Со самиот избор на функцијата, Гордана Сиљановска-Давкова веќе влегува во историјата на Северна Македонија како прва жена претседателка и врховна командантка на вооружените сили.
„Со што ја заслужив оваа чест? Јас знам дека се подготвував, дека се посветив на кампањата, дека го зборував она што го мислам, а не она што треба да го кажам, но наградата е непроценлива за мене. Тоа значи огромна одговорност“.
Овие, први зборови на победничката на претседателските избори, Гордана Сиљановска Давкова, ставија уште една „пазла“ во нејзиниот портрет, откривајќи дека идната претседателка на Северна Македонија не е „фасцинирана” од функцијата, туку сосема свесна за големата одговорност пред неа.
За почеток – позитивен сигнал, имајќи ја предвид шумата од наслови „кој ќе биде идниот станар на Водно“, во чиј потконтекст доминантно е вкалкулирано преселувањето во претседателската вила, привилегиите, работењето во зелената оаза во подножјето на скопската планина. Сиљановска веќе се изјасни дека не се фасцинира од тоа.
Робинсон како инспирација
Поважно од влегувањето во „Вила Водно“ е што со самиот избор таа веќе влегува во историјата на Северна Македонија како прва жена претседателка, а со тоа и прва жена врховна командантка на вооружените сили на РСМ. Физички ситна, но интелектуално габаритна, пред себе има пет години да покаже дали ќе ги фрли во сенка „мажите“ кои пред неа ја извршуваа претседателската функција.
За првпат земјата нема да има „прва дама“, но повеќе од јасно е дека „првиот господин“ – нејзиниот животен сопатник, Благоја Давков, ќе биде далеку од камерите и политичките активности на неговата сопруга или како што таа изјави „тој се однесува како сопругот на Ангела Меркел“.
Гордана и Благоја се родители на Марија и Павле, но Сиљановска од 12-ти мај ќе има многу поголемо семјејство, кога досегашната синтагма „татко на нацијата“ ќе биде заменета со „мајка на нацијата“.
Инспирирана од примерот на ирската претседателка Мери Робинсон (1990- 1997), која исто така не била членка на партија, Сиљановска вели дека ќе ги претставува сите без оглед на етнос, вера, статус.
Во една прилика рече дека и Македонија ја доживува како една умна, храбра, образована и културна жена. И „нација” и „татковина“ се именки од женски род, а Сиљановска која себеси се доживува како бунтовна, еманципирана и самосвесна личност со своја автономија, веќе најави дека ќе се опкружи со жени слични на неа: свои, стамени, субверзивни, кои можат да искажат став и да го бранат, што таа го смета за реформски чекор.
Политичко искуство
Тој избор не би требало да биде тежок за личност која не е новајлија во политиката. Зад себе веќе го има искуството на министерка без ресор во првата влада на Бранко Црвенковски (1992-1994), на пратеничка во претходниот состав, а и на претседателските избори влезе со стекнато искуство од изборниот натпревар во 2019 година.
Идната македонска претседателка денес е личност со преплетени идентитети на жена, мајка, сопруга, професорка, интелектуалка, поранешна министерка, пратеничка. Ораторски вешта, Гордана Сиљановска Давкова (71) уште на минатите избори „извежба“ како да се обраќа и од политичка говорница, иако од неа и натаму често говори професорката од Правниот факултет на УКИМ, во голем дел и поради актуелни процеси кои ги тангираат Уставот и законите.
Кариерата на Сиљановска претходно доминантно беше во „боите“ на правната наука. Авторка е на огромен број научни трудови од областа на уставното право, членство во стручни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации. Нејзиниот слоган „Македонија повторно горда“ се очекува да биде ефектуран и низ тоа знаење, а преку профил на претседателка која е проактивна, која се води од Копенхагенските критериуми, која едуцира, почитува соработка со соседите и бара мирно решавање на споровите.
Суштинска интеграција во ЕУ
Често го цитираше ставот на познат конституционалист дека „Уставот треба ретко да се менува, со раце што треперат од одговорност“, но и иронично забележуваше дека „ако промената на Уставот била евроинтегративен фактор, ние денес ќе претседававме со ЕУ“.
Како еден од основачите на Европското движење на Македонија во 90-тите години на минатиот век, потенцира дека иднина на државата е во ЕУ. Вети дека како претседателка ќе работи посветено на остварувањето на тој приоритет, за што освен реформи на системот и умот, потребни се и визија, лидерство и активна заложба со експертиза во самиот процес.
По прашањето на уставните амандмани ќе гради консензус со Владата но и со опозицијата, и ќе го слуша мислењето на граѓаните. Во процесот ќе ги има предвид националните и државните интереси, начелата на Уставот, заштитата на македонскиот идентитет и интегритет, како и темелните принципи и вредности на ЕУ, Советот на Европа и пошироките принципи на меѓународното право.
„Поентата на европската интеграција е европеизација според копенхагенските критериуми. Ќе се борам за остварување на суштинска интеграција на земјата во Европската Унија“, вети Сиљановска.
Отворено изјави дека ќе го почитува новото уставно име на државата, но во изјавите нема да ја употребува придавката „Северна“. Верува дека никогаш нема да создаде конфузија, бидејќи не ќе треба да прави дистинкција со Република Јужна Македонија, зашто таква нема. /DW