30.8 C
Скопје
23 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Независните листи бараат правна сигурност за учество на локалните избори

Независни советници и граѓански иницијативи од неколку општини во Северна Македонија предупредија во вторникот дека неизвесноста околу нивното учество на претстојните локални избори претставува историски преседан што го доведува во прашање уставно загарантираното избирачко право.

Во заедничка изјава, претставници на иницијативите „Независни за Карпош“, „Зелен хуман град“, „Шанса за Центар“, „Поинаку“, „Стига е“, „Подобро за Тетово“ и „Зелените од Гази Баба“ рекоа дека три недели пред распишување на изборите нема правна основа што го регулира учеството на независните кандидати, иако Уставниот суд веќе донел одлука во нивна корист.

„Ова претставува повреда на член 23 од Уставот, кој го гарантира правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавни функции, и на член 22, кој го гарантира избирачкото право“, се наведува во соопштението.

Групите тврдат дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ одбива да разговара за нов законски предлог кој би бил усогласен со одлуката на Уставниот суд, и дека актуелниот предлог-закон за измени на Изборниот законик е заглавен и противуставен.

Дополнително, според иницијативата, Владата сè уште не доставила мислење до Законодавно-правната комисија по барањето за автентично толкување на член 65 став (4) од Изборниот законик, поднесено од пратеничката Моника Зајкова на 25 јуни.

Како последен обид за решавање на ситуацијата, независните поднеле четири барања:

  1. Државната изборна комисија да побара од Владата итно да се произнесе по барањето за автентично толкување.
  2. Владата да достави мислење до Законодавно-правната комисија.
  3. Комисијата да ја процени оправданоста на барањето и да изготви автентично толкување што ќе се достави до Собранието.
  4. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова јавно да повика институциите итно да обезбедат правна рамка за учество на независните кандидати.

„Бараме оваа состојба да се надмине во најбрз можен рок, бидејќи го загрозува политичкиот плурализам, како темелна вредност на уставниот поредок“, се додава во соопштението.

Независните листи веќе се појавија на претходните избори во општини како Карпош, Центар, Битола, Струмица, Босилово, Ново Село, Тетово и Гази Баба, каде настапуваат како алтернатива на доминантните партии.

 

 

Related posts

ДУИ обвинува: Стоилковиќ ги отстранува натписите на албански јазик

admin

Поддршка од САД за уставните измени – можеби изгледаат минорно, но се тешки

admin

ЕУ ќе препорачува отворање на преговори со Босна и Херцеговина

admin

Хируршките сали на Клинички остануваат под клуч – се чека анализа на странска фирма но и на Обвинителството

admin

ВИДЕО | Спектакуларен гол на Барди донесе реми на Северна Македонија 1-1 со Италија

admin

Министерката Божиновска дел од приказна за производство на еко хулахопки во Чешка

admin