12.8 C
Скопје
19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Игри со притвор: „Обвинителoт се согласи, судијата прифати“

Јавноста се обидува да дешифрира две соопштенија поврзани со притворот на газдата на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски – едното од Обвинителството за организиран криминал, другото од Основниот кривичен суд Скопје.

Kако сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, заврши со мерка куќен притвор, а бил меѓу петмината за кои јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) предложил ефективен притвор? Јавноста во Македонија се обидува да дешифрира две соопштенија – едното од ОЈО ГОКК, другото од Основниот кривичен суд Скопје.

Случајот се однесува на истражната постапка против 13 физички и едно правно лице, каде постои основано сомнение дека 10 лица како соизвршители или помагачи сториле кривично дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, додека на двајца осомничени и едно правно лице покрај ова дело на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а на едно лице само делото перење пари и други приноси од казниво дело.

ОЈО ГОКК мие раце

Последново се однесува на Асмир Јахоски, за кој според одговорот од ОЈО ГОКК – тие дале предлог и нему да му се определи ефективен, затворски притвор, но нивниот предлог не бил прифатен. Обвинителството во соопштение го прераскажа образложението на судот.

„Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација“, објаснуваат од ОЈО ГОКК.

Оттаму велат дека сите овие околности, како што било истакнато во решението, оделе во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство.

„Така, судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа“, соопшти ОЈО ГОКК.

„Обвинителот се согласи за промена на предлогот“

Во случајот за кој е покрената истражната постапка, се вели дека е предизвикана  штета на државниот буџет во вкупен износ од 10.304.324.094 денари  или 167.549.985 евра.

„Не е малку за бегање“, „И Артан Груби има три деца – па избега“, беа дел од јавните коментари по случајот кој предизвика сомнеж за селективно постапување, со оглед дека осомничениот Асмир е син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Но сомневањата се, пред се, во корелација со сенката и влијанието на ДУИ врз изборот на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, откако беа објавени фотографии кои откриваат блиски релации на Абази со семјството на соселанецот Али Ахмети.

И додека ОЈО ГОКК мие раце од одговорност за куќниот притвор за Јахоски, соопштението на Основниот кривичен суд Скопје открива дека обвинителот се согласил за промена на предлогот за мерка притвор – со предлог за мерка куќен притвор.

„Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка, Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од судијата на претходна постапка“, се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Кој ќе одговара ако уште некој избега?

ОЈО ГОКК го „изостави” овој дел во нивното соопштение, но партиите претходно влегоа во меѓусебни критики за случајот. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, рече дека кога СДСМ и ДУИ го штитат судството, всушност штитат криминал од 167 милиони евра.

„Шемата во којашто се вмешани врвни функционери на СДС, како Васко Ковачевски кој е во бегство, синот на пратеникот Јахоски кој има бизнис мрежа што се протега до зетот на Али Ахмети, е тешка 167 милиони евра. Оваа шема со години ја труеше Македонија, а тие испумпаа стотици милиони евра (…) Наместо најстроги мерки за обезбедување на присуство, судиите на СДС и ДУИ го пуштиле дома синот на пратеникот Јахоски, газда на Пуцко Петрол. Со што се увери судот дека и другите осомничени, кои се имотни, нема да се впуштат во бегство? Кој ќе одговара ако уште некој од осомничените избега? До кога судиите ќе им служат на СДС и ДУИ, а не на народот“, праша Стојановски.

Од СДСМ побараа ВМРО-ДПМНЕ да одговори кој од Белата палата се јавил за да има куќен притвор за Јахоски.

„ДПМНЕ наместо да си ја ишка мувата на капата треба да одговори дали откако бил поднесен предлог за притвор по интервенција од Белата палата следувало преправање на решението во куќен притвор (…) Јасно е зошто има само куќен притвор за осомничениот Асмир Јахоски, од Пуцко Петрол. Старо-новата коалиција на ДПМНЕ и ДУИ очигледно си функционира одлично. Коалицијата ДУИ и ДПМНЕ го пушти и Артан Груби да избега преку граница и да биде недостапен за правдата“, обвини СДСМ.

Нема компромиси со корупцијата

Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека не сака да ги коментира мерките што ги изрече Кривичниот суд против осомничените за увоз на мазут со сомнителен квалитет, но рече дека се алармантни информациите што ги добил кои се поврзани со однесувањето на првиот човек на едно обвинителство, кога слушнал за акцијата што ја спроведе МВР, односно Бирото за јавна безбедност.

„Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. На нив не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди изградени во Западна Македонија. Доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување“, рече Мицкоски.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, рече дека нема да има компромиси во битката со корупцијата.

„Нема компромиси со корупцијата, особено во случај кога не е оштетен само буџетот и финансиската стабилност на државата, туку е загрозено и здравјето на граѓаните. Затоа ова е двојно поважан случај. Истовремено, оваа борба против корупцијата е без етнички, идеолошки или други предзнаци“, изјави Меџити. /DW

Related posts

Гостивар и Терниц станаа светски познати преку ноќ

admin

По 30 години, обновен директниот лет Скопје – Сараево

admin

Оди Адидас, доаѓа Најк: Критики за Германската фудбалска федерација

admin

Голема полициска акција, пронајдени хероин, кокаин, украдени ексклузивни часовници и златен накит

admin

ВМРО-ДПМНЕ: Макрон ги потврди нашите ставови

admin

Агелер: Со нетрпение чекаме да видиме кој ќе победи на изборите во САД

admin