19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Македонија две децении во чекална заради двојни стандарди

Наместо систем на заслуги постојат двојни стандарди и билатерални спорови – Македонија мора да добие извесност во напредокот кон ЕУ, порача македонскиот премиер во Минхен.

Македонскиот пат кон ЕУ започна многу пред да започне евроинтегративниот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка, а бајката стана подвижна мета, рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски на вчерашниот панел во рамки на Минхенската безбедносна конференција посветен на пристапот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ.

„Ние сме жртви на билатеризација или да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот“, рече Мицкоски.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на вчерашниот панел во рамки на Минхенската безбедносна конференција
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на вчерашниот панел во рамки на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: Reg. Nordmazedonien
За Украина гласни, за Македонија – молк!

На панел дискусијата македнскиот премиер направи и аналогија во однос на коментарите дека говорот на американскиот потпретседател Венс значел големо мешање во внатрешните работи.

„Промената на името не беше единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава. Да ве потсетам тука беше и промената на знамето. Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи? Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности“, посочи Мицкоски.

Во дебатата Мицкоски нагласи и дека Македонија има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ.

„Ние сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител. Исто го исполнивме условот од 2% за одбранбени трошоци на годишно ниво. Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање – кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија. Но кога парламент на една земја членка од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат“, спореди Мицкоски.

Колку долго треба да патиме од двојните стандарди?, праша македонскиот премиер при настапот на Минхенската безбедносна конференција
Колку долго треба да патиме од двојните стандарди?, праша македонскиот премиер при настапот на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Тој потенцира дека Европа нема да биде обединета додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на ЕУ.

Од исток ништо ново

Претставниците на Софија на Минхенската безбедносна конференција, само ги повторија ставовите во врска со интеграцискиот процес на Македонија – исполнување на претходно договореното.

На средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, бугарскиот претседател Румен Радев, рекол дека амбицијатa на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ е можност за проширување на просторот заснован врз основа на принципите на демократијата и владеењето на правото и дека тоа ќе ја зајакне стабилноста на регионот. Во врска со тоа, Радев изразил надеж Република Северна Македонија што е можно најскоро да започне со фактичка имплементација на Европскиот консензус од 2022 година.

„Бугарија не поставува нови барања во однос на европската перспектива на РСМ, но и не прифаќа промени во постигнатите договори, вградени во преговарачката рамка“, изјавил Радев на средбата со Кошта.

Претходно, бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев на средбата со неговиот македонски колега, Тимчо Муцунски повторил дека „вклучувањето на Бугарите на рамноправна основа со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чие спроведување ќе му овозможи на Скопје да ги започне преговорите за членство”.

„Георгиев беше категоричен дека не е возможно предоговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ“, соопшти бугарското МНР.

Неславен јубилеј

Македонија е кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година, и годинава дочека неславен јубилеј – 20 години во чекалната. Црна Гора е кандидат од 2010, а Албанија од 2014 година.

Црна Гора и Албанија беа посочени од еврокомесарката за проширување, Марта Кос, како земји фаворити за пристапување во ЕУ.

„Водејќи се според мерит-системот досега, Црна Гора и Албанија предничат, но кога ќе има придвижување со Северна Македонија и Северна Македонија може брзо да напредува“, изјави Кос на панелот во кој учествуваше премиерот Христијан Мицкоски.

Како што пренесе ДПА, еврокомесарката Кос посочила дека тековните преговори за пристапување на Албанија и Црна Гора во ЕУ би можеле да завршат до крајот на 2026 или 2027 година. Но, додала дека тоа сè уште не значи дека можат да се приклучат на ЕУ, бидејќи предуслов за ова е сите земји на Унијата да ги усвојат и потоа да ги ратификуваат пристапните договори.

Албанскиот премиер Еди Рама истакнал дека на почетокот на преговарачкиот процес на Албанија имал темна коса, но сега веќе му побелела, што според него покажува колку долго Албанија чека за присоединување.

Кос нагласила дека може да го разбере разочарувањето од понекогаш долгите преговори, но дека членството во ЕУ одамна е фактор за поголема безбедност, а не само пристап до европскиот економски пазар.

Панелот за пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ на Минхенската безбедносна конференција
Панелот за пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ на Минхенската безбедносна конференцијаФотографија: DW
Дијалог и партнерска соработка

Во изминатите три дена, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски остварил повеќе средби со високи претставници од различни земји и меѓународни институции, меѓу кои со министерите за надворешни работи на Косово, Филипини, Азербејџан, Малта и Албанија, со министерот делегиран за европски прашања во француската влада, Бенжамен Адад, со грчкиот политичар Јоргос Папандреу, и со специјалниот претседателски пратеник на САД за специјални мисии, Ричард Гренел.

„Во разговорите, фокусот беше ставен на регионалните политички и безбедносни предизвици, при што ја нагласив важноста на поддршката од Европската Унија за нашиот евроинтегративен процес. Потенцирав дека евроинтеграциите се клучна алатка за трансформација на општеството и дека е потребно институциите доследно да ги користат постојните механизми за продлабочување на соработката во области од заемен интерес“, објави Муцунски.

По завршувањето на Минхенската конференцијата премиерот Мицкоски заминува за Вашингтон каде втор пат по еден месец ќе учествува на настан организиран од американската конзервативна партија – CPAC (Conservative Political Action Conference) што е најголем собир на конзервативците. /DW

Related posts

Кој е илинденскиот идеал на денешната генерација?

admin

Измени на Кривичниот законик во интерес на сегашни и бивши функционери?

admin

Зијадин Села: Изет Меџити го киднапираше Кастриот Реџепи, а сега го направи дел од неговата партија

admin

Израел и Хамас ги обновуваат борбите по истекот на примирјето

admin

Кој кому му служи за изборите?

admin

САД или ЕУ? Како ќе се позиционира Грција?

admin