Вкупно 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години во Северна Македонија користат некаков тутунски производ, покажува национално истражување спроведено во 2024 година, чии резултати во петокот беа презентирани од Институт за јавно здравје, Министерството за здравство и Светска здравствена организација.
Истражувањето, спроведено во 75 училишта со опфат од 4.670 ученици, укажува дека употребата на никотин кај адолесцентите останува значаен јавно-здравствен предизвик, при што расте употребата на електронски цигари и загреани тутунски производи.
Според податоците, 12,3% од учениците моментално користат тутун, 5,3% пушат класични цигари, 4,9% користат загреани тутунски производи, 3,6% користат бездимен тутун, додека 9% користат електронски цигари. Дел од категориите покажуваат повисока застапеност кај девојчињата.
„Употребата на никотин кај младите останува значаен јавно-здравствен предизвик кој мора да биде приоритет во креирањето на државните политики“, изјави директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, додавајќи дека новите никотински производи „ја менуваат сликата на зависностите кај адолесцентите“.
Истражувањето покажува и високо ниво на изложеност на пасивно пушење. Околу 57% од испитаниците биле изложени на тутунски чад во домот, а 55,4% во затворени јавни простори. Дополнително, 45,1% од учениците изјавиле дека виделе некого како пуши во или околу училишни објекти.
Податоците укажуваат и на слабости во спроведувањето на забраната за продажба на тутун на малолетници – 73,2% од младите пушачи рекле дека не биле спречени да купат цигари поради возраста.
Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека резултатите ќе послужат како основа за нов предлог-закон за заштита од пушење, насочен кон „новите генерации“. Според него, 86,9% од анкетираните ученици поддржуваат забрана за пушење во затворени јавни простори.
Предлог-законот, како што појасни, ќе се темели на четири столба: целосна заштита од пасивно пушење, намалување на привлечноста на производите преку забрана на карактеристични ароми, ограничување на маркетингот и изложувањето, како и засилена контрола на продажбата на малолетници.
Претставникот на СЗО во земјата, д-р Аким Али, изјави дека искуствата од други држави покажуваат оти ваквите закони доведуваат до намалување на хоспитализации, мозочни удари и смртност од кардиоваскуларни болести.
Во поширокиот европски контекст, СЗО предупредува дека регионот останува со највисока стапка на употреба на тутун меѓу жените и бележи раст на употребата на електронски цигари кај младите. Според организацијата, околу четири милиони деца на возраст од 13 до 15 години во Европа користат тутунски производи.
Здравствените власти во Северна Македонија најавија дека ќе продолжат со развивање системски мерки за контрола на тутунот, нагласувајќи дека зависноста развиена во адолесценцијата често преминува во долгорочно пушење со сериозни здравствени последици.

