29.5 C
Скопје
13 јули, 2026
Inbox7.mk
АНАЛИЗАНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

Северна Македонија во место, Албанија оди напред кон интеграцијата во ЕУ

Албанија и Северна Македонија, кои со години паралелно се движеа во процесот на европска интеграција, денес претставуваат два различни модели на напредок кон Европската Унија: Албанија ја консолидираше својата позиција како активна земја-преговарач, влегувајќи во фаза на целосно правно и институционално усогласување преку отворање на сите кластери (групи на поглавја), додека Северна Македонија останува блокирана во претходната фаза на преговорите поради политички условувања, билатерални бариери и недостиг на внатрешен консензус низ годините.

Автори: Џелал Незири, Даландише Џафери Аголи, Валмора Гого

Во март 2004 година, само еден месец пред предвремените претседателски избори, тогашниот премиер на Северна Македонија, Бранко Црвенковски, предводеше голема делегација во Даблин, Ирска, за да ја поднесе апликацијата за добивање кандидатски статус за интеграција во Европската Унија (ЕУ). Ирска, како претседавач со Советот на ЕУ во тоа време, со изразена емпатија ја прифати оваа амбициозна одлука на една мала и проблематична балканска држава. Три години претходно Северна Македонија излезе од вооружен конфликт, кој заврши со Охридскиот договор, а само еден месец порано доживеа невидена трагедија: претседателот на државата, Борис Трајковски, го загуби животот при падот на неговиот авион во воздушниот простор на Босна и Херцеговина.

Гледајќи ја позитивната атмосфера во ЕУ, Црвенковски немаше сомнеж дека земјата ќе го добие кандидатскиот статус. Веќе како главна обединувачка фигура во државата, тој ја објави својата кандидатура за претседател, покажувајќи амбиција да премине од премиерската во претседателската функција. Беше свесен дека за победа ќе му бидат потребни и гласовите на етничките Албанци, кои сочинуваат речиси една третина од населението. Особено затоа што за избор на претседател е потребно да гласаат повеќе од половина од запишаните избирачи – праг кој често бил проблематичен за достигнување. Црвенковски знаеше дека мнозинството етнички Албанци силно го поддржуваат интегрирањето во ЕУ, па им се обрати со конкретно ветување: „Ако победам јас, Албанците од Северна Македонија ќе бидат првите Албанци од Балканот кои ќе станат дел од ЕУ.“

Ветеранот на македонското новинарство, Зоран Иванов, добро се сеќава на тој момент од пред 22 години. „Да, тоа што тогашниот кандидат за претседател го изјави за Албанците од Македонија како прва група која условно речено ќе влезе во ЕУ, ако добро се сеќавам, беше со предизборни цели – да се добие симпатија и кај албанските гласачи,“ вели Иванов, кој во тој период беше шеф за комуникации со медиумите во кабинетот на Црвенковски.

Тоа беше време кога Црна Гора беше дел од федерацијата со Србија, како остаток од распадот на поранешна Југославија, Косово сè уште не беше прогласило независност, а Албанија и Босна и Херцеговина беа далеку од кандидатски статус за членство во ЕУ. Северна Македонија и Хрватска беа на чело на интегративниот процес, а истовремено беа и во групата за пристапување во НАТО.

ВЕТАТА КОН СКОПЈЕ И РАЗДВОЈУВАЊЕТО ОД ТИРАНА

Црвенковски ги доби изборите, но во 2008 година се соочи со ветото на Грција, која го услови продолжувањето на евроатлантскиот интегративен процес на Скопје со промена на името. Овој проблем беше решен во 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој државата се преименува од „Македонија“ во „Северна Македонија“. Сепак, тоа не беше последната пречка. Во 2019 година Франција го услови проширувањето на ЕУ со нова методологија за преговори, а во 2020 година Бугарија побара итна имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година. Ова условување привремено беше надминато со Францускиот предлог, архивиран како „Протокол 2“ во министерствата за надворешни работи во Скопје и Софија, документ изработен за време на германското претседателство, а финализиран за време на француското во 2022 година. Со овој компромисен документ, одобрен од парламентите на двете држави, на Скопје му беше овозможено да продолжи со процесот на преговори, но под услов во првата фаза да ги усвои уставните измени за вклучување на етничките Бугари во преамбулата. Бидејќи во Собранието на Северна Македонија не беше обезбедено двотретинско мнозинство за исполнување на оваа обврска, земјата сè уште не ги отвори преговорите.

Албанија, која до 2024 година беше во група со Северна Македонија, се одвои и продолжи напред – момент што отвори бројни дебати во Скопје.

„Ова раздвојување е исклучиво од политичка природа, односно поради бугарското барање за уставни измени,“ вели Драган Тилев, поранешен државен секретар во Министерството за европски прашања во Скопје и еден од најпознатите експерти за евроинтегративниот процес. „Факт е дека ова барање има билатерален карактер, произлегува од Протокол 2, каде за првпат се споменува отворање на Уставот и вклучување на бугарската заедница во нашата преамбула.“

Со пренесувањето на Протокол 2 во заклучоците на Советот на ЕУ и во Преговарачката рамка на 18 јуни 2022 година, овој билатерален проблем, според Тилев, се трансформира во европски услов. Од тој момент документот од меѓудржавен карактер стана европски услов и претставува политички „бенчмарк“ кој, додека не се исполни, не ѝ дозволува на земјата да продолжи со отворање на првиот кластер „Темели“.

Дрита Абдиу Халили беше главна преговарачка на Северна Македонија со ЕУ до 2024 година. Таа вели дека процесот на проширување на ЕУ отсекогаш бил и технички и политички. „Ова стана уште поочигледно по руската агресија врз Украина, кога проширувањето повторно ја доби клучната улога како стратешки инструмент на европската безбедност. Во овој нов геополитички контекст, ЕУ го гледа проширувањето како дел од својата архитектура на стабилност, а не само како административен процес на правно усогласување.“

Димитар Николовски, директор на тинк-тенкот „Евротинк“ со седиште во Скопје, се согласува дека надворешните блокади се реален фактор и не можат да се релативизираат, особено затоа што го поместуваат процесот од критериумите кон билатерални прашања. Но, нагласува тој, „ако сакаме чесна анализа, стагнацијата не може да се објасни исклучиво само со блокади“.

Новинарот Зоран Иванов вели дека постојат два главни фактори зошто земјата заглави во европските интеграции. Првиот, според него, се историските недоразбирања со соседите, пред сè со Грција и Бугарија. „Нивните политики кон земјата не само што го забавија, туку во одредени периоди и целосно го блокираа евроинтегративното движење на Македонија,“ додава тој. Вториот фактор, нагласува Иванов, е внатрешната македонска политика. „Особено изразената популистичка, па дури и националистичка политика на партијата што е на власт и денес, ВМРО-ДПМНЕ.“

Всушност, Северна Македонија се движеше заедно со Албанија во процесот на интеграција во ЕУ до 19 јуни 2022 година. Заеднички ја одржаа првата меѓувладина конференција, со што официјално ги започнаа преговорите. Но разликата беше во тоа што Албанија тогаш одржа целосна меѓувладина конференција, додека Северна Македонија имаше политичка меѓувладина конференција. Иако недоволно третирана во македонската јавност, разликата беше во тоа што политичката меѓувладина конференција Скопје–Брисел беше само политичко отворање на преговорите, а не суштинско и вистинско како во случајот со Албанија.

„Ова беше резултат на бугарското противење, кое во тој момент се повлече за да започнат преговорите, но под услов да се направат уставните измени што произлегуваат од Вториот протокол со Бугарија, кој претставува корпус на меѓусебно поврзани документи,“ потсетува Тилев. Според него, Бугарија го искористи тој момент за да постави услови, додека Европската комисија најде формула за политичко отворање на преговорите врз основа на новата методологија.

По првата конференција, Албанија и Северна Македонија го започнаа процесот на скрининг и заедно учествуваа на сите сесии, започнати во 2022 и завршени во 2023 година.

Раздвојувањето се случи во октомври 2024 година, кога Албанија го отвори првиот кластер откако ги исполни предусловите, односно одредниците за отворање на преговорите, како што се патоказот за владеење на правото и патоказот за реформи во администрацијата.

„Од тој момент, Албанија продолжи со молскавична брзина,“ вели Тилев. „Искористувајќи ги позитивните аспекти на новата методологија, која обезбедува динамика во напредокот, Албанија во рок од 12 месеци успеа да ги отвори сите шест кластери, а со тоа и сите 33 поглавја.“

Поранешната главна преговарачка Абдиу Халили проблемот го гледа во Скопје. Таа вели дека Преговарачката рамка, усвоена во 2022 година, е на сила и ЕУ јасно ставила до знаење дека следниот чекор е исполнување на договорените услови, вклучително и уставните измени поврзани со отворањето на кластерот „Темели“. „Во оваа процедурална смисла, дејствието треба да дојде од Скопје,“ додава таа.

Овој став постојано се повторува од институциите на ЕУ и повторно беше рефлектиран на 19-тиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација во февруари годинава. Според официјалното соопштение, Комитетот ја нагласи важноста Северна Македонија да продолжи да напредува во процесот на членство и да ги спроведе утврдените услови. Од технички аспект, според Абдиу Халили, процесот е структуриран и ЕУ бара имплементација на договорените услови.

ОД СОРАБОТНИЦИ ДО НАТПРЕВАРУВАЧИ ЗА ЕУ

Веста дека Албанија ги отворила сите шест кластери во рок од една година отвори жестока дебата во Северна Македонија околу тоа која земја е реално поблиску до интеграција во ЕУ.

Изјавата на актуелниот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, дека неговата земја и натаму е пред Албанија, а по Црна Гора во процесот на интеграција во ЕУ, предизвика различни реакции во јавноста. Мицкоски е претседател на десноцентристичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која дојде на власт во 2024 година токму со спротивставување на уставните измени за спроведување на Францускиот предлог.

Поранешната главна преговарачка Абдиу Халили, пак, вели дека интеграцијата во ЕУ не се мери само со бројот на усогласени закони. „Таа подразбира целосна законска хармонизација, доволни институционални и човечки капацитети за имплементација и ефективно спроведување на acquis-от,“ додава таа.

Можеби оваа споредба, според неа, имала смисла до 2024 година, пред Албанија да започне со отворање на кластерите. „Денес Албанија се наоѓа во фаза во која процесот премина од постепено усогласување кон целосна хармонизација во преговарачка смисла. Со оглед дека ги отвори сите кластери, таа веќе работи на исполнување на привремените одредници (interim benchmarks) и има јасно утврдени завршни завршни (closing benchmarks) за соодветните поглавја. Ова значи дека процесот влезе во фаза каде што се бара не само законско усогласување, туку и конкретни докази за имплементација и целосно исполнување на обврските пред затворање на поглавјата, а Албанија работи кон тоа со голема посветеност.“

За да се види каде навистина стои вистината, врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме сите документи во кои се оценува степенот на усогласеност на земјата со ЕУ. Сепак, министерствата на Владата на Северна Македонија не прифатија да одговорат. Сите нè упатија информациите да ги побараме од Министерството за европски прашања, предводено од министерот Беким Сали, функционер на политичката групација на етничките Албанци во власта – ВЛЕН. Од ова Министерство не добивме одговор, туку барање за појаснување на прашањата – начин што институциите често го користат за да избегнат одговор.

Медиумите и експертите веќе имаат донекаде јасна слика, бидејќи ги анализирале јавно достапните документи, како извештајот од скринингот, годишните извештаи на Европската комисија (ЕК) и Реформската агенда 2024–2027. Имајќи ги предвид тие документи, Николовски од „Евротинк“ се согласува дека Северна Македонија има релативно високо ниво на техничка подготвеност во некои делови од acquis-от и долгогодишна административна „инерција“ во усогласувањето со ЕУ. Но, тој нагласува дека „Албанија во моментов е понапред во самата динамика на преговорите“. „Тезата дека сме ‘понапред’, иако реално не се движиме во преговорите, повеќе е внатрешна политичка нарација отколку мерлива состојба според методологијата на проширување,“ додава Николовски.

Во иста линија е и универзитетскиот професор и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Абдулменаф Беџети. Тој ја истакнува брзината на напредокот на Албанија и големата стагнација на Северна Македонија во евроинтегративниот процес.

„Кога Македонија имаше кандидатски статус за евроинтеграции, Албанија немаше ни потпишано Спогодба за стабилизација и асоцијација. Денес ситуацијата е дијаметрално спротивна,“ вели Беџети. Од оваа перспектива, според него, Северна Македонија веќе не може ни да се споредува со Албанија. „Единственото нешто во кое Македонија ја надминува Албанија е нивото на јавниот долг – се разбира, и тоа во негативна конотација,“ подвлекува тој.

Поранешниот државен секретар, експертот Драган Тилев, вели дека Скопје е понапред во нивото на усогласување на домашните закони со европските. „Ако се мерат реформите, односно усогласувањето на законите со оние на ЕУ, иако Албанија е понапред во процесот на преговори, ние имаме повисок степен на приближување.“

Бидејќи Албанија ги отвори сите кластери и поглавја, Тилев предупредува дека самиот процес на пристапни преговори значително ќе ги забрза нивните реформи. „Многу е можно во годинешниот извештај на Европската комисија, кој ќе биде објавен во ноември или декември, тие да бидат на исто ниво или дури и подобри од нас во спроведувањето на реформите,“ додава тој. Според него, Скопје може да ја зачува предноста ако успее да ги забрза реформите во земјата, без оглед дали формално ќе започне процесот на преговори или не.

Но овој оптимизам на Тилев не изгледа толку остварлив. Земјата заостанува и во исполнувањето на Реформската агенда во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан (2024–2027), одобрен од Европската комисија во октомври 2024 година. Агендата предложена од Скопје опфаќа 37 клучни реформи со 136 активности во пет приоритетни области и е поддржана со околу 750 милиони евра грантови и заеми. Северна Македонија на 24 март 2025 година повлече предисплата од околу 52,2 милиони евра, од кои околу 24,5 милиони евра беа директно префрлени во државниот буџет, а околу 28 милиони евра беа насочени преку Рамката за инвестиции на Западен Балкан за инфраструктурни проекти. Последователните исплати беа делумни и поврзани со исполнување на конкретни реформски чекори, што одразува сè уште ограничено темпо на имплементација. Ова е паралелен процес кој не зависи од уставните измени и не е условен со отворањето на кластерите. Значи, и кога преговорите се во застој, реформите можат и треба да продолжат.

Сепак, исполнувањето на Реформската агенда не секогаш се одвиваше со предвиденото темпо.

„Ова покажува дека предизвикот не е само процедурален или политички, туку и прашање на конзистентност во спроведувањето и поставувањето приоритети,“ вели поранешната главна преговарачка Абдиу Халили.

Стагнацијата ја погоди и поддршката на граѓаните за интегративниот процес во ЕУ. Условувањата од Грција и Бугарија го зголемија евроскептицизмот до тој степен што членството во ЕУ не беше главно ветување во кампањата за последните парламентарни избори во јуни 2024 година. Во овој контекст, Тилев го гледа недостигот на резултати дури и кога станува збор за исполнување на обврските што самата влада ги презела со Реформската агенда.

„Бидејќи станува збор за длабоки и одржливи реформи што треба да траат со време, потребна е позитивна атмосфера,“ вели Тилев. „Факт е дека кај нас во моментов таква енергија не постои. Постои фрустрација и кај јавноста, и кај администрацијата, и кај политичката елита. Ова е важен елемент што треба да се земе предвид кога зборуваме зошто не ги реализираме реформите дури ни без формално започнати преговори.“

Оваа Агенда почна да се усогласува со претходната влада и беше финализирана со актуелната. Обврската е да се спроведат клучните реформи, кои повторно се поврзани со скринингот и годишните извештаи на Европската комисија, но и со конкретни финансиски средства.

„Тука веќе заостануваме, имаме неуспеси и притисокот што го создава самиот процес на интеграција во ЕУ не се чувствува доволно,“ се согласува Тилев. „Периодот на подготовка од 12 месеци заврши во 2025 година и во тој период беа предвидени многу активности што не беа реализирани навреме. Хипотетички, може на крај да ги реализирате реформите и да ги повлечете средствата, но нема да можете да ги искористите затоа што нема да имате здрави проекти.“

Значајна споредба во овој правец е Молдавија. Генералниот директор на Дирекцијата за проширување и соседство во Европската комисија, Герт Јан Купман, изјави на седница на Комитетот за надворешни работи (AFET) на Европскиот парламент дека Молдавија е лидер меѓу кандидатите во спроведувањето на Планот за раст, целосно исполнувајќи ги барањата од првиот извештаен период и дури надминувајќи ги пред рокот. Тој го нагласи брзото темпо на реформите, политичката посветеност и транспарентноста во известувањето.

ФИНАНСИСКИТЕ И ЕКОЛОШКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ НА ЗАСТОЈОТ

Додека Владата на Мицкоски чека гаранции од Бугарија дека повеќе нема да ја условува земјата доколку сега се измени Уставот и во преамбулата се вклучат етничките Бугари, државата се соочува со сериозни еколошки и финансиски последици.

Во текот на процесот на скрининг, Поглавјето 27 „Животна средина и климатски промени“ беше анализирано со исто ниво на ригорозност како и секое друго поглавје. Абдиу Халили потсетува дека за време на билатералниот скрининг со Европската комисија, националното законодавство, институционалните структури и практиките на спроведување биле систематски разгледани за секоја потобласт од поглавјето, како водите, отпадот, квалитетот на воздухот, заштитата на природата, индустриската контрола на загадувањето, климатските промени итн. Се идентификуваат правните, институционалните и финансиските празнини, како и потребните капацитети за спроведување. Врз основа на оваа структурирана анализа за целокупниот acquis на Поглавје 27, се подготвуваат стратешки документи, акциски планови и долгорочни инвестициони проекции. Дополнително, еколошките аспекти се третираат и во други поглавја со хоризонтално влијание, како енергија, транспорт, земјоделство и индустрија, со што еколошката димензија станува интегрален дел од целокупната стратегија за членство.

„Доколку не се адресираат одржливо слабостите, не само во ова поглавје, туку во секое поглавје, тие можат да претставуваат структурна пречка за членство. Законодавството на ЕУ бара целосно исполнување, а не само формално транспонирање во националното законодавство“, вели поранешната главна преговарачка на Северна Македонија.

Северна Македонија се соочува со бројни еколошки предизвици: во текот на зимскиот период Скопје и неколку други градови бележат рекордно загадување, додека управувањето со отпадот и понатаму не е системски уредено.

Тилев вели дека и во областа на животната средина земјата има високо ниво на усогласеност на домашните закони со оние на ЕУ, но нагласува дека ова е најобемното поглавје во однос на законите и документите. Освен што е најобемно, Поглавје 27 е и најскапо и е блиску до поглавјето за усогласување на законодавството по финансиска тежина.

Логичното прашање кое се поставува тука е колку граѓаните го чувствуваат тоа високо ниво на усогласеност. „Ако гледаме каде е подобар квалитетот на воздухот, тука влијаат многу други фактори, како географијата и климатските услови. Во моментов сме поусогласени од Албанија, но едно е да донесете закони, а друго е да имате институции способни да ги спроведуваат“, вели Тилев.

Потешки од еколошките ќе бидат финансиските и економските последици доколку Северна Македонија остане во застој. „Штом Албанија стане членка на ЕУ, и тие малку странски инвеститори кои ги имаме ќе се преселат таму“, предупредува академик Беџети.

Тој вели дека последиците од застојот ќе бидат сериозни: „На среден рок ќе имаме демократска стагнација, зголемување на емиграцијата, раст на корупцијата и евроскептицизмот. На долг рок – економска изолација, намалување на инвестициите и дознаките, стареење на населението и демографски дисбаланс“.

Доколку се споредат странските директни инвестиции, се гледа дека во Северна Македонија тие се повеќе од двојно пониски во апсолутни вредности.

Вредности на странските директни инвестиции (во милиони американски долари)

Година Северна Македонија Албанија
2022 785 1.434
2023 625 1.622
2024 1.358 1.716

„Изгубениот моментум сега, кога Европа ги отвори вратите и од геополитички причини, нема брзо да се повтори“, предупредува Беџети. Според него, до 2030 година Албанија и Црна Гора може да станат членки на ЕУ, додека ако Северна Македонија остане во пакет со Србија и Косово, перспективата за членство ќе стане многу пооддалечена.

МАЛИГНИ ВЛИЈАНИЈА И РИЗИК ОД ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА

Останувањето далеку од членството во ЕУ и високото ниво на евроскептицизам често се користат од странски актери за ширење на нивното злонамерно влијание. Како и во Србија и Босна и Херцеговина, Русија, Кина и земји од Блискиот Исток подолго време се присутни во различни сфери и во Северна Македонија.

Сепак, Тилев смета дека не постои реален ризик овие влијанија да ја сменат геополитичката траекторија на земјата.

„Да не заборавиме дека сме членка на НАТО“, вели тој. „Тоа е гаранција за безбедност и одбрана“.

Тилев потсетува и дека земјата има стратешки дијалог со САД кој опфаќа прашања како хибридни закани, кибер-безбедност и контрола на странските директни инвестиции, за да се спречи продор на руски или кинески капитал во чувствителни сектори.

Сепак, застојот во евроинтеграциите и забавувањето на реформите може да создаде простор за надворешно влијание. „Дали ќе биде руско, кинеско или преку ‘proxy’ држави, како на пример преку Србија, останува непознато. Србија има блиски односи со Русија и Кина и не е членка на СТО“, нагласува тој.

Абдиу Халили предупредува дека „ако Северна Македонија остане зад другите, последиците нема да бидат само симболични“. „Ризикуваме да изгубиме позиција во новата архитектура на европската интеграција, да создадеме јаз со соседните земји и да ја ослабиме перцепцијата за нашата кредибилност како сериозен партнер. Колку повеќе напредуваат другите, толку потешко ќе биде да се надомести темпото.“

Доколку ништо суштинско не се промени, Николовски вели дека постои ризик земјата долгорочно да заостане. Но, според него, граѓаните не треба да се помират со таква судбина. „Земјата може релативно брзо да го врати кредибилитетот ако донесе брза политичка одлука за деблокирање и ако покаже реални резултати во областа на ‘Темелите’.“

„Сегашната ситуација бара јасност во приоритетите и брзи одлуки. Процесот влезе во точка каде што движењето или неговото отсуство ќе ја одреди позицијата на земјата во годините што доаѓаат“, вели Халили, изразувајќи оптимизам дека државата има капацитет да ја надмине ситуацијата. „Најитно прашање останува решавањето на политичкиот ќор-сокак што го блокира отворањето на кластерот ‘Темели’, вклучително и уставните измени. Без тоа, процесот не може да влезе во целосна преговарачка фаза.“

Интеграцијата во ЕУ често се поврзува со стабилноста на меѓуетничките односи. Етничките Албанци го гледаат процесот како можност за надминување на границите меѓу нив во региомот, но и за подобар живот, додека дел од етничките Македонци сметаат дека не треба да има членство без заштита на етничкиот идентитет, особено во услови кога Бугарија ја оспорува историјата и јазикот.

Експертите предупредуваат дека ваквата поделба околу ЕУ може да доведе до тензии како оние од 2001 година, кога земјата беше на работ на граѓанска војна.

„Ризикот постои, имајќи го предвид конфликтот од 2001 година и некои сè уште неразјаснети прашања околу јазичните права и застапеноста, кои произлегуваат од Охридскиот договор и се дел од Уставот“, вели Тилев. „Тоа претставува потенцијал за внатрешни меѓуетнички тензии.“

Сепак, според експертите, ризикот останува низок затоа што Северна Македонија е унитарна држава, членка на НАТО и има европска перспектива. Со решавање на прашањето за уставните измени, земјата може брзо да се приклучи кон групата што се формира – Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.

Членството на Албанија во ЕУ, според Тилев, може да донесе поголем економски развој за таа земја, која веќе бележи рекордни приходи од туризам. Но тоа, вели тој, не треба да се гледа како закана. „Напротив, може да има позитивно влијание и врз нас, поради врските што нашите граѓани ги имаат со Албанија.“

Официјално Скопје смета дека не треба да брза со исполнување на обврските од Францускиот предлог без јасни гаранции од Бугарија. Но Бугарија со години има непроменети и едногласни позиции кога станува збор за Северна Македонија, без оглед на политичката нестабилност и честите владини промени.

„Не очекувам нова политичка конфигурација, со Румен Радев во централна улога, суштински да ја смени позицијата, иако реториката може да се промени“, вели Тилев.

Ниту реформата во ЕУ, која би овозможила премин од едногласно одлучување кон квалификувано мнозинство, не изгледа веројатна за Западен Балкан. Механизмот „пасарела“ тешко дека ќе се примени во овој контекст.

Владата на Мицкоски во последните месеци ја ублажи реториката, барајќи добра волја наместо цврсти гаранции од Бугарија. Во меѓувреме, во Софија речиси и не се занимаваат со Северна Македонија, поради внатрешните политички процеси. Според бугарските власти, прашањето повеќе не е билатерално – Скопје сега има работа со Брисел.

ДОБРО НАПРЕД, НО КАДЕ ТОЧНО СЕ НАОЃА АЛБАНИЈА?

Албанија официјално ги отвори пристапните преговори со Европската Унија на 15 октомври 2024 година, 31 година по одржувањето на првите плуралистички избори во земјата. Речиси една година подоцна, во септември 2025 година, таа ги отвори преговорите за еден од најтешкиот кластер – Зелената агенда и одржливата поврзаност.

Во овој кластер спаѓа и Поглавје 27 „Животна средина и климатски промени“, за кое, според официјалниот одговор на Министерството за туризам за порталот Gogo.al, Албанија немала претходни услови за исполнување поставени од ЕУ.

„Врз основа на текот на законодавните реформи и спроведувањето на еколошкото законодавство, Албанија немаше отворачки или меѓуодредници, туку само завршни одредници. Тие беа официјално доставени во септември 2025 година до Европската комисија и сега Албанија треба да ги преземе потребните реформи и инвестиции за нивно исполнување“, се наведува во одговорот.

Иако формално ги отвори сите групи на поглавја, според експертот за европска интеграција и директор на Европското движење во Албанија, Гледис Ѓипали, затворањето на клучните поглавја поврзани со животната средина и безбедноста на храната останува тешко.

„Тие се тешки за затворање бидејќи бараат значајни инвестиции и од државните институции и од бизнисите, како и силни административни капацитети за да се гарантира спроведувањето на новите стандарди“, вели Ѓипали.

Проектот „Sane27“, со заменик-директор експертот Резарт Капедани, дава поддршка за исполнување на Поглавје 27.

Според Капедани, Албанија има добар напредок, но со новата методологија не се преговара поединечно по поглавје, туку по кластери, што значи дека напредокот зависи и од другите области како транспорт и енергија.

Тој нагласува дека Поглавје 27 е исклучително обемно: има 10 потпоглавја со 75 главни акти (46 директиви и 29 регулативи), а со подзаконските акти бројката надминува 400. Дополнително, 12 од тие акти се донесени во последните четири години. Секторот традиционално бил недоволно финансиран, па сега ќе биде потребен значителен квалитативен скок.

До 2030 година се очекува да се исполнат главните аспекти на спроведувањето што ќе овозможат членство во ЕУ, иако за одредени директиви ќе се преговараат преодни периоди.

ПОМЕЃУ ЗАГАДУВАЊЕТО И ТЕШКОТИИТЕ ВО УСОГЛАСУВАЊЕТО СО ЕУ

Според извештајот „State of Global Air 2025“, во 2023 година во Албанија се регистрирани 2.300 смртни случаи поврзани со изложеност на загаден воздух – 56 смртни случаи на 100.000 жители, што е речиси трипати повеќе од просекот на ЕУ (21 на 100.000).

Патниот сообраќај е еден од главните извори на азотен диоксид (NO₂) и фини честички (PM10) во градовите.

Албанија има неколку постројки за третман на урбани отпадни води, но сè уште е далеку од европските стандарди. Во управувањето со отпад, стратегија со акциски план се очекува до 2027 година.

Според Инспекторатот за заштита на животната средина, годишно се регистрираат 100–150 прекршоци со еколошка штета, од кои 55–66% се во индустриски зони. Околу 60% се должат на лошо управување со отпад, 20% на загадување на воздухот, 25% на испуштање нетретирани отпадни води, а околу 5% на бучава.

 

*Овој текст е изработен во рамките на Тематските мрежи на PULSE, европска иницијатива што поддржува транснационални новинарски соработки.

Related posts

Мицкоски: Слободно користете албански јазик, но македонскиот е официјален во целата држава

admin

Министрите од регионот потпишаа заеднича изјава за борба против корупцијата

admin

Ќе го реши ли „тајниот“ трет протокол болниот спор со Бугарија?

admin

Биден со порака до балканските лидери: Не ги чепкајте договорите од Дејтон, Преспа, Охрид и Резолуцијата 1244

admin

Неделен преглед: Законот за високо образование под притисок на критики и очекувања

admin

ВЛЕН бара одговор од Тирана за задржувањето на тројца функционери на Ќафасан

admin