Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено ги олесни санкциите за дел од иранската нафта, дозволувајќи до 140 милиони барели што се наоѓаат во танкери на море да влезат на глобалниот пазар, во обид да го ублажи растот на цените, соопштија официјални претставници.
Мерката, која според американското Министерство за финансии е временски ограничена, има за цел да ја зголеми понудата на краток рок и да го намали притисокот врз нафтените пазари, кои бележат нагло поскапување поради тензиите на Блискиот Исток.
Официјални лица изјавија дека станува збор за количини нафта што веќе се наоѓаат во транзит или складирани на море, и кои би можеле брзо да бидат пласирани на пазарот. Според проценките, овие резерви би можеле да покријат глобална побарувачка за околу една недела.
Од друга страна, Иран ги отфрли тврдењата дека располага со значајни количини нафта складирани во меѓународни води, оценувајќи дека американските изјави претставуваат „психолошки потег“ насочен кон влијание врз пазарите и инвеститорите.
Аналитичарите велат дека ваквиот потег на Вашингтон ја одразува загриженоста поради наглиот раст на цените на нафтата, кои во изминатите недели достигнаа над 110 долари за барел, зголемувајќи го ризикот од инфлациски притисоци на глобално ниво.
Во исто време, критичарите посочуваат на контрадикторноста во политиката на САД, кои паралелно вршат притисок врз Иран преку санкции и воени активности, додека привремено дозволуваат дел од иранската нафта да стигне до пазарот.
Експертите предупредуваат дека ефектот од мерката ќе биде краткотраен, доколку геополитичките тензии продолжат да ја ограничуваат понудата и да ја поттикнуваат нестабилноста на енергетските пазари.

