Пропаѓањето на договорот за продажба на странските подружници на ЛУКОИЛ на трговецот со суровини Гунвор ја втурна руската компанија во длабока криза, зголемувајќи го ризикот за загуба на средства вредни 14 милијарди евра и поттикнувајќи шпекулации дека домашниот ривал Роснефт би можел да преземе контрола.
Вашингтон минатата недела го блокираше преземањето од страна на Гунвор, откако воведе нови санкции кон вториот по големина руски нафтен гигант, со образложение дека нема да издаде лиценца за работење на компанијата, која ја нарече „марионета на Кремљ“.
ЛУКОИЛ, кој долго време се поврзува со претседателот Владимир Путин, има рок до 21 ноември да ги продаде или отпише своите меѓународни бизниси, додека западните компании се обидуваат да ги прекинат врските со Русија во согласност со американскиот рок.
„Некои од првичните понудувачи што беа одбиени во корист на Гунвор можеби повторно ќе се појават,“ рече извор од рускиот нафтен пазар. „Но сопствениците на ЛУКОИЛ веќе се подготвуваат за можноста нивните средства едноставно да им бидат одземени од земјите каде што се наоѓаат.“
Големи финансиски и стратешки последици
Блокирањето на зделката со Гунвор – кој негира какви било сегашни врски со Москва – ја остава ЛУКОИЛ во тежок финансиски и стратешки ќорсокак. Со завршување на меѓународната експанзија, компанијата има ограничен раст на домашниот пазар, каде што доминираат државните гиганти Роснефт, предводен од долгогодишниот сојузник на Путин, Игор Сечин, и Газпром Њефт.
Според пресметките на Financial Times, ЛУКОИЛ ризикува да изгуби најмалку 14 милијарди евра вредност на своите странски подружници, што би претставувало најголем удар врз руска компанија од почетокот на целосната инвазија на Украина во 2022 година.
Компанијата, основана во 1991 година непосредно пред распадот на Советскиот Сојуз, беше создадена со спојување на неколку државни нафтени единици. Архитект на овој процес беше Вагит Алекперов, тогашен заменик-министер за нафта и гас, кој подоцна стана извршен директор на ЛУКОИЛ и сè уште е негов најголем акционер.
Притисок од санкциите во Ирак и Европа
ЛУКОИЛ во понеделник прогласи „форс мајор“ во својот нафтен проект во Ирак и најави дека ќе го затвори производството и ќе се повлече ако состојбата не се реши во рок од шест месеци, пренесе Reuters.
Во Бугарија, каде што компанијата поседува единствена рафинерија и учествува со околу 10% во БДП-то, парламентот минатата недела изгласа забрана за извоз на нафтени деривати и отвори пат за национализација на постројката.
Во Романија, каде што помала рафинерија на ЛУКОИЛ обезбедува околу една третина од вкупното производство на гориво, министерот за енергетика Богдан Иван изјави дека владата мора да „преземе контрола врз локалните операции на компанијата за да ги заштити 5.000 работни места и да обезбеди енергетска стабилност“.
Молдавија, пак, понуди да ја купи инфраструктурата за авио-гориво на ЛУКОИЛ на единствениот меѓународен аеродром во земјата и побара привремено одобрение од САД за продолжување на операциите.
„Мрежата на ЛУКОИЛ е толку голема и меѓусебно поврзана што ова отвора Пандорина кутија,“ рече Ади Имсировиќ, поранешен раководител на трговијата со нафта во Газпром. „Координирањето на сите овие средства ќе биде исклучително тешко.“

