Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави во Скопје дека стабилноста на Балканот е меѓу приоритетите на неговата земја, а оцени дека регионот е клучот за безбедноста на Европа.
За време на официјалната посета на земјата, турскиот шеф на дипломатијата во четвртокот се сретна со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, со претседателот на Собранието Африм Гаши, а беше примен и од премиерот Христијан Мицкоски.
Порталот на албански јазик kdp.mk јави дека вечерта високиот функционер од официјална Анкара имал средба и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Како што се наведува, главна тема на сите средби била продлабочувањето на билатералната соработка, вклучително и проблемот со присуството на елементи на организацијата ФЕТО, терористичка за Турција, но и ситуацијата во регионот и пошироко.
Kdp.mk од добро упатени извори дознава дека средбата се одржала во просториите на хотелот Хилтон и траела помалку од еден час.
Шефот на турската дипломатија Фидан е во дводневна официјална посета на Северна Македонија.
“Решението на проблемите во регионот не може да се очекува само од надворешни актери, земјите од регионот мора активно да работат на решенија“, рече Фидан на прес-конференцијата по средбата со Муцунски.
Тој истакна дека неговата земја ги прави потребните напори за да му даде поддршка на регионот.
„Турција зема активно учество во надминувањето на тешкотиите во БиХ и Косово преку дијалог и соработка. Не мора ни да размислуваме за насилство и војни“, додаде тој.
Тој исто така нагласи дека терористичката организација ФЕТО е закана за секоја земја каде што е активна.
Фокусирајќи се на настаните на Блискиот Исток, Фидан истакна дека бруталноста во Газа сè уште продолжува, додавајќи дека тензиите се прошириле и на Западниот Брег, а провокациите против Ал Акса ја влошиле и онака тензичната ситуација.
Турскиот главен дипломат оцени дека израелскиот премиер е тој што ги саботира сите напори за прекин на огнот во Појасот Газа: „Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху лично е најодговорен за геноцидот во Газа. Нетанјаху продолжува да сее смрт и терор за да остане на власт. Нетанјаху ги саботира сите напори за прекин на огнот и продолжува да ги урива преговорите за примирје со постојано наметнување нови услови “, рече Фидан, повикувајќи ја меѓузаедничката заедница да го запре Нетанјаху, бидејќи, како што рече, „молкот за масакрот е синоним за соработка во ова кривично дело“, рече Фидан.
По средбата во МНР, неговиот домаќин Тимчо Муцунски високо ја ценеше поддршката на Турција, но и подготвеноста на земјата да формира висок совет за соработка:
„Со Турција, нашиот партнер и сојузник во НАТО, споделуваме заеднички ставови и грижи за безбедноста и другите регионални закани, како и заеднички интерес за стабилноста и одржливиот развој на регионот на Југоисточна Европа. Го информирав мојот колега за актуелната состојба во регионот, гледано од наша перспектива, која е целосно фокусирана на процесот на реформи во ЕУ и побрза интеграција во Европската унија“, рече Муцунски.
„Нагласив дека економската и политичката соработка меѓу двете земји е од големо значење и дека има потреба од нејзино натамошно продлабочување. Во овој контекст се разговараше за можностите за зголемување на учеството на турските компании во македонската економија и за нови инвестиции од Турција. Како сојузник на НАТО, ја истакнавме важноста на мирот и стабилноста во регионот, нагласувајќи дека дипломатијата останува клучна за решавање на сите конфликти“, напиша за средбата со турскиот министер за надворешни работи, премиерот Христијан Мицкоски на својата веб-страница на Фејсбук.
Во овој дух е и оценката на првиот човек на Собранието Африм Гаши, кој го прими и шефот на турската дипломатија:
„Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално партнерство и пријателство. Нашите две земји соработуваат многу добро во рамките на НАТО, а потпишан е и Протокол за соработка на полето на европската интеграција.
Ја истакнав плодната и успешна соработка на ниво на парламенти како и заложбата за нејзино интензивирање во наредниот период“.