Ниту еден универзитет од Северна Македонија не влезе на листата на 2.000 најдобри високообразовни институции во светот, според најновото рангирање на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) за 2025 година.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој лани се најде на 1.990-то место, годинава е исфрлен од рангирањето, покажуваат податоците на CWUR, кое анализира над 21.000 универзитети на глобално ниво.
Ова е првпат по неколку години Северна Македонија да остане без претставник на ова престижно рангирање, кое се заснова на четири клучни критериуми: квалитетот на образованието, вработливоста на дипломираните, академската извонредност и истражувачките перформанси. Методологијата не вклучува анкети или самопријавување од страна на универзитетите, што го прави едно од најобјективните глобални рангирања.
Во регионот, Србија продолжува да се појавува со силно присуство, предводена од Универзитетот во Белград на 354 место. На листата се најдоа и Универзитетите во Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Бугарија е претставена со Софискиот универзитет, рангиран на 1.051 место, и Медицинскиот универзитет – Софија, кој се најде на 1.478 позиција.