Претстојните избори ќе ја блокираат домашната економија во период од минимум пет месеци – се пожали бизнис секторот, алудирајќи дека тоа ќе ја направи државата нефункционална. Распишувањето на изборите несомнено ќе донесе одредени законски забрани, но дали овој изборен процес ќе се одвива според препораките од ОБСЕ/ОДИХР останува неизвесно.
Пишува: Вања Мицевска
Работната група што ја формираше Министерството за правда за изборни реформи уште во ноември ги усвои ваквите препораки, а утврдените предлог измени на актуелната законска рамка веќе се доставени до Владата. Членовите на ова група сепак сѐ уште немаат информации до каде е постапувањето по нив и дали се во собраниска процедура.
Потпретседателката на Антикорупциската комисија, Катица Николовска вели дека изборот на техничката влада нема да ги промени состојбите во однос на забраните што во моментов ги предвидува Изборниот законик. Според неа, сѐ до распишувањето на изборите, нема да се промени ништо во делот на бизнис работењето.
Бизнисмените „лути“ на партиите: Политичарите и политиката не се најбитни
Сепак, Стопанската комора стравува дека домашните компании тешко ќе го пребродат целиот изборен период. Извршниот директор на Комората, Антони Пешев предупреди дека најзагрозени ќе бидат микро, малите и средните претпријатија.
„Кај нив ваквата ситуација се одразува драматично. Тие вработуваат многу луѓе, од нив зависат многу судбини, треба да поделат плата. Не можат да издржат блокади од 100 дена, плус избори, плус формирање влада и плус почеток на нејзино функционирање. Тоа би значело повеќе од пола година нефункционална држава“, реагира Пешев.
Претстојниот период ќе биде тежок за македонската економија, дотолку повеќе што годинава ќе има двојни избори. Пешев со порака до партиите – оние кои претендираат да дојдат на власт да се фокусираат на бизнисот.
„Ќе имаме скоро повеќе од пет месеци блокиран процес на економска активност. Владата ќе биде во поприлично рестриктирана состојба да влијае врз економијата и она малку пари што доаѓаа од државниот буџет кон економијата ќе бидат ставени под знак прашање. Имаме 100 дена полувлада или влада која се блокира самата себе, која нема можност да носи ниту економски одлуки. Потоа имаме изборен процес во кој не смее да троши, не смее да работи, а знаеме дека државата е голем финансиер на дел од економијата – фондови, тие фондови ќе бидат блокирани барем до шести месец годинава“, истакна Пешев.
Тој предупреди дека штетите за фирмите би можеле да бидат поголеми од апсолутниот износ што ќе им се даде на партиите во процесот на избори.
„Ќе имаме промена или ќе имаме старо-нова влада, ќе видиме што ќе се случува. Но во секој случај, ќе имаме ситуација во која политичките партии ќе треба да седнат и да се договорат за тоа каде оди оваа држава генерално“, додаде Пешев.
Тој обвини дека економијата е оставена само на себе и дека најмногу се поддржува администрацијата, а тоа не води кон создавање нова вредност.
Но независно од тоа која партија ќе биде на власт, бизнис секторот е дециден дека ќе врши притисок да се намалат трошењата во рамки на институциите.
Претседателката на Центарот за микро, мали и средни претпријатија, Габриела Кулебанова вели не очекуваат дека ќе биде лесно, но ќе мора многу повеќе сами да се поддржат.
„Независно која политичка партија е на власт, ќе вршиме силен притисок за да се намалат трошењата на партиите во рамки на институциите, за да се намалат административните трошоци, а ќе бараме и подобро поле за работа“, додаде Кулебанова.
Институциите во недоумница од изборните правила – бараат мислење од антикорупционерите
А токму распишувањето на изборите ќе биде „главниот виновник“ барем на извесно време да запрат вработувањата во јавната администрација. Заменик претседателката на ДКСК, Николовска во изјава за ММС вели дека за ова прашање постои исклучок само кога станува збор за итни и неодложни работи коишто се многу јасно дефинирани во самиот изборен законик.
„Овие забрани во изборниот законик не важат во периодот откако ќе се формира техничката влада. Изборните забрани се однесуваат за време на изборниот процес. Ќе видиме кога ќе биде донесено решението за започнување на изборите односно кога ќе биде рокот кога ќе бидат самите избори. Меѓутоа, она што останува непроменето додека не се донесат нови измени е дека, од денот на објавување на одлуката за распишување на избори до завршување на избор на претседател на државата односно пратеници во Собранието, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или да се започне постапка за престанок на работен однос во јавните институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување“, додава Николовска.
Таа вели дека иако не е официјално започнат, изборниот процес носи недоумници за дел од државните институции. Тие веќе почнале да испраќаат барања за мислење до Комисијата за спречување на корупцијата, но како што вели Николовска, ова тело нема таква надлежност.
„Барањата од институциите главно се насочени кон тоа да дадеме мислење дали смеат да постапуваат во период на техничка влада. Во изминатите изборни години, ДКСК редовно добиваше барања за мислење за постапување од институциите, а некои дури бараа и согласност за соодветно постапување. Исто како и минатите години, така и оваа година, ДКСК нема да дава мислење или согласност за постапување на органите, од причина што оваа комисија нема законска надлежност, ниту пак смее да дава такви мислења“, вели Николовска.
Таа укажува дека институциите и одговорните лица се должни доследно да ги применуваат забраните од Изборниот законик, а во случаи на доставени пријави за повреда на истите или по допрен глас од медиумите, ДКСК е должна да спроведе постапка.
„Доколку Комисијата утврди незаконитости треба да изрече соодветна санкција или мерка, но сето тоа е уредено и во кривичниот законик“, вели Николовска.
Работната група за изборни реформи беше формирана лани во април, со цел во претстојниот изборен процес да се имплементираат препораките од ОБСЕ/ОДИХР.
Дел од реформите всушност предвидуваат измени и во членот 8А од Изборниот законик. Николовска вели дека во овој член се предвидени забраните за започнување нови градби, за започнување на постапки за вработување или исплата на одредени парични средства, сѐ со цел да се намали злоупотребата од политичките претставници во државните институции или преку користење на државните ресурси.
„Имајќи го предвид краткиот период од објавување на решението за распишување на претседателските и на парламентарните избори, можеби повторно ќе се најдеме во состојба на непочитување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР за било какви измени на изборниот законик да се направат најмалку шест месеци пред изборите, ако во меѓувреме измените на законите се донесат“, заклучува Николовска.
Генерално измените во Изборниот законик се однесуваат на подобрување на работата на Државната изборна комисија, политичкото финансирање, медиумското претставување, но и заштита на избирачкото право.
Голем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР се прифатени од работната група, а мал дел не се компатибилни со македонското законодавство, што ги прави неприменливи во Изборниот законик.
Според договорот што го постигнаа лидерите на парламентарните партии на средбата во декември, првиот круг од изборите за претседател на државата, ќе се одржи на 24 април. Вториот круг ќе се одржи на 8 мај, за кога се предвидени и парламентарните избори. Согласно законот, на крајот на овој месец треба да биде формирана и техничката, односно пржинската влада.