Членовите на техничката влада од најголемите политички ривали повеќе време трошат на меѓусебни обвинувања наместо на главните обврски во оваа влада – организирање фер и демократски избори. Остануваат две опции: или Пржинската влада навистина да биде составена од експерти, непартиски кадри, или да се укине, вели аналитичарот Незири.
Денови исполнети со несогласувања, обвинувања и потези за додворување кон гласачите – така поминува вториот месец од „принудниот брак“ меѓу министрите и дополнителните заменици министри во техничката(преодна) влада на Северна Македонија, што Собранието ја изгласа на 28 јануари со задача да организира фер и демократски избори.
Во техничката влада, освен партиите од власта, свои претставници има и најголемата опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Идејата е да не може да се спроведе некоја политика без врзан потпис од двете страни.
Но, смислата на техничката влада веќе се доведува под знак прашалник, велат аналитичарите.
„Наместо на граѓаните, оваа Пржинска влада им служи на партиите и на нивните изборни стратегии. Техничка влада значи влада од непартиски кадри кои би превземале ресори за непристрасно водење на институциите. Технократијата тоа подразбира – влада составена од експерти на дадените области, на најдобри познавачи на таа област, кои може да бидат предложени од политички партии, но да не ги застапуваат исклучиво нивните интереси“, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Членовите на техничката Влада која ќе ја води премиерот Талат Џафери, 28 јануари 2024 година. На фотографијата не се министрите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
За да се гарантира регуларност на изборите, со пет клучни министерства во техничката влада заедно раководат владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таму каде министерот е од едната, дополнителниот заменик министер е од другата партија, и обратно.
Тоа се министерствата за внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство. За нив се смета дека поради надлежностите, можат да имаат најголемо влијание врз гласачите (одржување на редот и мирот при изборниот процес, доделување социјална помош, земјоделски субвенции…)
ДУИ, пак, за прв пат доби премиер Албанец, место на кое го назначи Талат Џафери, поранешниот претседател на Собранието.
МВР: Едно зборува Тошковски, друго Бојмацалиев
Несогласувањата во Министерството за внатрешни работи (МВР) меѓу министерот Панче Тошковски(ВМРО-ДПМНЕ) и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев(СДСМ) почнаа уште на почетокот на нивната соработка.
Доаѓајќи на функцијата, Тошковски нарача ревизија на извештајот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски, чии тела беа пронајдени на 3 декември 2023 во близина на Скопје, убиства кои ја потресоа јавност во Северна Македонија и во регионот.
Истрагата за двојното убиство почна да се води во мандатот на Оливер Спасовски, поранешен министер од СДСМ, на кого Бојмацалиев му беше шеф на Кабинетот.
Тошковски ја проблематизираше и „пасошката криза“ – го обвини поранешното раководство на МВР за лошо менаџирање со издавањето лични документи, за недостаток на обрасци, за лоша организација во пунктовите…
Во интервју за МИА, Тошковски оцени дека техничката влада функционира катастрофално, укажувајќи дека „основните законски обврски кои што треба да ги почитува, не ги почитува“.
Владата му поништи на Тошковски пет одлуки за кадровски прераспоредувања.
Бојмацалиев го демантира Тошковски.
„Со доаѓањето на техничката влада се создаде слика дека претходно Спасовски ништо не направил со тоа, сè почнало со Панче Тошковски, тој го решил проблемот иако тој велеше дека нема магично стапче. Тоа беше една лажна вест која се пласираше во јавноста дека нема обрасци, дека има хаос, дека некој некого опструира. Ме критикуваа дека ги пречекав обрасците на граничен премин ‘Богородица’, ама има многу луѓе на кои им ја поништив лажната вест дека нема обрасци“, рече Бојмацалиев во утринска програма на телевизија „Клан“.
Во другите министерства: Пари, обвинувања и деманти
Слични препукувања има и во министерствата за труд и социјална политика(МТСП) и за земјоделство.
Министерот во техничката влада, Ѓоко Велковски(ВМРО-ДПМНЕ) обвини за повеќе од 2.000 незаконски исплати на гарантирана помош и социјална пензија преку министерството и побара одговорност. Според него, со овие исплати државниот буџет е оштетен за повеќе од 18 милиони денари месечно.
„Инспекциските служби на Министерството веќе постапуваат. По добивање на нивните извештаи ќе се обратиме до сите надлежни иснституции за да се лоцира одговорноста и да се преземат сите потребни мерки за оваа ситуација“, рече Велковски на прес-конференција.
Пред него на функцијата беше Јованка Тренчевска(СДСМ), која сега е дополнителна заменик-министерка.
Таа ги демантира наводите за незаконски исплати.
„Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази, излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството“, пишуваше во демантот од Тренчевска.
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски(ВМРО-ДПМНЕ) го обвини министерoт Љупчо Николовски(СДСМ) дека доделил 2,5 милиона евра надвор од процедура.
Според него, едно службено лице во исто време е одговорно за одобрување, извршување и контрола на буџетското трошење на средствата, што е спротивно на сите акти за финансиска контрола, а со што оставил простор да се влијае на начинот на распределбата на над 2,5 милиона евра народни пари.
Николовски ги отфрли обвинувањата. Тој рече дека исплатата на средствата од министерството се врши според процедури и дека нема селективност во распределбата на парите.
Џафери ги таргетира потенцијалните гласачи
Техничкиот премиер Талат Џафери во првиот месец од мандатот посетува претежно места каде албанското население е мнозинство. Џафери тогаш во изјава за РСЕ рече дека е премиер на сите и дека тоа што го прави не е предизборна кампања.
Според аналитичарите, не само Џафери, туку сите министри 100 дена пред избори само мобилизираат гласачи.
„Пржинската влада не е техничка, туку политичка влада, крајно партизирана и неефикасна исто како што ни беше досега Собранието, за што добиваме константно критики од Брисел. Ако таква влада во 2016 година беше решение заради заробените институции од ВМРО-ДПМНЕ, сега оваа влада станува пречка заради партизираноста од сите кои учествуваат во неа“, вели аналитичарот Незири.
Според него, во време кога Северна Македонија е членка на НАТО, со почнат процес на преговори со ЕУ и со позрела демократија отколку пред десет години, остануваат две опции: „или Пржинската влада навистина да биде составена од експерти, непартиски кадри, или пак целосно да се укине“.
Актуелната техничка влада, во која заедно учествуваат и власта и опозицијата, е трета по ред во Северна Македонија. Произлезе од Пржинскиот договор во 2016 година, кога со посредство на меѓународната заедница се донесе договор за излез од тогашната политичка криза поттикната од аферата со масовното прислушување.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со месеци бараше да се донесат законски измени и да се укине техничката Влада,но СДСМ и ДУИ тоа не го прифатија, пред се поради нивниот коалициски договор во последните 100 дена од мандатот Македонија да ја предводи премиер предложен од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за техничката влада, иако предложи свои кандидати во неа.
Првата техничка влада на Северна Македонија се формира пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев.
Втората техничка влада беше формирана пред предвремените парламентарни избори, а ја предводеше Оливер Спасовски.
Третата техничка влада, на чело со Талат Џафери, има мандат до изборот на новата влада, која треба да произлезе како резултат на парламентарните избори закажани за 8 мај, во ист ден со вториот круг од претседателските избори.
Извор: Радио Слободна Европа