Адвокатот Петре Шилегов во понеделникот побара од обвинителството да го преиспита својот став и да повлече дел од обвиненијата во предметот „Пулс“, оценувајќи дека постапката е финансиски оптоварувачка за државата и потенцијално правно неоснована.
Шилегов се повика на најновиот брифинг на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), како и на одлука поврзана со истиот кривично-правен настан, со која истрагата за тешки дела против општата сигурност била отфрлена за седум полициски службеници.
Според него, во таа одлука било утврдено дека не постои директна причинско-последична врска за нивното непостапување, поради што тие можеле да одговараат единствено за злоупотреба на службена положба – кривично дело кое, како што рече, веќе е застарено.
„Истата правна логика треба да се примени и во овој случај“, изјави Шилегов, додавајќи дека постои контрадикторност во постапувањето и дека за дел од обвинетите обвиненијата треба да бидат повлечени.
Судијката Диана Груевска Илиевска изјави дека Судот е запознаен со брифингот на ОЈО ГОКК и дека е побарана соодветната одлука, но нагласи дека додека надлежното обвинителство не се произнесе по овој предмет, судската постапка ќе продолжи.
На наводите на одбраната реагираше обвинителот Борче Јанев, кој оцени дека тие се преуранети и несоодветни за конкретниот случај. Тој рече дека Обвинителството сè уште нема увид во релевантните одлуки на ОЈО ГОКК и нагласи дека предметот „Пулс“ не се однесува на полициски службеници, туку на лица со различни функции и овластувања.
Јанев додаде дека одлуките на ОЈО ГОКК не се конечни и дека против нив може да се поднесат жалби од оштетените страни, поради што тие сè уште не се правосилни.

