Најмногу санкции се наметнати на Босна и Херцеговина (177), следена од Србија (80), Косово (60), Северна Македонија (46), Албанија (23) и Црна Гора (11). Една санкција е воведена против едно лице од Хрватска.
Гласот на Америка создаде прва база на податоци кошто ги опфатува сите санкции од Одделот за контрола на странски активи (ОФАЦ) и санкциите наметнати од Департмантот за држава во периодот 2017-2024.
„Санкциите се еден од најважните алатки на американската надворешна политика“, изјави Ричард Нефју, експерт за санкции и поранешен координатор на Департмантот за држава за глобалната борба против корупцијата.
Според анализата на Гласот на Америка, санкционираните лица и субјекти главно се политичари, бизнисмени и компании поврзани со корупциски скандали, изборни манипулации и кршење на договорите за мир и стабилност.
„Целта на овие мерки е да се испрати јасен сигнал дека САД нема да толерираат дејствија кои ја загрозуваат безбедноста и демократските процеси во регионот“, вели поранешниот американски амбасадор во Србија, Камерон Мантер.
Меѓу најистакнатите санкционирани лица се Милорад Додик, претседател на Република Српска, кој е под санкции заради поткопување на Дејтонскиот договор, како и неколку високи функционери во Србија и Косово кои се обвинети за корупција и организиран криминал.
Американските власти нагласуваат дека санкциите ќе останат во сила сè додека не се преземат конкретни чекори за борба против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.
Џон Смит, поранешен директор на OFAC, вели дека примарната цел на американските санкции е „да се спречат и запрат одредени загрижувачки активности и да се поттикнат поединците да го сменат своето однесување“. Тој додава дека е важно да се напомене дека повеќето американски санкции, вклучително и оние за Западен Балкан, не се насочени против државите во целина, туку против поединци и организации.
САД воведоа санкции за Западен Балкан главно во два временски периоди. Помеѓу 2001 и 2004 година, тие беа воведени поради воени злосторства, дестабилизација на државите и загрозување на мирот по распадот на Југославија. По подолг период со само неколку санкции годишно, овие политички мерки повторно станаа актуелни од 2021 година и главно се однесуваат на корупцијата, загрозувањето на мирот и стабилноста, како и на руската инвазија врз Украина.
Меѓу другите, во последните четири години санкционирани се многу високи функционери, како што се претседателот на Република Српска во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, министрите во Владата на Србија, Александар Вулин и Ненад Поповиќ, поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, поранешниот претседател на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ, и поранешниот премиер на Федерацијата БиХ, Фадил Новалиќ.
„Во последниве години видовме многу различни актери во Западен Балкан кои го загрозуваат стабилноста на земјите во регионот. Тие можат да го направат тоа на различни начини – преку поткопување на демократските процеси, преку загрозување на човековите права или преку вклучување во корупција што ги исцрпува овие земји“, вели Нефју, кој сега е висок истражувач на Универзитетот Колумбија.
Гласот на Америка потврди дека санкциите за Западен Балкан најчесто се изрекуваат поради тероризам, организиран криминал и трговија со наркотици.
Повеќе нови санкции за Додик и неговите соработници
Од војните на просторот на поранешна Југославија, американските претседатели секоја година ја обновуваат вонредната состојба за регионот на Западен Балкан, што овозможува одржување на старите санкции и воведување на нови. Санкциите исто така се изрекуваат врз основа на закони или претседателски декрети кога се проценува дека одредени активности претставуваат закана за националната безбедност на САД.
Повеќето санкции во базата на податоци на Гласот на Америка се изречени од OFAC – вкупно 341 – и се категоризирани во различни листи. Најголемата листа е „Balkans“, која содржи 152 лица и 16 компании и организации. На оваа листа, меѓу другите, се наоѓаат воените злосторници Радован Караџиќ, Веселин Шљиванчанин, Милан Мартиќ и Ратко Младиќ, членовите на семејството на Слободан Милошевиќ, како и организации како Четничкото движење на Равна Гора и АОК.
Сите санкции на листата „Balkans“ – освен оние против Милорад Додик – се изречени во периодот 2001-2004 година.
Додик за првпат беше санкциониран во јануари 2017 година поради опструкција на Дејтонскиот мировен договор и беше првиот функционер од Босна и Херцеговина санкциониран според декретот „EO 14033“ во јануари 2022 година. Тогаш, како причини беа наведени поткопување на институциите на БиХ, создавање паралелни институции во Република Српска, коруптивни активности и етно-националистичка реторика.
Вклучувајќи го и Додик, на листата „EO 14033“ на OFAC има вкупно 76 физички и правни лица, главно од Босна и Херцеговина, вклучувајќи ги соработниците на Додик и членовите на неговото семејство.
Санкции од Стејт департментот и забрана за влез во САД
Покрај листите „Balkans“ и „EO 14033“, најголем број санкционирани лица од Западен Балкан од страна на OFAC се наоѓаат на листите „GLOMAG“ (52) и „Russia-EO 14024“ (18).
Санкциите GLOMAG се воведуваат врз основа на Законот Магнитски, именуван по рускиот адвокат Сергеј Магнитски, кој почина во руски затвор по истражување на потенцијални даночни измами.
На пример, во декември 2021 година, Звонко Веселиновиќ беше санкциониран како лидер на организирана криминална група и „еден од најкорумпираните луѓе во Косово“. Истата година на оваа листа беше додаден и Милан Радојчиќ, поранешен потпретседател на Српска листа, кој во 2024 година беше обвинет за тероризам од косовските власти.
Санкциите од листата „Russia-EO 14024“ се воведени поради руската инвазија врз Украина и поддршката на штетните активности на Русија против САД и нивните партнери.
Најпознатото име на оваа листа е Нафтената индустрија на Србија (НИС), која на 10 јануари 2025 година беше ставена под санкции како филијала на Газпромњефт.
Дали санкциите се ефективни?
При воведувањето на санкциите, најчесто како последици се наведуваат забрана за влез во САД, блокирање на имотот и бизнисите во САД, како и забрана за соработка со американски компании и државјани.
Руџеро Скатуро, висок аналитичар во Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал, истакнува дека ефективноста на санкциите варира од земја до земја.
„Во Албанија и Северна Македонија видовме случаи каде политичари и партии се дистанцираа од санкционирани поединци за да го заштитат својот углед. Додека, во Босна и Херцеговина и Србија, имаме случаи каде санкционирани лица напредуваат до високи министерски позиции,“ вели Скатуро.
Александар Вулин беше додаден на листата на OFAC „EO 14033“ во јули 2023 година, кога беше шеф на српската разузнавачка служба (BIA), поради „учество во транснационален организиран криминал, нелегални операции со наркотици.