Новото истражување објавено во списанието Epidemiology and Psychiatric Sciences открива дека начинот на кој луѓето ја перцепираат својата финансиска состојба силно влијае на ризикот од појава или влошување на депресијата – и изненадувачки, овој ефект е најизразен кај семејствата со високи приходи.
Познато е дека депресијата зависи од социјални фактори како приходите, образованието и личните односи. Претходните истражувања покажале дека финансиските тешкотии се еден од најсилните предвидувачи на депресијата – често посилен дури и од невработеноста или ниското образование. Но, повеќето анализи се фокусирале на реалните приходи, игнорирајќи ја субјективната перцепција на луѓето за нивните финансиски проблеми. Пандемијата на COVID-19, која истовремено ја продлабочи економската и менталната криза, создаде идеална можност за подлабока анализа на оваа врска.
Француската студија EpiCov, предводена од Густав Мафр Мавиел, следела 14.236 лица на возраст од 15 години и постари во периодот од 2020 до 2022 година преку четири анкети. Учесниците ги оценувале своите симптоми на депресија преку глобално прифатената скала PHQ-9, која ги дели симптомите на „без или лесни“, „умерени“ и „тешки“. Тие, исто така, ги оценувале своите финансиски потешкотии како „нема“, „умерени“ или „сериозни“.
Со користење на напредни статистички модели, истражувачите го следеле развојот на симптомите кај секој учесник со текот на времето – пристап што овозможува многу попрецизна слика отколку класичната поделба „има/нема депресија“.
Резултатите покажале дека лицата кои чувствувале умерени финансиски тешкотии имале 1,4 пати поголема веројатност да преминат од лесни во умерени или тешки симптоми. Кај оние кои пријавиле сериозни тешкотии, ризикот бил повеќе од двојно зголемен.
Особено изненадувачки било тоа што овие врски биле најсилни кај богатите семејства, што ја оспорува вообичаената перцепција дека финансискиот стрес најмногу влијае на сиромашните. За домаќинствата со високи приходи, ненадејни настани како губење на работа, инвестиции или долгови може да предизвикаат остра психолошка реакција, додека кај посиромашните луѓе ваквите состојби се повеќе хронични и очекувани.
Перцепцијата за финансиски потешкотии не била поврзана со подобрување на менталното здравје, што укажува дека чувството на економска несигурност може да има долготрајни последици.
Авторите сугерираат можно објаснување: „Кај семејствата со високи приходи, финансиските тешкотии најчесто се резултат на краткорочни негативни настани – како губење на работа или долгови – кои можат да предизвикаат симптоми на депресија. Кај оние со ниски приходи, финансиските проблеми се повеќе структурни и затоа помалку поврзани со нагли промени во менталната состојба.“
Истражувањето ги зема предвид факторите како возраста, полот, образованието, здравствената историја и работниот статус, но исто така наведува и ограничувања – како што е губењето на дел од учесниците со текот на времето, што можеби ја намалило вистинската сила на забележаната поврзаност.
Студијата, со наслов „Experience of financial hardship and depression: a longitudinal population-based multi-state analysis“, ја потпишуваат Густав Мафр Мавиел, Александра Рукет, Камил Давис-Патуре, Артур Дескарпентри, Арно Сапин, Натали Бајос, Жан-Батист Азо, Ан Пасторело, Жозијан Варшавски, М. Мелхиор, Сесил Вијермо и групата EpiCov Study Group.

