Во 2023 година, 4,3 милиони луѓе имигрирале во Европската унија од земји кои не се членки на ЕУ, информира Евростат. Оваа бројка не вклучува баратели на азил и/или бегалци од Украина кои се под привремена заштита во некои земји (види методолошка белешка). Дополнително, 1,5 милиони луѓе мигрирале помеѓу земјите на ЕУ.
Во споредба со 2022 година, бројот на имигранти кои пристигнале во ЕУ се намалил за 17,9%, од 5,3 милиони, додека бројот на оние што се преселиле помеѓу земјите на ЕУ останал стабилен – 1,5 милиони.
Највисока стапка на имиграција во Малта, најниска во Словачка
Во 2023 година, во просек, на секои 1.000 жители на ЕУ имало 10 имигранти од земји што не се членки на Унијата.
Во однос на големината на населението, Малта забележала највисока стапка на имиграција од земји на ЕУ и надвор од неа (76 имигранти на 1.000 жители), по што следат Кипар (43) и Луксембург (40).
На спротивниот крај на скалата, Словачка имала најниска стапка на имиграција, со 1 имигрант на 1.000 жители, додека Франција (6) и Италија (7) исто така регистрирале ниски стапки.
Најголем удел на имигранти од други земји на ЕУ во Луксембург, најмал во Чешка
Во речиси сите земји на ЕУ, бројот на имигранти од земји надвор од Унијата бил поголем од бројот на имигранти од други земји на ЕУ. Исклучок се Луксембург (каде што 85,7% од имигрантите дошле од други земји на ЕУ) и Словачка (57,5%).
Највисок процент на имигранти од земји надвор од ЕУ е забележан во Чешка (89,2%), Литванија (88,9%) и Ирска (87,2%).
На 1 јануари 2024 година, 6,4% од населението на ЕУ биле државјани на трети земји
На почетокот на 2024 година, во земјите на ЕУ живееле 29,0 милиони граѓани од земји што не се членки на Унијата, што претставува 6,4% од населението на ЕУ. Ова е зголемување од 2,2 милиони во споредба со претходната година.
Дополнително, 14,0 милиони луѓе кои живееле во една од земјите на ЕУ биле државјани на друга земја-членка, што е пораст од 0,3 милиони во однос на претходната година.
Во апсолутни бројки, најголем број странски државјани на 1 јануари 2024 година живееле во Германија (12,1 милион), Шпанија (6,5 милиони), Франција (6,0 милиони) и Италија (5,3 милиони). Овие четири земји заедно сочинуваат 69,5% од вкупниот број на странски државјани во ЕУ, додека нивниот удел во населението на Унијата изнесува 57,8%.
Во однос на вкупното население, највисок процент на странски државјани е забележан во Луксембург (47,2%), Малта (28,1%) и Кипар (24,0%). Напротив, најмал удел на странски државјани е забележан во Словачка (1,2%), Полска (1,2%), Романија (1,2%), Бугарија (1,8%) и Унгарија (2,6%).
Луксембург, исто така, имал највисок удел на граѓани од други земји на ЕУ (36,5%), по што следуваат Кипар (10,2%) и Австрија (9,8%). Од друга страна, најмал удел на граѓани од други земји на ЕУ е забележан во Литванија и Полска (0,1%), Романија (0,3%), Бугарија и Летонија (0,4%), Хрватска (0,5%), Словачка (0,7%) и Унгарија (0,9%).