12.8 C
Скопје
28 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Дишеме контаминиран воздух, јадеме токсична храна: Жешките еколошки точки ни ја уништуваат околината, а закана се и за здравјето

Македонија има неколку жешки еколошки точки, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните со своето здравје. Овие жешки еколошки точки се закана за целата околина, а иако свеста за проблемот низ годините расте, надлежните власти немаат воја за долгорочно решавање – покажува искуството на познавачите кои ја истражуваат темата со години.

Пишува: Вања Мицевска

Линданот во скопски ОХИС, троската во велешката топилница, арсенот во кумановските Лојане и Табановце – се само мал дел од жешките еколошки точки кои се директна закана за здравјето на граѓаните, кои ем дишат загаден воздух, ем јадат храна од загадена почва.

Истражувањата во кои учествувал универзитетскиот професор Трајче Стафилов, покажуваат дека ситуацијата особено е алармантна во Велес и околината каде се констатирани пестициди во речните води.

Метали го контаминираат воздухот, токсична храна ни го труе организмот

Голем обем на загаденост има и во подземните води кои навлегуваат на подрачјето на скопската населба Лисиче, каде се забележани и високи концентрации на жива.

Од 2002 година па досега, се направени минимум пет студии во кои проф. Стафилов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет и неговиот тим интензивно ги испитувале воздухот, почвите, водите, па и храната во регионите на жешките точки. При тоа, стручњаците дефинирале дека во овие подрачја има две групи на токсични тешки метали.

„Отпочнавме до 2002 година, се собираа примероци од моф. Ги повторивме 2005, 10, 15 и 2020 година. Дефиниравме две групи на токсични тешки метали. Првата група е кадмиум, олово и цинк, а дистрибуцијата е во централниот дел на Македонија, односно во Повардарието. Во 2002 година обемот на тоа загадување на воздухот со честички што ги содржат овие тешки метали беше поголем, бидејќи топилницата во Велес сѐ уште работеше, а сега е затворена. Сепак тоа, загадувањето продолжува затоа што имаме депонија на токсичен отпад од таа топилница. А Југохром и Макстил сѐ уште генерираат честички со вакви тешки метали, така што воздухот во централниот дел на Македонија е сѐ уште контаминиран со овие тешки метали. Во јужниот дел на Повардарието има загадување со честички со хром и никел како резултат на емисија на прашина од Фени кај Кавадарци“, изјави професорот Стафилов.

Тој алармира дека загадувањето на животната средина во Велес е многу интензивно и затоа овој индустриски објект е на врвот по токсичност и опасност.

„Кога беше затворена топилницата остана депонијата на троска која има многу високи концентрации на разни метали. При тоа, интензивно се загадени почвите и утврдивме критично загадување на скоро сите почви во градот и околу индустриската зона од скоро седум квадратни км над интервентните вредности. Состојбата е сѐ уште таква“, објасни Стафилов.

Под претпоставка дека загадувањето е пошироко, тимот зел дополнителни примероци утврдувајќи екстремна загаденост на почвите на простор од над 14 квадратни километри.

„Ова загадување доведува до загадување на подземните води со кадмиум, цинк и бакар затоа што растворливоста на овие метали е голема. Ова загадување во критично загадените почви оди и до 40 па во некои случаи до 60 сантиметри во длабочина.  Она што загрижува е фактот овие тешки метали симулираат хлороводородна киселина во желудникот кај човекот и предизвикуваат токсични ефекти“, предупреди професорот.

При тоа, тимот зел примероци од зеленчуци од Велес и околината, а испитувањето довело до фрапантни резултати според кои тие имаат концентрација на кадмиум и олово и тоа далеку над максималната дозволена. Иако состојбата која тој ја опиша, била констатирана пред седум години, Стафилов укажа дека и сега има слична ситуација. Со ова, храната како што е зеленчукот и која се вбројува меѓу најздравите намирници, всушност ги труе македонските граѓани.

Ситуацијата не е алармантна само во централниот дел од државата, па така во Пробиштип се произведува зеленчук со зголемена концентрација на олово, а во Лојане пак, арсенот во површинските води е толку екстремен што може да предизвика и рак.

Медиумите како важна алка во зголемувањето на свеста за опасноста од еколошките проблеми

Новинарите кои известуваат за овие теми и ѝ предочуваат на јавноста за опасностите кои тие ги носат со себе, сметаат дека загадувањето на околината ретко е застапено во медиумските написи. Тие порачуваат дека медиумите треба поупорно да известуваат за она што се случува на опасните локации, како своевиден притисок врз институциите да ги земат работите во свои раце.

Уредникот на новинската агенција Мета, Бојан Блажевски  сподели кој е импактот од следењето на жешките еколошки точки кои се опасни по човековото здравје, но и по животната средина воопшто.

„Во овие пет години постигнавме извесен импакт како медиуми. Може да го забележиме чистењето на малата депонија со линдан во кругот на фабриката Охис кое е започнато. Понатаму, може да го забележиме напорот кој го вложува Министерството за животна средина за одржување во функција на пречистителната станица на водите кои се загадени со хром од депонијата во Јегуновце. Најавите на општина Пробиштип дека ќе пронајде приватен инвеститор кој би го санирал теренот на старото хидројаловиште и би изградил фотоволтаична централа на овој локалитет, како и најавата на Министерството за животна средина дека ќе вложи во оградување на локацијата во рудникот Лојане. Најавата е дека до крајот на годината ќе се огради овој терен“, истакна Блажевски.

За жал, рече тој, ова не е доволно и е далеку од решавање на проблемите кои го уништуваат квалитетот на живот на локалното население.

„Би констатирал дека Државниот инспекторат за животна средина по нашите пишувања вршеше инспекциски надзор на локациите и во еден случај му наложи на Министерството во делот на арсенот складиран во Табановце и Лојане да преземе мерки за да се спречи непосредната опасност по жителите.  Сепак, не секогаш имаме разбирање од одредени институции. На пример Институтот за јавно здравје не секогаш бил отворен за соработка. Би ги напоменал и локалните самоуправи, кои не секогаш биле заинтересирани да соработуваат со нас во случаите на известување. Иако локалните самоуправи немаат директна обврска за решавање  на жешките еколошки точки, токму тие треба овие локации да бидат отворени кон новинарите за притискање кон решавање на проблемите кои ги има населението. Сериозноста по човечкото здравје е навистина многу голема и ова е стимул за нас како медиуми да продолжиме да притискаме и да известуваме за жешките еколошки точки сѐ додека не се постигне понатамошна реакција“, додаде Блажевски.

Тој го пренесе и ставот на експертите за штетноста од бавната „ажурност“ на институциите за справување со овој тип проблеми:

„Експертите говорат дека колку повеќе време се одложува решавањето на овие жешки еколошки точки, толку повеќе цената којашто е потребна за да се санира теренот, за да се извезе овој опасен отпад надвор од земјава, расте. Решавањето на проблемот со линданот во Охис денес чини многу повеќе како сума на средства која треба да се одвои. Колку повеќе ние го одложуваме решавањето на овие жешки еколошки точки, толку повеќе проблемот станува покомплициран“.

Новинарката, Сања Наумовска забележа дека во последната деценија расте свеста и разбирањето за овие проблеми. Јавноста е свесна за последиците од загадувањето, но и за тоа дека институциите треба да достават можни решенија.

„Пред 10-тина години почнаа да се отвораат овие прашања, а борбата да се зборува за нив, новинарите ја одвиваа и со институциите, но и со медиумите кои не секогаш сметаа дека еколошките прашања се важни прашања. Исто така, и институциите беа исклучително затворени бидејќи им беше важно јавноста што помалку да знае и да зборува за проблемите за кои јасно беше и тогаш, дека немаат моќ да ги решат. Тогаш беше евидентно дека новинарите коишто сакаат да истражуваат немаат доволно анализи и научни трудови кои би им биле на располагање и би ги поткрепиле нивните тврдења. Тие се појавија понатаму и сега може да се послужиме со нив и да ги повикаме надлежните на одговорност за решавање на овие проблеми. Ние еднаш бевме да известуваме на терен кај Велес и во пошироката околина таму има земјоделско земјиште, има доста бавчи, има лозја.  Ги прашувавме луѓето дали не се плашат што на неколку километри имаат огромен рид со прашина. Тие ни кажаа дека никој никогаш не дошол да ги информира дека не треба да произведуваат зеленчук, дека почвата е загадена. Значи информациите до нив многу тешко стигнуваат“, истакна Наумовска.

Денес за индустриските жешки точки се зборува многу повеќе и свеста на јавноста е многу поголема за постоењето на овој проблем. Многу луѓе точно знаат какви се последиците за околината и граѓаните, а јасно им е и на институциите дека јавноста знае. Темата е далеку од табу иако и јас мислам дека животната средина заслужува многу поголемо внимание во медиумите – заклучи новинарката.

Професорот Стафилов апелира дека не може да не се решаваат проблемите, затоа што загадувањето на животната средина ги умира луѓето. „Попластично“ објаснето, загадувањето на средината претставува воведување на различни хемиски супстанци, цврсти честички и биолошки материјали кои доведуваат до нарушување на здравјето на луѓето. Антропогените извори се најголеми извори на загадување на животната средина и тука предничат индустријата, енергетиката, третманот на отпад и многу други извори.

Експертите во периодот од 2004 до 2006 година работеле на изработка на национален план за управување со цврст отпад, кога всушност и се идентификувани најопасните индустриски жешки точки во Македонија.  Тогаш испитувањата дефинирале дека во Македонија има годишно генерирање на вкупен индустриски отпад од над 19 милиони тони. Од нив, 4,6 милиони тони биле опасен отпад. Состојбата сега е променета во однос на количествата на отпадот бидејќи нешто е намален отпадот од рударството, но загрижува тоа што количеството на опасен отпад е речиси на истото ниво континуирано секоја година.

 

Related posts

До фотоволтаици на покривите без решение за градба

ninja

Ковачевски му нудел на Мицковски „пола-пола“: Тоа е најфер, братски

admin

Мицкоски – Брисел да даде гаранции дека нема да има идно вето

ninja

„Островот на развратот“ стана инкубатор на шпекулации

admin

Маричиќ: Датумот за идно проширување ја оправдува нашата стратегија за брз влез во ЕУ

admin

ШОЛЕ И ЕСКОБАР ЈА ОДЛОЖИЈА ПОСЕТАТА НА СКОПЈЕ

ninja