8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Два конгреса на АА: Со Таравари вечерва, со Села во недела

пред 22 ч.

Битката со конгреси ја следи и шпекулативно лицитирање со претседателски кандидати. Дали Ахмети се вклучува во трката? Пред две недели тој изјави дека мисијата му е поважна од функцијата.

Два паралелни конгреса на Алијанса за Албанците ќе одржат двете крила во Алијанса за Албанците. Актуелниот лидер на АА, Арбен Таравари, откако вчера (15.02) официјално објави дека ќе биде кандидат за претседател поддржан од опозицискиот Европски сојуз за промени, за вечерва во 19 часот свика вонреден конгрес на партијата.

„Врз основа на член 31, точка 1, од Статутот на Алијансата за Албанците, свикувам вонреден Конгрес, петок, 16 февруари 2024 година, во 19 часот, во Александар Палас во Скопје. Промената започна!“, објави Таравари на неговиот Фејсбук профил.

Одговор стигна од другото крило.

„Во недела се одржува Конгресот на Алијансата за Албанците. Нема промена во датумот и локацијата. Добредојдовте во нашиот дом! Секоја друга информација која кружи освен оваа официјална информација е лажна и е обид за измама и дефокусирање на членството. 18.02.2024, 13 часот, Опера и балет“ – Скопје“, објави Зијадин Села, а оваа објава, која стои и на Фејсбук профилот на партијата, ја пренесоа и други негови приврзаници.

Меѓу мисијата и функцијата

Битката со конгреси, не е единствената која го бранува албанскиот блок. Во игра е и шпекулативно лицитирање со имиња и на можен претседателски кандидат на ДУИ, како одговор на потегот на опозицискиот блок. Од „барабанот“ досега излегоа две имиња –Бујар Османи и Али Ахмети.

По шпекулациите дека не е исклучено и Ахмети да се вклучи во претседателската трка, јавноста дополнително ја заинтригира министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој на неговиот Фејсбук профил објави фотографија од лидерот на ДУИ и кратка порака „Само Али Ахмети!“

Можно ли е ДУИ да заигра на таа „карта“?

Пред две недели лидерот на ДУИ јавно се изјасни дека мисијата му е поважна од функцијата. Тој став го искажа откако новинарот од Косово, Берат Бужала, во интервју со Ахмети на ТВ Клан изрази зачуденост од дводецениската дистанца на лидерот на ДУИ со функција во власта.

„Оваа ваша дистанца со моќта е импресивна. Веќе 22 години, победувајќи на сите избори, не сте зазеле ниту една владина позиција. Не знам дали има друг пример за политичар кој е во политичка трка, но не зазема јавнa позиција“, рече Бужала.

Во одговорот Ахмети наведе што му е поважно.

„Свесен сум дека не сум политичар кој излегол од телевизиските екрани. Јас сум активист кој излегол од албанското востание и нелегалниот живот. Размислував и за оваа работа, дали е подобро да се унапреди мисијата или функцијата. Заедно со сите мои луѓе, роднини и пријатели ценев дека е поважно да ја туркам мисијата отколку да ја барам функцијата“, изјави Ахмети.

Повеќе кандидати – предност или…?

Номинирање на претседателски кандидат на ДУИ, ги замрсува плановите на СДСМ за кандидат на нивен предлог кој би бил консензуално поддржан од Мала Речица, бидејќи ако се фрагментираат гласовите во првиот круг, тоа им ги намалува шансите за успех.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека кандидатурата на Таравари ќе биде провокација за ДУИ и тие профилираат свој претседателски кандидат.

„Мислам дека е добро е и здраво за демократијата во Македонија да има повеќе кандидати за претседател во првиот круг, затоа што граѓаните ќе имаат повеќе можност, да изберат, да излезат, да слушнат политичка порака. Ценам дека со кандидатурата на Арбен Таравари ќе биде испровоцирана Демократската унија за интеграција, па ќе мора и тие ќе мора да профилираат свој претседателски кандидат, што е добро“, рече Мицкоски на ТВ 21.

Лидерот на опозициската Алатернатива, Африм Гаши смета дека сега ДУИ е на потег да покаже за што се залага.

„ДУИ овојпат треба да одлучи дали е со Албанците или се води од личниот и партискиот интерес. Тие се пред свршен чин. Ова е моментумот. Ако имаат кандидат за претседател, паѓа во вода сѐ што зборувале, односно дека не им било важно дали претседателот е Албанец, туку им е важно тој да биде од ДУИ“, рече Гаши на Канал 5.

Според него, време е ДУИ да го поддржи Таравари, со оглед дека многупати се изјасниле оти им е важно премиерот или претседателот на државата да биде Албанец.

„Ако ДУИ ги убеди своите гласачи, убеден сум дека Таравари ќе оди во втор круг на претседателските избори“, оцени лидерот на Алтернатива.

Според Мендух Тачи од ДПА, функцијата претседател на државата е недостижна за Албанците, сѐ додека претседателот се избира со непосредно гласање. Според него, тоа може да се промени само ако претседателот биде избран од парламентот. /DW

Related posts

РУСКА АМБАСАДА: НЕМА ОСНОВА ВО ТВРДЕЊАТА НА ОСМАНИ ДЕКА РУСИЈА Е ЗАИНТЕРЕСИРАНА ЗА КОНФЛИКТИ НА БАЛКАНОТ

ninja

Страшна сообраќајна несреќа: Седум лица повредени

admin

ПРВИОТ ЧОВЕК НА МАНУ ГИ ПОВИКА ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ГЛАСААТ ПРОТИВ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

ninja

Мицковски најавува дека нема да ги гласа уставните измени: Ковачевски да внимава, да не се редефинира државата

admin

Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?

admin

ОТКУПОТ ЗА САЈБЕР НАПАДОТ ВРЗ ФЗО НЕ БИЛ МИЛИОНСКИ

ninja