23.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Буџет за 2024 – реален или предизборно напумпан?

Предлог државната каса за годината со два изборни процеса е рекордно тешка. Власта е оптимист дека скроеното носи развој, експертите и бизнисмените пак предупредуваат да се внимава оти инфлацијата не е победена.

 

Забрзан раст, поголеми инвестиции, помал дефицит, зголемена потрошувачка. Ова се контурите или основите врз кои власта го скрои буџетот за наредната, 2024 година. Народната каса во годината која ќе биде во знакот на два изборни процеса, претседателските и парламентарните, ќе тежи рекордни 5,5 милијарди евра, или околу 5% повеќе од актуелниот за 2023 година. Дефицитот е проектиран на 545 милиони евра, или 3,6% од планираниот бруто домашен производ.

Владата планира да собере повеќе пари, но и повеќе да троши. За капитални инвестиции, но и за плати, пензии, социјални трансфери. Вака скроен, буџетот, во кој се планирани 773 милиони евра за капитални инвестиции, според власта е развоен и обезбедува солидни основи за перспектива на стопанството и подобар стандард за граѓаните:

„Буџетот за 2024 година ќе биде столб на економското заздравување, а понатаму и на забрзување на растот. Најголем придонес се очекува да имаат бруто инвестициите од државата. Двигател на растот ќе биде и поддршката на приватниот сектор, закрепнувањето на трговските партнери, Германија и ЕУ. Стапката на инфлација се очекува да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на стабилно ниво на цени на енергенси и храна“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Реални или предизборни контури?

Владините очекувања се позитивни, но дилемата е колку тие и реално се остварливи. Пред сѐ поради актуелниот домашен економски амбиент кој е далеку од сјаен, сѐ уште присутните ризици на глобално ниво, но и изборниот процес кој ќе доминира во текот на наредната година. Експертите се генерално воздржани во проценките дали и колку треба да се биде оптимист во актуелните услови. Не се изненадени што буџетот е зголемен, но не се сигурни дека прогнозите за приходите се реално поставени:

„Во делот на приходите, прилично оптимистички се планира раст од 10% во однос на 2023, имајќи предвид дека и годинава динамиката на прибирање на јавните приходи е под планираното и тоа значително. Оттука сметам дека е прилично амбициозно да се калкулира со тој обем на јавни приходи, а доколку не се остварат, да се задржи планираното ниво на јавни расходи, тогаш така декларираниот буџетски дефицит од 3,6% нема да биде остварлив“, изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Според Ивановски, добро е што Владата е доследна кон определбата за фискална консолидација, што се потврдува со намалената проекција на буџетскиот дефицит во апсолутен износ, но и во процент од бруто домашниот производ:

„Иако тој е сѐ уште над дозволената граница според Махстришкиот критериум од 3%, сепак не е премногу, што остава верба дека Владата ќе остане на определбата за фискална консолидација и постепено намалување на буџетскиот дефицит, а со тоа и на јавниот долг“, смета Ивановски.

Сепак, она што загрижува, според него, е структурата на буџетот, за која вели дека е прилично нефлексибилна, пред сѐ поради големите обврски во социјалната сфера:

„Сѐ уште сме далеку од вистинско капитално и на пазарни основи поставено пензиско осигурување, така што голем обем на буџетот и наредната година ќе биде наменет за исплата на пензии, нешто на што секоја Влада и во иднина ќе мора сериозно да размислува, затоа што не само што истото го оптоварува буџетот, туку го прави нефлексибилен, односно да не може да ги исполнува неговите други функции. Голем дел исто така ќе оди на плати на јавната администрација што исто така ја потврдува неможноста на буџетот да се искористи поагресивно за подинамичен економски раст“, укажува Ивановски.

Освен за пензии, наредната година ќе бидат потребни повеќе пари и за платите во јавниот сектор и тоа за 18% повеќе од годинава. Власта тврди дека поради изборите одреден период не се предвидени нови вработувања, а нема да има и дополнителни зголемувања на платите на функционерите, кои веќе пораснаа за 78%. Но она што нема да запре се бруто инвестициите, пред сѐ јавните, односно големите инфраструктурни проекти финансирани од државата кои се започнати и кои ќе продолжат да се реализираат во предизборниот период. Очекувањата се тие да бидат главен двигател на растот, придружени со мерките за поголема реализација на капиталните инвестиции. Ваквите уверувања според упатените сепак не се никаква гаранција дека може мирно да се спие:

„Обемот на планираните капитални инвестиции- традиционално е голем, меѓутоа сѐ уште недоволен за истите да можат да го забрзаат растот на економијата. Во моментов тие се на околу 14% од буџетот, а доколку сакаме повисоки стапки на раст, тој процент мора да се зголеми и тоа да се доближи до 20%, што би било оптимално ниво за буџетот да има подинамична развојна компонента. Во делот на јавните расходи би кажал дека се потребни и позначајни промени во делот на намалување на јавната администрација, а со тоа и намалување на фискалниот товар за исплата на плати. Во однос на планираниот раст, особено на минималната плата и платите на јавната администрација потребно е добро да се искалкулира затоа што македонската економија сѐ уште не се справила добро со инфлацијата. Растот на потрошувачката по основ на растот на платите, па дури и на минималните, кога тоа не се пресликува со раст на продуктивноста, може директно да влијае на подгревање на инфлацијата“, предупредува професорот Ивановски.

Предизборна „розова слика“

Веста дека владата скроила буџет во кој се планираат повеќе капитални инвестиции и поддршка за приватниот сектор не е ништо ново за стопанствениците. Посебно не кога се презентира државна каса за година во која треба да се одржат избори, во случајов двојни. Ново, според дел од нив, ќе биде доколку она што се планира навистина и се реализира во целост во текот на буџетската година:

„Буџетот е план за трошење и во него секогаш капиталните инвестиции се големи и тоа изгледа дека е развојно. Но кога ќе дојдеме до крајот на годината реализацијата е многу помала. Тоа се покажува постојано низ годините. Се случува и оваа, а се плашам дека така ќе биде и наредната година, кога не сум сигурен дека ќе се реализираат сите тие капитални инвестиции кои се најавуваат. Владата сака да продава розова слика, но реалноста е многу поинаква“, изјави за Дојче веле Ангел Димитров, стопанственик од Организацијата на работодавачи.

Клучниот проблем, според Димитров, е работната сила, која станува рак рана на македонската економија:

„Мораме да сфатиме и мораме да се прилагодуваме на новата реалност, а тоа е дека имаме сѐ помалку работници. Затоа треба да ги прилагодиме институциите во администрацијата согласно бројот на работници во индустријата, а не да се однесуваме како се да е розево и убаво и да се залажуваме дека ќе има развој. Без луѓе нема развој, затоа јас сум песимист, поради намалувањето на бројот на работниците во индустријата. Тоа ќе биде рак рана на целата држава“, предупредува Димитров.

Социјалата го јаде развојот

Она што дополнително ги депримира стопанствениците е што социјалната компонента продолжува да го јаде потенцијалот за развој кој треба да го обезбеди државната каса. Клучниот проблем е што политиката се залага и пропагира промени, но повеќе декларативно отколку што се делува реално:

„Факт е дека секој досегашен буџет, па и овој за наредната година, е пред сѐ социјален и насочен на купување мир, но и глас повеќе за изборите. Тоа е така оти сѐ е политизирано, секоја одлука на владата се носи врз основа на тоа како таа ќе се одрази на изборите. Сѐ додека се мисли на интересите на политиката, а не на иднината на државата, се знае како ќе завршиме. Така нема да можеме да се надеваме дека ќе имаме посериозен развој. Затоа мора веќе еднаш да се стави фокус не на она што се планира, туку на она што се реализира. Да го ставиме фокусот на завршната сметка, а не на планираниот буџет. Така ќе видиме колку навистина се сработело и колкав е ефектот врз економскиот раст. Или колку е реалниот долг според бруто домашниот производ. Но ме чуди што за тоа не се води никаква дискусија во државата“, критикува Димитров и додава дека политичарите тоа вешто го манипулираат:

„Кога сме конкретно кај јавниот долг тој номинално расте, но министерот за финансии ќе ви каже дека според бруто домашниот производ тој е толку и толку, но клучната дилема е според кој бруто домашен производ. Кога е според оној што е планиран, излегува дека јавниот долг не е многу голем. Но тој бруто домашен производ е планиран и не е вистински, односно на пример за годинава ќе биде, но во март или април наредната година кога ќе имаме завршна сметка за 2023. Е дури тогаш ќе видиме дали таа е реална и колку навистина изнесува долгот. Но политичарите ги користат овие бројки за да ја претстават малку порозова состојбата, односно реалноста, која е сепак малку поинаква“, укажува Димитров.

Ново задолжување

Со предлог буџетот за 2024 година, државата планира да се задолжи за 1,2 милијарди евра. Со овие пари се планира да се покрива дефицитот, но и да се враќаат стари долгови. Во расходната страна на буџетот се предвидени и пари за двата изборни циклуса, претседателските и парламентарните избори кои вкупно ќе ја чинат државата 16 милиони евра.

Освен што ќе се потрошат повеќе пари за плати и пензии, во расходите се предвидени повеќе пари за образованието и за здравството. 40 милиони за образованието, и 20 милиони евра повеќе за здравството. Владата најави дека во наредната година ќе продолжат субвенциите за електрична енергија, а предвидени биле пари и за нови мерки за помош на ранливите категории граѓани.

Планот за наредната година е да се потрошат 3,5 милијарди денари за антикризни мерки. Парите за ова Владата ги собра уште сега, односно треба да ги дособере преку еднократниот солидарен данок кој ретроактивно го наплати од дел од компаниите кои оствариле екстра профит. Најголем раст за наредната година е планиран во делот на приходите по основ на данок на личен доход, данокот на добивка и приходите по основ на акцизи. Откако помина на Влада, предлог буџетот за 2024 година сега ќе треба да го помине и собранискиот филтер.

 

Извор: ДВ

Related posts

Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замени

admin

Собранието ќе одлучува за два спорни закона за легализација на дивоградби

admin

ПОД ИСТРАГА ДВА МИЛИОНСКИ ТЕНДЕРИ НА „СЕРТА“ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВЛАДИНИ ИНСТИТУЦИИ

ninja

Две илјади работници досега сакаат работа преку Отворен Балкан

admin

КОИ СЕ СРПСКИТЕ ДОБРОВОЛЦИ „САВА“ И „ДУНАВ“ КОИ ВОЈУВААТ ВО УКРАИНА?

ninja

Има ли „кочница“ за банкарските провизии при плаќање сметки?

admin