Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во вторник најави онлајн петиција против, како што рече, можноста Македонија да прифати мигранти во рамки на потенцијален договор со Велика Британија.
Филипче изјави дека искуствата од неколку европски држави покажуваат дека недоволно планираните политики за интеграција создаваат безбедносни и социјални ризици. Тој побара поддршка од граѓаните, предупредувајќи дека „цената на ваквите политики би била висока“ и дека треба да се спречи „насилно внесување на мигранти“.
„Ќе покренеме онлајн иницијатива. Ако нема реакција од власта, ќе следат нови чекори“, изјави тој, повикувајќи на, како што ја нарече, „зачувување на безбедноста и иднината на Македонија“.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторно демантираа дека постои било каков договор со британската влада за сместување мигранти на македонска територија.
„Одговорно тврдиме дека нема да има мигранти во Македонија, ниту постои план за тоа“, изјави Валентин Манасиевски од партиското раководство. „Граѓаните да бидат спокојни – додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, такво нешто нема да се случи.“
Темата повторно се отвори по објавите на неколку британски медиуми, вклучувајќи го и „Телеграф“, кои пренесоа дека Лондон водел разговори со Македонија и Косово за евентуален прием на мигранти, додека Албанија и Босна и Херцеговина одбиле поради безбедносни причини. Според истите информации, за секој прифатен мигрант би се исплаќале околу 25.000 фунти.

