Политичката блокада во Косово по последните избори не е резултат на уставни нејаснотии, туку на недостаток на политичка култура и подготвеност за институционален консензус, вели Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово (KDI) во интервју за регионалниот портал на англиски јазик BalkanView.
„Ние не се соочуваме со уставна криза, туку со криза на политичкиот менталитет. Не се работи за текстот на Уставот, туку за начинот на кој политичките актери одлучуваат да го толкуваат и применуваат,“ истакнува Цаколи.
Конфликт помеѓу правната рамка и политичката реалност
Цаколи потенцира дека сегашниот институционален ќор-сокак е предизвикан од намерни опструкции, прикриени како правни недоречености. Наместо да се гради институционален консензус, вели тој, се користат технички празнини за партиски интереси.
„Кога Уставот се чита според дневнополитички потреби, тогаш секоја процедура може да се претвори во средство за блокада,“ додава тој.
Цаколи не ја исклучува можноста Ветевендосје намерно да го пролонгира процесот. „Може да се работи за стратегија за добивање време, или за внатрешно престројување. Но, најзагрижувачко е тоа што институциите стануваат пазар за договори наместо платформи за отчетност.“
Опасност од институционален вакуум
Во однос на можноста за нови избори, Цаколи посочува дека Уставот не дава јасен механизам кога Парламентот не може да се конституира. Според него, потребна е уставна интерпретација која ќе утврди дека ваквиот застој претставува истек на уставниот мандат – што би му дало овластување на претседателот да распише нови избори.
„Ова е правен сив простор кој може да го одведе системот во парализа доколку не се реагира навреме,“ вели тој.
Цаколи остро го критикува продолжувањето на дијалогот со Србија без функционален парламент. „Без парламентарен надзор, секој договор е ранлив. Тоа го девалвира самиот процес и го прави невалиден од демократска перспектива.“
Тој потсетува дека и двата состаноци во Брисел (2 и 10 јуни 2025) се одржале без да има кој да побара отчет или да одобри позициите на делегацијата.

