Европската унија во 2024 година обезбедила околу 57% од своите енергетски потреби преку нето-увоз, покажуваат податоци објавени од Евростат, што укажува на висока зависност од надворешни извори.
Најголем дел од увозот отпаѓа на нафта и нафтени деривати, кои сочинуваат 67% од вкупниот енергетски увоз во ЕУ. Следуваат природниот гас со 24%, цврстите фосилни горива со 4%, електричната енергија со 3% и обновливите извори со 2%.
Според податоците, Соединетите Американски Држави се најголем поединечен снабдувач на нафта и нафтени производи со удел од 16%, додека Норвешка обезбедува најголем дел од увозот на природен гас со 30%. Најголем дел од увозот на цврсти фосилни горива, главно јаглен, доаѓа од Австралија со 31%.
Зависноста од увоз значително варира меѓу земјите-членки. Највисока е во Малта со 98%, Луксембург со 91% и Кипар со 88%. Од друга страна, најниска зависност е забележана во Естонија со 5%, Шведска со 27% и Летонија со 29%.
Евростат наведува дека стапката на енергетска зависност се пресметува како однос меѓу нето-увозот (увоз минус извоз) и вкупната потрошувачка на енергија.
Податоците се дел од интерактивната публикација „Енергија во Европа – издание 2026“, која овозможува споредба на клучните енергетски индикатори на ниво на ЕУ и поединечни земји.

