Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека Владата апсолутно ги поддржува потезите и аргументите на САД против претседателот на Венецуела, Николас Мадуро. Тој се спротивстави на критиките од дел од европските политичари дека американската акција била спротивна на меѓународното право.
„Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД“, рече Мицкоски на отворањето на нова детска градинка во Сопиште.
Премиерот посочи дека според него, „громогласната тишина“ на европските и светските земји во минатото, кога бил прекршуван меѓународниот поредок на штета на Македонија, е причина за загриженост. „Кога еднаш ќе се направи исклучок, тоа потоа станува пракса“, додаде тој.
На прашањето дали ваквиот чин – една држава да влезе и да го однесе претседателот на друга држава за да му суди – претставува преседан, Мицкоски одговори дека Македонија веќе се соочила со преседани во минатото, како при менувањето на Уставот и знамето за членство во Обединетите нации, и дека Владата останува доследна на позицијата на САД.
Мицкоски исто така истакна дека дебатата за легитимитетот на Мадуро и меѓународното право треба да ја водат експерти, но дека неговата позиција како премиер е да ја поддржи акцијата на стратешкиот партнер на Македонија.

