Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, изјави дека овој период претставува клучен момент за Уставниот суд, поширокиот правосуден систем и, пред сè, за граѓаните, и повика судиите да се потсетат зошто се именувани и за кого работат.
„Законите, без разлика колку и да се комплексни, мора и можат да функционираат во корист на граѓаните“, рече Агелер на тркалезната маса со наслов „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, одржана во просториите на Судот.
Таа ја поздрави дебатата како чекор кон зголемување на транспарентноста и враќање на довербата во судството и неговите одлуки. „Транспарентноста не само што гради доверба, туку и ја зајакнува потребата и улогата на независноста на судството“, истакна Агелер.
„Уставот е темел на демократските институции и гаранција за правата и слободите на граѓаните. Независниот Уставен суд има суштинска улога во одбраната на тие принципи преку своите одлуки“, додаде таа.
Амбасадорката потенцираше дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат работата на судскиот систем за да се обезбеди правда што е достапна, непристрасна и втемелена во уставните вредности.