Северна Македонија денеска ги погреба музичарите и спортистите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, додека земјата продолжува да тагува по 59-те жртви.
Меѓу погребаните беше и Андреј Ѓорѓиевски, 43-годишен пејач на групата ДНК, кој беше погребан во Скопје. Пријателите и колегите го паметат како скромен, талентиран, голем хуманитарец и пред се другар.
„Андреј ни беше другар во основно, учевме заедно. Ќе го паметиме по големата ведрина, по насмевките, по неговата искра немирна која што ја имаше уште од мал“, изјави неговата пријателка Јасмина Билјановска.
Ѓорѓиевски, според сведоштвата, првично се спасил од пожарот, но потоа се вратил за да спаси што повеќе животи. Групата ДНК беше позната по своите хуманитарни концерти, а во една прилика ја продаде наградата „Златна бубамара“ за 20.000 евра и ги донираше парите за лекување на младо момче.
Покрај Ѓорѓиевски, беа погребани и други членови на музичката индустрија:
- Ана Пројковска, придружен вокал на бендот ДНК, во Скопје.
- Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичар, во Струмица.
- Филип Стевановски (клавијатурист), Александар Коларов (гитарист) и Александар Ефремов (фотограф) во Штип.
- Мартин Атанасовски (бит-боксер) во Скопје.
- Игор Велков (тонец) во Скопје.
Во пожарот животот го загуби и 25-годишниот фудбалер Андреј Лазаров. Неговиот тим Шкупи соопшти дека тагата е преголема, а неговиот поранешен клуб Тиквеш го повлече дресот со број 16, кој тој го носеше.
Владимир Блажев – Панчо, член на ДНК, е хоспитализиран, но надвор од животна опасност.
Трагедијата во Кочани ја потресе целата земја, а властите и невладините организации обезбедуваат психолошка поддршка за семејствата на жртвите и повредените.