Министерството за јавна администрација во средата ја започна јавната дебата за Нацрт-законот за високите раководители во органите на државната управа и фондовите, со кој се предвидува воведување јасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на управни и надзорни одбори.
Министерот за јавна администрација, Минчев, изјави дека предложеното законско решение има за цел да стави крај на, како што рече, доживотните функции и недопирливите позиции во јавниот сектор.
„Мерит-системот ќе стане правило. Раководните позиции ќе се врзуваат за знаење, професионалност, одговорност и постигнати резултати, а не за партиска припадност“, рече Минчев на јавната расправа.
Според него, законот првпат воспоставува единствен систем за избор и разрешување на високите раководители, со ограничување на мандатите и намалување на бројот на членови во управните одбори, кои во иднина треба да имаат најмногу три члена.
Минчев најави и дека со законските измени ќе се стави крај на злоупотребата на в.д.-позициите, кои, како што оцени, со години биле користени како механизам за заобиколување на редовните конкурсни постапки.
На јавната дебата учествуваа домашни и странски експерти, кои посочија дека дел од одредбите треба дополнително да се доработат за да се обезбеди целосна транспарентност и независност во изборот на раководните кадри.
Министерството соопшти дека сите забелешки и предлози од јавната расправа ќе бидат разгледани пред законот да биде доставен во собраниска процедура.

