33.8 C
Скопје
16 јуни, 2025
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Британско-европски самит: Сигнал за вистинско зближување?

Првиот самит помеѓу ЕУ и Велика Британија по Брегзитот означува нов почеток. Поблиска соработка се посакува пред сѐ во одбраната. Но, на површина повторно испливуваат и старите натегања од времето на Брегзитот.

Пет години по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, претставници на Унијата денеска (19.05) официјално се состануваат на специјален самит со британската влада во Лондон.

Оваа премиера симболизира не само нов почеток, туку и старт на вистинско повторно зближување меѓу Лондон и Брисел.

Соработка во одбраната

На прво место е поблиска соработка во безбедносната и одбранбената политика. Нацртот за таков заеднички договор опфаќа области како што се сајбер и поморската безбедност, вклучително и борба против руските напади врз европски подморски кабли.

Но, дел од договорот треба да биде и поблиската координација при набавката на оружје и одбранбени системи. Британските компании пред сè се надеваат дека ќе добијат пристап до неодамна одобрениот фонд на ЕУ за вооружување од 150 милијарди евра, но сè уште не е прецизирано во колкав обем.

Сеќавање на споровите од времето на Брегзит

Очигледно Французите биле пред сѐ тие кои притискале можниот удел за Британците да биде ограничен на 15 проценти и во преговорите од Британците возвратно барале повисоки квоти за улов за нивните рибари. Оваа точка потсетува на грдите и честопати апсурдни спорови од времето на Брегзитот затоа што уделот на риболовот во брутодомашниот производ во обете земји е занемарлив. На домашен план сепак риболовните квоти се толку токсично минско поле за францускиот претседател Емануел Макрон, што разговорите де факто дојдоа до застој во неколку наврати.

Велика Британија Лондон 2025 | Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен пристигнуваат на самитот во Лондон Фотографија: HENRY NICHOLLS/AP/ via Getty Images

Брегзитерите креваат глас

И за британскиот премиер Кир Стармер овој самит не е играчка. Бидејќи, и покрај тоа што само уште 30 проценти од Британците сè уште веруваат дека Брегзит бил добра идеја, а дури и меѓу оние што го поддржуваа во тоа време јасното мнозинство сега мисли дека  напуштањето на ЕУ било грешка, брегзитерите речиси рефлексно повторно го креваат гласот во британските медиуми.

Во неделните изданија на весниците, денешниот самит уште однапред беше оквалификуван како „Самит за предавање“ или „Самит за капитулација“ – или алтернативно и како големото „предавство на Брегзит“. Притоа, во тој момент воопшто не беше ни извесно каков конкретен договор ќе се постигне денеска. Со оглед на тоа што Брегзитот досега ги чинеше Британците околу четири проценти од нивниот БДП, се работи за сосема ирационална реакција.

Страв од реформската Велика Британија на Фараж

Кир Стармер, кој уште четири години ќе владее со големо мнозинство, теоретски би можел едноставно да ги игнорира ваквите напади, но тој се однесува екстремно дефанзивно. Тоа се должи и на екстремниот повторен подем на деснопопулистичката Реформска партија на Обединетото Кралство под водство на Најџел Фараж, која забележа огромни победи на локалните избори на почетокот на мај и освои речиси 700 мандати.

Европски парламент | Најџел Фараж
Партијата на Најџел Фараж забележа огромни победи на локалните избори на почетокот на мај Фотографија: Reuters/V. Kessler

Фараж, кој имаше значително учество во Брегзитот во 2016 година, денес додуша признава дека проектот не успеал, но тврди дека тоа не е негова вина, туку е вина на Ториевците, кои едноставно не ја имплементирале целата работа како што треба. Идејата за Брегзит останува света мантра за него, иако сè уште не може да објасни како тој би ја имплементирал на помалку штетен начин за Британците. Сепак, со неговата новостекната популарност, зближувањето со ЕУ е внатрешнополитички значително отежнат потфат за Стармер.

Проблемот со влез и престој

Барањата на ЕУ за поедноставување на правилата за влез и престој за помлади граѓани на ЕУ во Велика Британија оттаму се особено чувствителни за британскиот премиер. Брисел бара помладите лица во блиска иднина повторно да може да живеат, работат и студираат во Велика Британија во период од две или три години.

Иако ова треба да важи и обратно за младите Британци, Фараж и конзервативните брегзитери со недели повикуваат на отпор. Според нив, таквото омекнување на тврдиот Брегзит би значело повторно и тајно прифаќање на слободното движење на луѓе во ЕУ. Ова не е точно, но покажува дека ирационалната рововска војна околу Брегзитот дури и по повеќе од пет години може во кој било момент повторно да пламне.

Попријателски и рационално

И покрај ваквите пречки и потешкотии, денешниот самит ќе означи нов почеток, ако поради ништо друго, тогаш поради тоа што со оглед на сè понесигурната глобална ситуација, ниту ЕУ ниту Стармер не може да си дозволат денес од Лондон да заминат без конкретни резултати. Иако раните од ерата на Брегзитот сè уште не се заздравени, односите меѓу Лондон и Брисел – и покрај сите разлики – отсега ќе бидат вратени на поблиски, попријателски и пред сè порационални патеки. Тоа е добрата вест. Сепак, разработката на деталите за двете страни на среден рок веројатно ќе остане трка со пречки.

Авторка: Анете Дитерт, АРД

Related posts

Што ќе донесе реализамот на Трамп на Балканот?

admin

ГУСТАТА МАГЛА НА ДИГИТАЛНИОТ ПРОСТОР

admin

Стари лекции, нови ученици

admin

Новото нормално изгледа прилично страшно

admin

ШТАНЦАЊЕ ДИПЛОМИ ЗА ФУНКЦИОНАЛНО НЕПИСМЕНИ

admin

Грција: Нов политички пејзаж

admin