12.8 C
Скопје
14 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Не е важно како се облечени, туку што им излегува од уста“: Каква порака испраќаат политичарите со стилот на облекување?

Патики од стотици евра и нешто поскапи бунди, чанти и очила за сонце…Облеката и аксесоарите на домашните политичари повеќе пати предизвикаа негативни реакции кај граѓаните, чии трошоци постојано растат. Стилот на облека е важен за впечатокот кој го оставаат политичките функционери пред целокупната јавност, но сепак не толку многу колку она што ќе го кажат и направат.

Дали навистина треба да се „фалат“ со она што го поседуваат и каква е штетата по јавното мислење која со леснотија може да ја предизвикаат со она што го носат на себе?

Пишува: Вања Мицевска

Кодексот на облекување поставува сет правила за облеката на разни општествени настани, додавајќи доза сериозност и посветеност. Облеката има моќ да го надополни стилот на изразување, но и да каже многу повеќе од изустеното.

Познавачите ќе се согласат дека особено облеката која ја носат политичарите треба да биде формална, неретко и конзервативна. Стилот сепак не е терен за авангарда, но кај јавноста може да предизвика или восхит или негодување.

Така, стилот на дел од домашните политичари се чини, стана дегутантен за дел од јавноста во земјава каде речиси половина милион граѓани дневно преживуваат со помалку од 200 денари додека дел од медиумите пишуваат за суми од стотици евра кои политичарите ги даваат за облека или обувки.

Каква порака со својата облека испраќаат функционерите до граѓаните од чии даноци се платени?

Одговори побаравме од комуникологот Бојан Кордалов и модниот критичар Небојша Толески, кои се едногласни дека многу поважно е она што политичарите ќе го кажат и ќе го направат, а не она што го носат.

Иако треба да изгледаат пристојно и да го почитуваат дрес кодот што го налага типот на настани на кои присуствуваат па често и самите ги организираат, тоа не мора да чини многу пари. Во спротивно, до граѓаните од кои голем дел едвај врзуваат крај со крај, се испраќа порака за прикажување на материјалното богатство, наместо фокусот да се стави на транспарентност и на проекти кои би обезбедиле подобро утре за „обичниот народ“.

-Прво, многу е важно да кажеме дека времето на таканаречениот „Евита Перон“ стил во политиката е даменшно минато и дека токму успешните приказни кои во светски рамки се случуваат на политичари, ги краси облека којашто е многу стандардна и многу својствена за средината во која се работи како политичар.  Во таа смисла, не значи дека вие треба да носите народна носија или да носите не знам колку скапа облека. Сѐ што треба да правите е да се фокусирате на тоа дека во тие година, две или четири години кога го имате мандатот, комуницирате со публиката и преку начинот на облекување, меѓутоа главната порака ја испраќате според она што ќе го сработите или нема да го сработите – објаснува во изјава за ММС, комуникологот Кордалов.

Тој забележува дека нашите политичари како да се опседнати со фотографирање и снимање и со таканаречениот пи-ар, но вели дека односите со јавноста се многу повеќе од тоа.

Токму едни такви фотографии предизвикаа низа реакции кај јавноста изминатиот период, а стилот на облекување стана една од темите на политичко-партиски препукувања.  Опозицијата го обвини вицепремиерот, Артан Груби дека станал моден гуру и на очиглед на целата македонска јавност  носи патики кои чинат колку една македонска плата.

Во своето писмено соопштение, ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека патиките на Груби се од брендот Off White и чинат над 450 евра. Стилот на Груби, опозициската партија го поврза дури и со изградбата на коридорите 8 и 10д, наведувајќи дека неговиот стандард на облекување пораснал со потпишувањето на договорот за изградба.

Од неговата матична партија меѓутоа, возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ е фабрика за лажни вести. Според ДУИ, Груби ги купил патиките на попуст, односно за сума од 138 евра, а претходно чинеле 212.

Објавите за стилот на облекување не го одминаа ниту опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски. Вниманието на јавноста дополнително го привлече споредбата со стилот на неговиот политички опонент, поранешниот премиер Зоран Заев. Дел од порталите наведуваат дека Мицкоски на едно од неговите јавни појавувања носи патики од брендот Ermenegildo Zegna N.V. познат и како Zegna, кои чинат 713 долари.

Патиките на Заев пак, за кои се тврди дека се од истиот бренд, наводно се 849 евра. Се обидовме да добиеме коментар од матичната партија на Мицкоски, но од таму не одговорија дали навистина се работи за таква сума како што се пишува.

Модниот критичар, Небојша Толески вели дека стилот не го оправдува луксузот и дека тој се учи, односно се гради.

„Ако си скапо облечен, не значи и дека ќе изгледаш убаво иако стилот треба да покаже и да испрати одредена порака.  Кога станува збор за јавните настапи на политичарите на кои тие се појавуваат во скапа, брендирана облека, можеби тоа до некаде е и оправдано бидејќи тие сепак имаат многу повеќе пари од нас обичните граѓани. Меѓутоа, не е оправдано ако е тоа скапо, а не му стои убаво. На крајот на краиштата, најважно е она што излегува од устата на политичарите, наместо нивниот стил. Меѓутоа, стилот се забележува и луѓето го забележуваат тоа“, наведува Толески.

Проекти во интерес на граѓаните, наместо „опседнатост“ со изгледот

Комуникологот Кордалов пак, смета дека политичарите се дури опседнати со тоа да изгледаат убаво и да се зборува за нив како појава, што забораваат дека од нив се очекува нешто, дека треба да водат добри политики и да направат нешто во интерес на граѓаните менаџирајќи ги нивните пари.

„Дополнително, како втора работа, кога вие сте во земја како Македонија каде што речиси 700.000 луѓе ви се на раб на сиромаштија или под работ на сиромаштија, каде цените секојдневно растат, а трошоците не можат да ги стигнат платите и примањата на луѓето, навистина е неприкладно да носите гардероба од пари кои не стигаат ни колку социјална помош, а камо ли како една минимална плата“, додава Кордалов.

Толески вели дека самиот не е поборник за скапи брендови кога е во прашање облекувањето на политичарите, затоа што и со поевтини работи може да се помине подобро и да се изгледа убаво.

„Сето тоа зависи од вкусот, но постојат и кодекси на облекување конкретно кај политичарите кои треба да ги почитуваат, но и да вметнат нешто што е својствено за нив, односно некој заштитен знак по кој би биле распознаени во поглед на облекувањето“, порачува Толески.

Од друга страна Кордалов нагласува дека и на меѓународните настани каде што има строг „дрес код“, никој никого нема да застане за да провери дали облеката му е од светски позната марка.  Токму поради тоа, функционерите треба да изгледаат пристојно и формално, но не и да создаваат недоверба кај граѓаните од кои на крајот од денот, ја заработуваат својата плата.

„Мислам дека не постои ниеден меѓународен настан на којшто вас ќе ве застанат на врата и ќе ве проверат од која марка и дали од некоја светски позната марка ви е облеката. Тоа е мит и такво нешто нема. Постои  дрес код на облекување, кој може да биде формален, неформален, бизнис неформален и така натаму, согласно приликата. Политичарите кои тоа го прават очигледно заборавиле каде се наоѓаат продавниците во градот или градовите низ земјата, каде што се купува облека. Најлесно е да отидете во најскапата продавница за гардероба и да го купите најскапото меѓутоа која е пораката што ја испраќате“, вели Кордалов и забележува дека со стилот на облека на јавните настани, политичарите наметнуваат повеќе прашања:

„Кој е фокусот кој сакате да го направите? На крајот на краиштата, колку од луѓето на кои вие им служите како политичари, имаат можност да се облечат во таквата гардероба? Вие ги трошите нивните пари, значи од парите од кои заработуваат плата и плаќаат даноци граѓаните, па и компаниите, вие земате плата. Од таа плата ја купувате облеката и сега ако мнозинството од луѓето не можат ни да си дозволат да влезат во некоја продавница, мислам дека е непристојно нивните пари да ги трошите за такви скапи брендови. Секако, дека ако тоа не ви одговара, можете да ја завршите вашата политичка кариера, да се вратите на вашите професии или да си основате бизнис и да градите стил“, заклучува Кордалов.

Коментирајќи го стилот на „политичките играчи“ кај нас, Толески оценува дека мажите евидентно се држат до правилото да носат класична и елегантна облека.

„Меѓутоа, гледајќи ги странските политичари, гледаме дека од друга страна кај нив веќе не е застапена таа униформираност и не е толку многу изразена туку се оди на комфорност и лежерност, а сепак сето тоа изгледа умерено и стилски оправдано“, истакнува Толевски.

Тој е „построг“ во однос на стилот на жените кои се дел од домашната политичка сцена и вели дека на прсти се бројат оние кои се облекуваат убаво, како на настаните овде, така и на оние на меѓународно ниво.

„Токму затоа постојат стилисти и луѓе кои се занимаваат со тоа односно со стилот на политичарите баш за јавни настапи и за настапи надвор од нашата земја како меѓународни конференции, самити, средби со кралски претставници и така натаму. Тогаш треба да постои тим кој ќе стои зад нив, односно стилисти кои точно си ја знаат својата работа и точно знаат во која пригода што треба да се облече бидејќи постои одреден кодекс на облекување на различни места –  во палата, во Белата куќа на пример, кодекс на настан од глобално значење и така натаму. Така што, немам некоја посебна изразена симпатија кон нашите политичарки кога е во поглед облекувањето. Единствено можам да ја издвојам Елизабета Ѓоргиевска иако не е политичарка, меѓутоа таа е достојна на својата задача како прва дама, одговорна е и точно знае во секоја прилика што да облече без разлика за што се работи“, порачува Толески.

Фото: Архива

ММС праша во кабинетот на премиерот кој се грижи за неговиот стил на јавните случувања и доколку има соработка со стилист или дизајнер, колкав е месечниот буџет кој се одвојува за таа да се реализира. Од ПР службата на Владата до овој момент не одговорија на прашањата, а одговори на прашањата на оваа тема изостанаа и од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски.

Темата за облеката и за аксесоарите на политичарите беше актуелна и во 2015-та година кога на чело на владата стоеше тогашниот премиер, Никола Груевски.

Медиумите објавија фотографија од него на плажа тврдејќи дека очилата за сонце кои ги носи вредат над 60.000 долари и дека се украсени со дијаманти. Неговиот тим за односи со јавност набргу потоа ги демантираше информациите тврдејќи дека очилата имаат просечна цена и може да се купат во секоја специјализирана продавница.

И покрај демантот и тврдењето дека очилата не се луксузни како што беше првично наведено во текст на Фокус, фотографијата предизвика лавина реакциина социјалните мрежи.

Ден по владиното соопштение, новинската агенција Мета излезе со информација дека таквите очила кои се од брендот „Мајбах“ сепак не можат да се најдат во оптиките низ Скопје, а откако новинарскиот тим направил обиколка, агенцијата објави дека во дел од оптиките првпат слушнале за брендот, додека други нагласиле дека такви очила не можат да се најдат ниту во оптиките со кои соработуваат.

На критики своевремено наиде и обвинителката Фатиме Фетаи која беше дел од некогашното Специјално јавно обвинителство.

Радио Канал 77 објави дека на едно од судењата таа се појавила во бунда со крзно од ракун од 830 евра, за порталот Вистина.мк подоцна да објави дека на друго судење, Фетаи носела чанта од брендот „гучи“ во вредност од 2550 евра.

 

Related posts

Мицкоски: Стојам позади кажаното за Груевски и ја затворив темата

admin

Спасеновски: Влада без ДУИ ќе ги комплицира работите

admin

Муслиу: С.Македонија не може да функсионира со влада без победничката партија кај Албанците

admin

Скопје и Атина пак „се фатија“ за името

admin

МПЦ-ОА има право на протест, дури и кога греши

admin

Грција ги легализира истополовните бракови

admin