Германската градежна индустрија остро реагира на одредбата од коалицискиот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД, со која се планира преполовување на квотата за работници од Западен Балкан.
„Одлуката е изненадувачка и штетна за индустријата“, изјави Тим-Оливер Милер, директор на Здружението на германската градежна индустрија, за весниците Штутгартер Цајтунг и Штутгартер Нахрихтен. Тој предупреди дека со оглед на планираните инфраструктурни проекти, побарувачката за работна сила дополнително ќе расте.
Според Милер, значителен дел од странските работници во секторот доаѓаат од земјите од поранешна Југославија. „Ограничувањето на контингентот на максимум 25.000 работници силно ја погодува градежната индустрија“, додаде тој.
Во коалицискиот договор е наведено дека „регуларната миграција во рамките на Западнобалканското правило ќе се ограничи на 25.000 лица годишно“. Досега, до 50.000 луѓе годишно можеа да добијат дозвола за работа во Германија под олеснети услови.
Сите кандидати од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија мора да имаат потпишан договор за работа пред да аплицираат. Од оваа регулатива можат да користат и неквалификувани работници, а воведена е за да се намали бројот на неосновани барања за азил.
На крајот на ноември 2024 година, во Германија имало околу 79.500 работници со престој добиен преку оваа регулатива. Најмногу од нив биле од Косово (20.800), Босна и Херцеговина (16.100) и Северна Македонија (14.200).