат на лекар, да не ја пијат потребната терапија и на крај може да доведе до фатални последици.

По години без заболени од мали сипаници, во 2019 година беше прогласена епидемија. Заболеа 1900 деца, а четири бебиња починаа. Тогаш опфатот со МРП вакцинации, што е една од задолжителните и дел од календарот за имунизација падна на 74 проценти и како што велат лекарите, беше прашање на време кога ќе се појави болеста. Четири години подоцна, причините за така драстичниот пад на бројот на вакцинирани деца се смета дека се должи на бројните дезинформации за вакцините, кои предизвикаа историско најниска стапка на имунизација. Овој однос кон вакцините се става и во контекст на Ковид пандемијата, која напливот на дезинформации беше најголем, а антиваксерските движења добија замав. Веднаш по прогласувањето на епидемијата со морбили, беше спроведена вонредна вакцинација, кога беа опфатени околу 42.000 деца. Меѓутоа, како последица на одлуката да не се примат вакцини и ширењето на морбилите, беа изгубени четири детски животи.

Националната координаторка за имунизација, д-р Александра Грозданова вели дека дезинформациите ги збунија родителите.

-Оваа вакцина е стигматизирана бидејќи е асоцирана со аутизам и тоа со децении наназад од појава на еден несреќен научен труд. Но, ние треба да кажеме дека најголем дел од родителите всушност ја одложуваат вакцината. Немаме некласично примање, туку најчесто наместо да се прими на една година возраст, се прима на две, на три…Тоа е една шпекулација меѓу здравствените работници кои советуваат: „Ајде детето да прозбори, да прооди и слично“, коешто нема никаква оправданост. Дополнително во тој период го ставате детето во ризик да кога ќе се најде во средина во која се’ повеќе има невакцинирани деца, може да биде изложено на инфекцијата од морбили, вели д-р Грозданова.

По вонредната вакцинација со МРП и зголемување на опфатот на вакцинирани деца следните три години  – 2020, 2021 и 2022 година, нема ниту еден нов случај на морбили, се’ до оваа година, кога е регистриран еден. Студијата, која ја споменува д-р Грозданова е од 1998 година, кога британскиот доктор Ендрју Вејкфилд, излегол со тврдење  дека МРП вакцината носи можни невро-психијатриски нарушувања како аутизам. Подоцна, студијата беше повлечена како неточна.

Меѓутоа, дел од македонските педијатри неофицијално ги советуваат родителите да почекаат со првата вакцина против МРП.

Доктор Грозданова смета дека е исклучително е важно да им се објасни на овие збунети родители дека таа вакцина се дава со децении наназад и да им се дадат научно потврдени информации.

-Да им се објасни дека појавата на аутизмот со вакцинацијата нема никакви научни било какви докази, но ова се и наши податоци, што тука сме ги виделе кај нас за да им се објасни на родителите дека е исклучително битно таа вакцина да се даде според календарот. Таа се дава на една година и потоа втората доза во училиште и на тој начин тоа е правилната одлука за да си ги заштитат децата од оваа болест. Тогаш имавме во време на епидемија 1900 заразени деца и четири смртни случаи, нагласува д-р Грозданова.

Куманово, Струмица и Скопје се градовите со најмал опфат со МРП вакцините. Доктор Злате Мехмедовиќ од Националната комисија за заразни заболувања објаснува дека има и други феномени со вакцинацијата и митовите, кои масовно се споделуваат, главно по социјалните мрежи.

-Да, има низок опфат во Куманово, но ХПВ вакцинацијата во Куманово е 60% што споредено со Скопје е само 13%. Треба да се работи на детекција на проблемите кои што се јавуваат во комуникацијата меѓу здравствените работници и помеѓу родителите, вели д-р Мехмедовиќ.

Според докторите, родителите имаат поинаков однос кон вакцините, кога треба да се патува туристички на егзотични дестинации, како на Малдиви, кога не се прашуваат за квалитетот и евентуалните последици од вакцината за жолта треска и други три задолжителни за некои краеви од светот, што не се задолжителни кај нас.

Правилното информирање, базирано на научно базирани факти, врз научната вистина е клучно. Затоа, како што вели комуниколог Бојан Кордалов, добро е во презентирањето на информациите и лекарите и граѓаните, да се водат од науката, а не од социјалните медиуми, како што тоа беше случај во време на Ковид пандемијата.

-Мораме да разликуваме што е наше право да мислиме, да зборуваме од она што не е наше право да шириме пропаганда и со тоа да ги загрозуваме животите на сите околу нас. Втората работа е кога говориме за лажни вести, дезинформации и мисинформации, да знаеме дека тие постојат и тие може да убијат и да донесат до фатален крај. Зошто? Заради тоа што лажните вести не се таму некаде, туку се тука, присутни меѓу нас и не’ напаѓаат нас како луѓе, нас како граѓани и нашите блиски. Ако се гради недоверба кон докторите, ако се гради недоверба кон здравствениот систем, тоа не e недоверба кон политичарите, тоа е недоверба кон луѓето коишто се грижат за нашето здравје, за здравјето на нашите деца, за здравјето на нашите блиски. И сета таа недоверба може и ќе донесе да дел од луѓето се плашат, не одат на лекар, не ја пијат потребната терапија и на крај може да доведе до фатални последици, изјави Кордалов, кој заедно со Фондацијата Метаморфозис работеше на анализа.

Довербата во имунизацијата полека се враќа. Опфатот на вакцинирани деца полека се зголемува. Меѓутоа, од совеста на родителите, односот на здравствените работници но и правилното информирање зависи дали трите болести му се закануваат на европскиот континент, а тоа се пертусис, дифтерија и морбили, ќе се вратат.

На ова укажува и Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија.

Ги уживаме бенефитите на генерациите пред нас кои биле целосно вакцинирани и успехот кој го донел таа целосна вакцинација. Затоа што многу болести не ги сведочиме, не ги гледаме, болестите кои можеле да доведат до смрт, до попреченост, затоа што генерации пред нас успешно се вакцинирани. И затоа ги повикувам родители своите деца целосно да ги вакцинираат своите деца и правилно да се информираат, рече Ди Џовани.

Извештајот на УНИЦЕФ годинава покажа дека довербата во вакцините што се примаат во детството се намалува ширум Европа и Централна Азија, вклучително и во Северна Македонија. Анализа на податоци за 55 земји од светот, покажа дека перцепцијата на јавноста за важноста од рутинската вакцинација на децата е намалена во Македонија од почетокот на пандемијата на Ковид-19.

В.К

Related posts

МАКЕДОНИЈА ЗАГРИЖЕНА, А АПАСИЕВ СО ПОДРШКА ЗА ПУТИН: САКАВТЕ КОСОВО, ЕВЕ ВИ УШТЕ ДВЕ

ninja

Јовановиќ: Економската криза е резултат на владините грешки

admin

Лога ја отвори Пандорината кутија а бугарските здруженија со пропаганда за „олеснување “ на чекорите до бугарски пасош

admin

Мицкоски: Не ни треба Пржинска влада

admin

ТЕНЗИИТЕ НА КОСОВО ГИ БРКААТ ИНВЕСТИТОРИТЕ ОД ЗЕМЈАТА

ninja

Две третини од државниот врв во посета на САД

admin