4 декември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Недостигот од идеолошко профилирање промовира клиентелистички односи партија-гласач

Пишува: Џелал Незири

По Втората светска војна, за време на владеењето на Јосиф Сталин со Советскиот Сојуз, во земјите од Источна Европа беше инсталирана најбруталната форма на тоталитарно владеење. По неговата смрт во 1953 година, за време на владеењето на Никита Хрушчов и Леонид Брежњев, на некои источноевропски земји им беше дадена поголема автономија да го трасираат својот „комунистички пат“. Со ова започна преминот од тоталитарниот во пост-тоталитарниот режим, кој трае до 90-тите години, кога низ „источниот свет“ се инсталира демократијата како систем на владеење.

Овој процес на демократизација во поранешните комунистички земји често беше проследен со нестабилност на политичката сцена поради недостатокот на демократска култура кај самите субјекти. Транзицијата од тоталитарен или автократски систем во демократски систем на управување со политички субјекти често произведува две крајности: или создавање на партии кои функционираат според тоталитарниот модел, или на партии со внатрешна демократија кои често изгледаат анархични.

Политичките партии се јадрото на општественото организирање во секоја демократска држава. Овие организации се главните актери кои ги артикулираат и адресираат потребите и интересите на граѓаните. Тие се централните политички организации во сите современи демократски системи.

Партиите ги претставуваат граѓаните преку избори и ги мобилизираат општествените сили преку нивните политички програми и идеологии, што ја поттикнува демократијата. Сите политички системи на демократските земји (претседателски или парламентарни), ги ставаат политичките партии во центарот според нивната важност во поддршката и продлабочувањето на вредностите на репрезентативната демократија. Иако можеби имаат многу недостатоци, партиите се клучни фактори за застапеноста на демократските општества, артикулацијата на општите интереси и остварувањето на колективните агенди.

Кога зборуваме за политичките партии во Северна Македонија, тие го сочинуваат најголемиот дел од јавната сфера. Тие не само што се главни носители на политичките процеси, туку и клучен фактор во обликувањето на јавното мислење. Нивниот демократски капацитет го одредува и квалитетот на демократијата на државата воопшто и нивото на демократските институции особено. Се разбира, долготрајната транзиција во целиот регион на Западен Балкан доведе до девијации, дури и сериозни, и во оваа област.

Немањето јасна идеологија ги трансформира партиите во механизми за остварување на лични или кланови интереси. Идеологија значи политички идеи и идеали. Политичката идеја е средство за постигнување на идеалот, додека идеалот ја претставува визијата на политичките напори. Политичката идеја може да биде во форма на либерална, нелиберална, конзервативна, социјалдемократска, христијанско-демократска, демо-исламска, центристичка, еколошка, екстремистичка, фашистичка, итн. Значи, политичката идеја е точката што ги мобилизира гласачите да стигнат до целта – идеалот, кој често се претставува како утопистичка состојба за општеството каде што сè функционира совршено.

Која е идеологијата на нашите партии? Никој не може да каже со сигурност. На овие сериозни политички организации, кои го дефинираат нивото на демократија и квалитетот на нашиот живот, не им е јасно за што се залагаат. Дали сакаат општество каде што ќе има правична распределба на капиталот и другите јавни добра, поддржувајќи ги и зајакнувањето на синдикатите (социјалдемократите), или сметаат дека социјалниот развој најдобро се постигнува со поддршка и зајакнување на работодавачите, кои се разликуваат како највешти во создавањето можности за сите вработени (конзервативци). Левичарските партии беа создадени од синдикатите за да ги застапуваат нивните интереси во институциите на одлучување, додека десните партии – од бизнисмени за истите цели. Партиите на центарот се попрогресивни во негувањето на индивидуалните права и цели кон каузи кои се чини дека се заборавени од левицата и десницата, како што се заштитата на природата, родовите и сексуалните права, промовирањето на мирот, зајакнувањето на меѓународни мрежи итн.

Недостигот од идеолошко профилирање промовира клиентелистички односи партија-гласачи и ја демотивира категоријата гласачи кои настојуваат да поддржат одредени политички идеи кои водат кон идеалното општество и држава. Овој недостаток ја дефокусира јавната дебата од суштината на демократијата и ја носи на тривијални дневни теми, кои ја трансформираат политичката сцена во пазар на транфери, каде бројките се пред се.

Дополнително, немањето идеологија го ослабува имунитетот на партијата против вирусите на поделби, што резултира со трајно создавање на нови партии кои ги заменуваат старите. Затоа, пред претседателските избори на 24 април и 8 мај, партиите мора да анализираат и јасно да дефинираат која е политичката идеја што ги обединува, за кои идеали се залагаат (односно на која идеологија припаѓаат), за да можат да увидат со кого споделуваат заеднички вредности, со кои имаат слични идеи и идеали кои произлегуваат од вољата на граѓаните за кои се стремат да ги застапуваат. Отстапувањето од оваа волја и создавањето коалиции за тесноклански интереси ќе им ја одземе политичката моќ на тие партии, која не потекнува од клиентелистичкиот гласач, туку од гласачот кој бара достоинствено и квалитетно претставување на политичката сцена.

Related posts

Грција: Нов политички пејзаж

admin

Камшикот, од блиску дојде

admin

Сив туризам

admin

АМЕРИКАНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗА МАКЕДОНСКИ АРАМИЛУК

admin

Полиелеј за МПЦ

admin

ШТАЈНМАЈЕР: НЕ СЕ ВРАЌАЈТЕ НАЗАД ОД ПОСЛЕДНИТЕ МЕТРИ

ninja