САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од безбедносната алијанса, следната недела во Вашингтон, пренесува Инбокс7.
„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“, рече Бјуланд.
Тој кажа и дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други малигни актери да го искористат незадоволството на народот.
Бјуланд не` упати во Стејт департментот за коментари за конкретни политички прашања, како за обновениот спор меѓу Грција и Северна Македонија, откако македонските премиер и претседателка рекоа дека ќе го користат уставното име на државата во официјален контекст, но оти ќе го употребуваат името Македонија во изјави и како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.
“Ќе морам да ве упатам за некои од пошироките политички прашања и дипломатски прашања во Стејт департментот на САД. Но, ќе кажам дека САД се силен поборник и поддржувач на Договорот од Преспа и дека секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во регионот”, рече Бјуланд.
Гласот на Америка на македонски на 19 јуни го праша Стејт департментот дали Мицкоски со употреба на две имиња за државата, дома Македонија, а во странство Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа.
Од прес-службата тогаш ни одговорија:
„Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа“.
Оттаму кажаа дека „САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“.
Според Бјуланд, членството во ЕУ секако е одлука на Европската Унија и нејзините земји-членки. Сепак, додава тој, САД отсекогаш биле силен поборник за евроатлантските интеграции на Западен Балкан.
“Ние продолжуваме да ги охрабруваме земјите да ги направат потребните реформи на тој пат и да се придржуваат до меѓународните договори. Мислам дека кога постои нетрпеливост за тоа што може да биде долг процес на интеграција, тоа може да создаде можности за разочарување, и Русија и другите малигни актери да шират дезинформации и да го искористат незадоволството на народот. Значи, постои ризик дотолку повеќе што би ги охрабриле земјите да направат се` што можат за да продолжат по овој пат на евроатлантските интеграции на регионот”, вели Бјуланд.
Во отсуството на механизам за протерување за членките на НАТО, Алијансата има поинаков пристап кога земјите не ги почитуваат билатералните договори.
“НАТО е најуспешната и најсилната безбедносна алијанса во светот, во која членките се обврзаа на колективна одбрана ако се активира членот 5 доколку една од нив е нападната. Така, нашиот фокус навистина останува на солидарноста и единството на Алијансата. Ако има проблеми, билатерални проблеми или договори кои се надвор од контекстот на Алијансата, САД, се разбира, би поддржале дипломатија за надминување и решавање на тие разлики, но, внатре во Алијансата, ние ќе останеме фокусирани на основните задачи за одбрана и одвраќање за сите наши сојузници”, вели Бјуланд.
Во врска со најавите на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека планира на Самитот на НАТО да го покрене овој проблем, и дека македонските лидери би имале проблем во НАТО и во ЕУ ако не го почитуваат Договорот од Преспа, Буланд со одговор: “За политички проблем како овој и особено билатерален, повторно, би ве упатил на нашите колеги од Стејт департментот на САД, кои ја предводат нашата дипломатија. Од гледна точка на Одделот за одбрана, силно го поддржуваме Договорот од Преспа. И ние силно го поддржуваме членството во НАТО и придонесите на Северна Македонија и Грција, и ќе продолжиме да правиме се` што можеме за да ги зајакнеме тие врски во Алијансата и да продолжиме да го правиме овој најуспешен и најсилен сојуз во историјата на светот”.
Во однос на ветото на Бугарија , од гледна точка на Одделот за одбрана, Бјуланд вели дека Пентагон ја промовираме регионалната стабилност, ја промовираме соработката меѓу сите сојузници, Грција, Бугарија, Северна Македонија и сите балкански држави.
“Мислам дека секое несогласување што постои и продолжува долго време, може да создаде можности за надворешни актери и малигни актери да го искористат, поради што ќе поддржам секоја дипломатија што е потребна за да се решат ваквите несогласувања. И нашиот фокус, повторно, е на единство, солидарност и зајакнување на колективната одбрана и одвраќање на НАТО и нивната поддршка за Украина”, вели Бјуланд.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата година предупреди дека Русија потенцијално може да предизвика „нови кризи“ на Балканот.
Бјуланд вели дека Пентагон посветува многу големо внимание на Западен Балкан и има силни партнерства таму и сојузи со држави, како Северна Македонија, кои се НАТО сојузници.
“САД и конкретно Одделот за одбрана остануваат посветени на безбедноста и стабилноста и евроатлантската интеграција во институциите, како НАТО и Европската Унија, за државите од Западен Балкан кои не го завршиле тој пат. Така, ние, исто така, продолжуваме да придонесуваме за мисијата на НАТО – КФОР во Косово и ѝ благодариме на Северна Македонија за нејзиниот придонес во КФОР за одржување на стабилноста на Косово. Исто така ѝ благодариме на Северна Македонија за нејзиниот придонес во мисијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и посветуваме големо внимание на реториката и акциите што ги видовме во земји, како Босна и Херцеговина, од Србија и Косово.”
Тој најави дека Пентагон ќе остане во близок дијалог со новата Влада на Северна Македонија.
“Со нетрпение очекуваме да работиме одблизу со нив и да бидеме домаќини на клучните лидери овде следната недела за Самитот на НАТО, и очекуваме дека Самитот ќе покаже поддршка, не само за Северна Македонија, туку и за сите сојузници, за континуирано зајакнување на колективното одвраќање и одбрана за НАТО, и континуирана поддршка за Украина против бруталната војна на агресија што Русија ѝ ја нанесе. Мислам дека сме многу охрабрени од учеството на претседателката на Северна Македонија на минатомесечниот мировен самит за Украина, чиј домаќин беше Швајцарија. И ги забележуваме и ги поддржуваме пораките за поддршка за Украина и желбата за праведен мир во регионот што дојде од вашата претседателка и од многу други лидери на тој самит.”