Поранешиот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата се товари за 4 кривични дела. Полицијата вчера имала работа и во сопствениот двор.
Примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера во службата и несовесно работење во службата – се четирите кривични дела за кои Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Пеце Мирчески. Кривична пријава е поднесена и против сопственикот и управител на правен субјект од Скопје (сопственик на рент-а-кар сервис) за сторено кривично дело давање поткуп. Како што објави МИА, Мирчески вчеравечер (5.02) бил приведен во полициската станица Кисела Вода, исто како и сопственикот на рент-а-кар сервисот.
ОЈО Скопје вчера потврди дека Управата за финасиска полиција преземала дејства за обезбедување докази за четири кривични дела, при што биле извршени претреси на повеќе локации во Скопје, со обезбедена наредба од судија на претходна постапка.
Судир на интереси, поткуп…
Како што наведуваат од Управата за финансиска полиција, првопријавениот, во својство на директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, во периодот од јуни 2021 заклучно со јуни 2024 година, свесно и со умисла, извршил службени дејствија кои што не смеел да ги изврши. Тој потпишал пет договори за јавни набавки со правниот субјект, во сопственост и управуван од страна на второпријавениот Г.П., но притоа не го пријавил постоењето на судир на интереси, не се изземал од истите постапки за јавни набавки и во текот на целиот тој период, а и по престанувањето на функцијата директор, остварувал директна материјална корист за себе и за свое блиско лице од правниот субјект на второпријавениот.
„Дополнително, првопријавениот П.М, свесно и со умисла во вкупно пет службени исправи – изјави за непостоење судир на интереси во постапките за претходно наведените јавни набавки, внесувал лажни и невистинити податоци и истите со свој потпис овозможил да бидат употребени како вистинити и со таквиот начин на постапување првопријавениот го сторил кривичното дело фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот Законик“, соопшти Управата за финансиска полиција.
Приватни патувања на буџетска сметка
Мирчески се товари и дека во периодот од јануари 2022 до јуни 2024 година, во повеќе наврати, прикажувајќи невистинити податоци дека се работи за службени патувања за службени потреби и цели, всушност потпишувал барања со кои тој и други лица во СОЗР си реализирале приватни цели и потреби. Со резервација на хотелско сместување, на авио билети, со решенија и налози за упатување на службен пат во странство, со изнајмување возила за приватни потреби и цели, како и со исплатени дневници за такви патувања, го оштетил Буџетот на Службата за општи и заеднички работи на Владата во вкупен износ од 1.792.859 денари.
Освен за проневера во службата, Мирчевски се товари и за несовесно работење во службата.
„Во својство на директор на СОЗР и во својство на одговорен менаџер на Авио службата при СОЗР, иако знаел и бил свесен, а од 27.10.2023 година и запознаен со фактот дека едно лице вработено како пилот не ги исполнувало условите за капетан-водач на воздухоплов, со несовесното вршење на своите овластувања и должности, овозможил на истото лице во периодот од 27.10.2023 заклучно со 14.06.2024 година од СОЗР да му биде исплаќан месечен надоместок по основ на плата во својство на капетан водач на воздухоплов, со што првопријавениот овозможил лицето да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 3.444.615 денари, а на штета на Буџетот на Република Северна Македонија“, наведува Управата за финсиска полиција.
Патувале како „новинари“
Порталот „Плусинфо“ објави фотографија од документ, според кој, согласно со заклучок на Владата, СОЗР била задолжена да обезбеди хотелско сместување во Софија за шест (6) македонски новинари, а во врска со одржувањето на заедничка седница на македонската и бугарската влада (24-25 јануари 2022 година). На листата со шест „новинарски“ имиња, прво е наведено името на директорот на СОЗР, Пеце Мирчески, а следат имиња на уште пет вработени во Службата.
На веб-страница на Владата може да се прочита дека на третата седница одржана на 18 јануари 2022 година, Владата го задолжила Генералниот секретаријат на Владата во соработка со МНР да ги преземат сите активности и координација за сместување и превоз на новинарите кои ќе известуваат од заедничката седница помеѓу двете влади во Софија. Генералниот секретаријат на Владата бил задолжен и да ги покрие трошоците (превозот и хотелското сместување) за новинарите. Но, на следната седница од 20-ти јануари 2022 година, Владата решила тие заклучоци да ги измени. Тогаш ја задолжила СОЗР во соработка со МНР да ги преземе тие активности, и СОЗР да ги покрие трошоците (превозот и хотелското сместување) за новинарите кои ќе известуваат од Софија. Во заклучокот на Владата воопшто не е наведна бројка од 6 новинари.
ТВ Алсат во мај истата година објави документи за тоа како шестмина вработени во владината СОЗР заминале како новинари во Бугарија. На прашањето зошто тие патувале како новинари, од Службата одговориле дека патувале како персонал ангажиран за организациски работи. Но, не одговориле дали постои документ со одлука на Владата, со кој се бара тие да патуваат како организациски кадар.
Проверка и во својот двор
По нарадба на ОЈО Скопје, МВР вчера преземало дејства во предистражна постапка во предмет за злоупотреба и договарање помеѓу економски оператори и вработени во Одделот за општи и заеднички работи во МВР, во врска со спроведена јавна набавка во полицијата. Како што информираа од ОЈО Скопје, биле извршени претреси на 16 локации.
„Имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката, не сме во можност да споделиме повеќе детали во моментов“, информираа од ОЈО Скопје.
Неофицијално, дејствата се поврзани со предистрага околу сомнежи за злоупотреба на тендери за сервисирање на службените возила. / DW